Дија Кан, храбра жена која се бори против нацизмот со камера и човечки муабет

05.01.2022 14:03
Дија Кан, храбра жена која се бори против нацизмот со камера и човечки муабет


Дија Кан (Deeyah Khan) е муслиманка од Норвешка, со потекло од Авганистан и Пакистан, активистка и новинарка која прави документарци со екстремистичките групи во Англија и САД. Нејзиното „портфолио“ опфаќа интервјуа со членови на Кју Клукс Клан, џихадисти, бели екстремисти, неонацисти итн.

На прашањето зошто некој воопшто намерно би се ставил во такви опасни ситуации, таа одговара дека е заинтересирана за човечката природа, за причината зошто луѓето воопшто веруваат во одредени работи и зошто прават екстремни нешта.

Таа додава дека зад целата идеологија постои човечко суштество и тоа е примарен интерес на нејзината работа, но не со цел да го оправда, туку да дојде до с'ржта на проблемите и да се најде решение.

Се разбира, како муслиманка во Норвешка, како што вели самата, растела опкружена со „море од русокоси луѓе“, честопати била изложена на расизмот, национализмот, верската нетрпеливост и ксенофобијата. 

Сцена од документарниот филм на Дија „Белата десница: Запознавање на непријателот“ (2017) – Звучи познато? Во нашата држава националистите користат една слична парола. 

Нејзиниот став е дека во с'ржта на сите екстремистички ставови, независно од тоа дали се работи за џихадисти или неонацисти, постои една вистина: секогаш станува збор за луѓе кои се ранливи и во потрага по смисла. Тие трагаат по значење, припаѓање, чувство на цел, братство, другарство, начин на пронаоѓање на суштина во свет кој се менува пребрзо пред нивните очи, свет во кој не вредат ништо и немаат моќ.

Таквите луѓе се главна цел и стануваат жртви на екстремистичките групи и организации кои активно и со предумисла ги регрутираат за своите политички цели. Психолошкиот, емитивниот и социолошкиот профил на таквите „жртви“ е еднаков во сите култури, верувања и идеологии.



Што можеме да направиме?

Сите набројани потреби, според Кан, се базични човечки потреби и улогата на општеството е да ги задоволи за да се спречат „-измите“ и во мнозинството и во малцинските групи. Таа зборува за тоа дека „малцинствата не се ништо поинакви од мнозинствата,“ и кај нив постојат прекрасни луѓе, како и тешки, агресивни и ужасни луѓе, како и во секоја заедница. И таму постојат расисти, националисти итн.

Пристапот на Дија Кан е индивидуалистички. Слично на пристапот на и Дерил Дејвис (Daryl Davis), црнец кој преобратува членови на Кју Клукс Клан.

Кан исто така присуствува на неонацистички протести, интервјуира џихадисти, поминува часови со „супрематисти“ на белата раса поставувајќи им лични прашања и обидувајќи се да ги разбере суштински. Ова е неверојатно храбар и доблесен чин, да разговарате со луѓе кои ве презираат и кои потенцијално сакаат да ве нема.

Кан има добиено многу закани по животот, од бели националисти кои ја гледале нејзината изјава дека „Англија никогаш повеќе нема да биде бела“, од муслимански шовинисти кои ја гледале како свири на концерти како дете и сметале дека жена не смее да се занимава со музика, од џихадисти кои и се заканувале заради нејзините феминистички ставови, до неонацисти кои едноставно ја сметале за жена со „гомно-боја“ на кожата. 

Режисерката Дија Кан седнува со бел супрематист во „Белата десница: запознавање на непријателот 

Во подкастот со Расел Бренд, кој е сниман во ноември минатата година, Кан (околу 18-та минута) зборува за средбата со главниот човек на национал-социјалистичкото движење во САД, Џеф Скуп (Jeff Schoep). По деновите и часовите поминати со Џеф, муабетот за заканите по живот кои ги добивала, нејзиното минато, неговото детство и мигот кога на 13 години го читал „Мајн Кампф“ од Хитлер, се чини дека Скуп е потресен затоа што до тој момент никогаш во животот не се почувствувал близок со некој од поинаква религија, раса или култура.

Кан дополнува дека Скуп е се' уште (ноември 2019) главен во организацијата на неонацисти во САД, но последните вести од април 2020 година зборуваат поинаку. По децении учество во движењето тој го има напуштено и планира да помогне во неговото уништување. Како дел од причините ги наведува разговорите со Дија.

Погледнете го разговорот во целост со оваа интересна, храбра и доблесна личност:


 

Извор: Арно