Од волчица до проститутка

05.01.2022 00:34
Од волчица до проститутка

На сајтот на издавачката куќа „Вулкан“, во рекламата за книгата „Разговори со Томас Бернхард“, издвоена е изјава за преведувањето, која би можеле да ја сумираме вака: „Нема поништожна работа од книжевното преведување“. Ако претпоставиме дека Томас Бернхард навистина го изјавил тоа, а немаме причина за сомнеж, можеме да го занемариме фактот дека можноста да ѝ се чудиме на неговата изјава му ја должиме токму на преводот, но мораме да се запрашаме дали тој ги читал книгите само на јазиците кои ги владеел или дел од своето широко образование го стекнал читајќи преведени книги.

Ако на Каменот од Розета не беше исклесан старогрчкиот превод на египетскиот текст, веројатно никогаш не би ги протолкувале хиероглифите. Малку познат податок е дека Десетте божји заповеди се селективен превод на 125 поглавја од Египетската книга на мртвите, додека Лутеровиот превод на Библијата на германски довел до раскол во Католичката црква и формирање на протестантизмот. Претходните дванаесет векови христијанската култура се темелела на два преводи - Септуагинта и Вулгата. Додуша, преводите ги прават луѓе, а тие, како што е познато, грешат. И така Мојсеј во католичката традиција со векови се прикажува со рогови на главата зашто Свети Јероним го превел старохебрејскиот збор карнаим (блескав) со латинскиот збор корната (рогат). Интересно е што во Септуагинта, како што Јероним ја преведувал Библијата, пишува блескав. Дури во таканаречената Климентова Вулгата од 1604 година главата на Мојсеј ги изгубила роговите и почнала да блеска.

Заради грешка во преводот луѓето и денес велат дека на богатиот му е потешко да влезе во царството небесно отколку на камилата да помине низ иглени уши. Евангелистот впрочем сакал да каже дека на богатиот му е потешко да влезе во царството небесно отколку да протне бродско јаже низ иглени уши. Сите знаат за римската волчица која ги одгледала Ромул и Рем, но помалку е познато дека Римјаните ја нарекувале волчицата проститутка. Од сегашна перспектива е тешко да се суди што е во коренот на легендата, но наведениот факт, особено во светло на другите примери, бара одредено внимание.

Ни ден денес не постои согласност дали Матеј, кога се повикувал на Исаија, сакал да каже дека Исус го родила девица или млада жена. Зборот што го користи Исаија (алма) означува млада жена. Авторите на Библијата за девица го користат зборот бетула. А нема потреба да се нагласува какво влијание има оваа преведувачка нејаснотија врз историјата и човечкото општество.

Преведувањето е неповратно вткаено во сите пори на нашата цивилизација. И го одржува своето присуство во неа.

Кога Бог ги измешал јазиците за луѓето да не ја изградат Вавилонската кула, им го отежнал разбирањето, но истовремено, веројатно намерно, зашто Бог ништо не прави случајно, им дал можност безгранично да го збогатуваат својот поимен јазик преку обид да го разберат туѓиот.

Ова се некои општи моменти од историјата на преведувањето, кои токму заради општоста често се губат предвид, па не е на одмет понекогаш да се потсетиме.

Така било некогаш. А како е сега?

Авторот е преведувач од руски јазик и претседател на Здружението на книжевни преведувачи на Србија (УКПС).

Превод: Алек Кузмановски

Илустрации: Yuval Robichek

Извор: Политика

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото