Главолом шампионите за 2021!

04.01.2022 11:35
Главолом шампионите за 2021!

Во 2021 година најчести гости во рубриката „Боли глава“ беа луѓето што предупредуваат и укажуваат, „аспирините“: Горан Михајловски, Мирјана Најчевска, Катарина Синадиновска, Сашо Орданоски, Владимир Лукаш...

Се разбира, ги задржавме и традиционалните главоломци, меѓу кои најмногу се истакнаа, очекувано, Зоран Заев и Христијан Мицкоски, водачите на двете најголеми македонски партии. Избравме само пет главоломни изјави од 2021:


Употребата на С. Македонија е понижување кон државата и кон Уставот

Ова прашање е преокупација на сите нас во секојдневните работи во коишто работиме. И прво, нашата држава се вика Република Северна Македонија, не е Република С. Македонија и тоа е прво понижување кон државата и Уставот на државата.

Зоран Заев, МИА, 02.09.21.


„Легализација на дивоградби или ќе уриваме 50.000 домови!“

Можеме денеска да донесеме, еве дослухот на јавноста сте вие новинарите и медиумските работници, и да кажеме „стоп на легализацијата“, нема дилема... Но тоа значи од утре градоначалниците и Транспорт и врски да рушат. Мора да срушат 50 илјади домови. Таа е одлуката пред којашто сум исправен јас и градоначалниците сите.

Зоран Заев, Алсат ТВ, 15.05.21


Клиентелизмот ќе го снема кога ќе бидат сите во власта

Кога сме двете страни внатре во Владата, нема СДСМ и ВМРО да ја партизираат администрацијата. Да, ќе се вработуваат и од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, но кој ќе победи на конкурсот како најдобар, по критериум, по нормативи. Клиентелизмот во судството и јавната администрација ќе го снема кога ќе бидат сите во власта. На кој ќе изиграваат клиенти, на кого ќе гледаат да му угодат кога сите се внатре.

Зоран Заев, СДК, 12.03.21.

За 27 април повеќе треба да ми се извини Зоран Заев

Нема потреба Мицкоски да ми се извини за 27 април, повеќе треба да ми се извини Зоран Заев.

Зијадин Села, ТВ 24, 15.09.21.


Нашата цел на овие избори е да ги одмориме граѓаните од нашата глупавост

Нашата цел на овие избори е да ги одмориме граѓаните од НАШАТА ГЛУПАВОСТ во ова политичко мочуриште.

Христијан Мицкоски, лапсус во предизборна кампања; 02.09.21.


„АСПИРИНИТЕ“ ВО 2021 ГОДИНА

Си замина сосе нивниот кабает

Не знам дали избра да ги слуша само тие што го величаа, или едноставно си мислеше дека „дома ќе биде полесно, отколку со Ципрас“, но остана мистеријата зошто беше спремен дури и да се скара со добронамерните и некористољубивите кога требаше да ги одбрани неспособните и хохштаплерите закачени околу него. Колку ли го имаа задолжено за да им ги штити бизнис интересите? Му го јадеа кредитот што лично сам им го имаше дадено. Ама, за тоа никој не му е крив. Тоа беше негов избор – да ги носи на своите плеќи и нивните криминали.

Си замина од премиерската функција сосе нивниот кабает. Ама им остана лојален до крај. За разлика од оној што избега во Будимпешта, кој не ги ги остави само братучедите и најлојалните блиски соработници да седат по затвори за сè што му текнуваше, туку ги напушти и сопствените малолетни деца.

Горан Михајловски, СДК, 24.12.21.


Партијата е религија, а лидерот Бог

Сите проблеми и порази на Македонија во својата суштина се сведуваат на една проста причина - партократија.

Системот е поставен така што партијата е религија, а лидерот е Бог.

И не е проблем само што партиите се основните клетки, туку што тие клетки се нездрави. Градат организми - чудовишта.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 05.08.21.

Партиите се однесуваат како да освојуваат непријателска територија

Сите политички партии во Македонија во моментот на освојување на власта се однесуваат како луѓе кои освоиле непријателска територија. Тоа значи дека треба да се постават свои лојални кадри на секое раководно место (независно од нивните капацитети, знаење и искуство), да се ограби што е можно повеќе во краткото време кое стои на располагање, да се постават правила кои ги штитат тие кои се во моментот на власт и да се негира било кој облик на континуитет кој во себе го опфаќа целокупниот капацитет на државата.

Во овие услови, изборите станаа посебна трговска гранка која им овозможува постојана прераспределба на освоената територија, легализирано крадење на парите на граѓаните и избегнување на било каква фактичка одговорност, под закрилата на политичката одговорност која се ефектуира на избори.

Мирјана Најчевска, Цивил Медиа, 16.11.21.


Болницата се распаѓа

Не работат ни апарати, ни лифтови, нема тоалетна хартија ни сапун, директорот не можеме да го најдеме, болницата се распаѓа, но најстрашно е што веќе не работат ни операционите сали.

Од писмото на четириесетина хирурзи од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ до министерот за здравство Венко Филипче; СДК, 24.09.21.

Пазете каков криминал, екоцид и расфрлање со народни пари се случува

Малите хидроцентрали лани произвеле само 4 проценти од вкупното домашно производство на струја, а од 2020 до 2021 за тоа добиле 90 милиони евра што е за 41 милион евра повеќе од пазарната вредност поради користење на законски предвидените повластени тарифи врз основа на договор со важност од 20 години, а на товар на крајните корисници, открива ревизијата.

Ревизијата открива и дека малите хидроелектрани не уплатиле 22.8 милиони денари на име надоместок на водно право. Дури 17 мали хидроцентрали од основањето до денес не уплатиле ниту денар.

Ебаве тоа прогресивните, вие сте само прогресивни криминалци.

Ивор Мицковски, Фејсбук, 20.12.21.


Како корупцијата и аматерите ја делегираа, а партиите ја спроведоа енергетската катастрофа

Од 1970 до 1990 во Македонија се направени 1,700 МВ енергетски капацитети. Во следните 30 години администрациите главно водени од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ успеале да создадат само 160 МВ нови капацитети. Дел од нив се и еколошки и економски контроверзни – малите хидроцентрали се главно во рацете на политичари, бизнисмени, па дури и лица од организираниот криминал. За овие капацитети се даваат огромни субвенции, а во вкупното домашно производство учествуваат со само 3,9 проценти енергија.

Бојан Стојановски, ИРЛ, 07.12.21.

Чудно како на Али не му текнува

„Да беше Зоран Заев во 2001 година немаше да се случи тоа што се случи“ - искоментирал лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на денешната конференција во Скопје по повод 20-годишнината од Рамковниот договор. Тоа им го пренесе на присутните организаторот на настанот, првиот вицепремер Артан Груби.

П. С.

Чудно како на Али не му текнува дека и тој да не беше, тоа што се случи немаше да се случи.

Џевдет Хајредини, Фејсбук, 13.08.21.


Македонија - конфедерација на арамиски гнезда

Македонија не е едно арамиско гнездо, таа е конфедерација на арамиски гнезда. Таа е расцепкана и во неа во една ситуација во која од социјализам требаше да се вратиме назад во капитализам за да можеме да одиме напред, ние се вративме уште чекор поназад, ние сме сега во нешто што би го нарекол капиталистички феудализам. Значи една земја, не знам дали можам да кажам држава, прашање е дали ние сме држава, која е дефакто составена од не знам колку феуди во кои владеат партиските моќници рака под рака со новокомпонираните олигарси.

Владимир Милчин, Слободна Европа, 25.07.21.

Паднавте на приемен испит

Ако не можете да се откажете од кесите, како ќе се откажете од непотребното трошење вода и електрична енергија? Како ќе се согласите да не ги сечете дрвјата, да не употребувате пестициди во енормни размери? Како ќе селектирате и рециклирате?

Паднавте на приемен испит.

Мирјана Најчевска, Фејсбук, 02.12.21.


Трета среќа

Во времето на ДПМНЕ имаше трето дете, во времето на СДСМ има трета вакцина, но тешко дека ќе има трета среќа во времето што доаѓа.

Владимир Лукаш, 15.10.21.


Заедно во вселената

ќе иницираме преку НАСА двајца бугарски астронаути, маж и жена, да заминат во вселената, а ќе земеме со нас и еден северномакедонски астронаут. Треба да престанеме да гледаме кон Земјата, туку да почнеме да гледаме нагоре.

Слави Трифонов, водач на партијата „Има таков народ“;, Нова ТВ, 12.07.21.


Карикатури: Harry Bliss 

ОкоБоли главаВицФото