1027 hPa
75 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 07:59
Состојбата со дрвјата во градот Скопје е очајна. Голем дел од старите дрвја кои некогаш го красеа градот се исечени да ослободат место за новите зградурини. Тоа е нормален процес во секој град, но ако изградите комплекс на згради без плански да засадите дрвја околу нив, сте направиле само бетонско чудовиште во кое луѓето ќе се чувствуваат отуѓени.
Дрвјата дишат јаглерод диоксид и други штетни гасови и се природни филтери на ПМ честички.
Затоа, да садиме дрвја!
Но, не е толку едноставно. Сите дрвја не се исти и дека е потребно да се бираат соодветни. Но, дури и да се засадат какви било дрвја тоа е подобро од ништо, нели? Сепак не. Потребно е истите да се наводнуваат и по правило градот (општината, градско зеленило) поставуваат системи за наводнување, но честопати и не поставуваат и дрвјата пресушуваат.
Како Германците се справуваат со проблемот на наводнувањето?
Во Берлин постои интересен проект кој овозможува не само увид во тоа кое дрво е каде засадено, туку и интерактивна мапа на истите, во која за секое дрво посебно може да се добие информација: колку е старо, кога е навадено и неговите потреби за вода.
Повеќе од 2.000 граѓани се регистрирани како „наводнувачи“ кои „посвоиле“ повеќе од 5.000 дрвја.
Табелата погоре содржи дури и со процентуална застапеност на сите (поточно 760.000 од 1 милион) видови дрвја застапени во градот Берлин.
Што правиме ние?
Ние го имаме Зелен катастар, кој прави попис само на засадени дрвја, но порталот „Арно“ во август 2019 објави прилог во кој покажа дека Зелениот катастар не дава слика на реалната состојба на терен, туку само на садниците (види ја сликата подолу). На терен не се проверува дали тие садници успеале, а голем процент од нив не постојат.
Веќе имаме платформа, „Зелен катастар“ која само треба да биде поинтерактивна, на што укажавме во нашиот текст – воедно пофалба и критика на истата платформа. Всушност самиот проект и подразбира слични функции, но тие се чини не се во функција, како на пример, сегментот „еколошки анализи“ (види ја сликата подолу).
Се разбира дека не е возможно „градот“ како апстрактен поим да има увид во сите дрвја и потребна му е помош од граѓаните!
Заедно можеме да ги спасиме дрвјата!
Сузан Деј, професорка по урбано шумарство на Универзитетот во Британска Колумбија, верува дека проектите како „Pour the Neighborhood“ би можеле да имаат голема важност заради климатските промени и додава дека не е претерано да се каже дека:
„Здравиот човечки живот зависи од вегетацијата што не' опкружува.“
Извор: Арно