Најдобрите серии во 2021

05.01.2022 13:50
Се' што сјае


 Како и секогаш, многу повеќе серии не стигнав да погледнам, па така и овојпат не ми дојдоа на ред: Tear Along the Dotted Line, Maid, It's Always Sunny in Philadelphia, Station Eleven, Squid Game, последната епизода од The Expanse... Не ја гледав, ниту ќе ја гледам, бидејќи едноставно не е мој фазон, Mare of Easttown.

А од многу добрите овогодишни серии за кои за жал нема место на оваа листа, особено би ги истакнал: Big Mouth, Girls5eva, Loki, Only Murders in the Building, We Are Lady Parts, WandaVision, Search Party, American Crime Story: Impeachment, For All Mankind и Work in Progress.

Ова беше одлична година за серии! Иако отпрвин не изгледаше дека ќе биде така поради, кахм, вонсериската суша од интересни нови наслови во првите, зимски месеци (што, меѓутоа, за возврат пружи идеална прилика за надополнување на пропуштеното, во мојот случај пред сè со Big Mouth и The Expanse). Напролет земаа залет и до летото понудата беше толку богата и разновидна што човек никогаш не би рекол дека сето тоа е снимано за време на пандемијата во отежнати продукциски околности. Па, еве ги моите лични фаворити...

Сцена од Acapulco

20. Acapulco

Мексиканска фил-гуд, главно хумористична серија на Apple TV, па ја бие не баш досетливата фама на „мексikански Тед Лазо“. Со кој и нема многу допирни точки, но ако спаѓате меѓу они кои останале малку разочарани од наративното и карактерното талкање во втората сезона на Тед, дајте му шанса на Acapulco, се исплати.

19. Joe Pera Talks with You

Животот во мало место е главно досаден, но е и забележливо поопуштен од животот во градот. Кога и да започне некоја епизода на Џо Пера, чувството ми е како она кога после некое време минато во Загреб ќе се вратам во своето родно мало крајбрежно место и мигот штом излезам од автобусот – како да сум зачекорил во некоја друга, посмирена димензија. Терапевтското дејство на овие понекогаш духовити, понекогаш нежно бизарни, но секогаш лековито нежни серии е непроценлив.

18. Rick and Morty

Рик и Морти се интернетска опсесија. Секој нивен потег е под лупа и секоја, па и најмала, сопка предивикува лавина огорчени критики, како, на пример, онаа ноторна епизода кога Рик организираше недоволно блескаво пристигање, а Морти положи венец на Регановиот гроб со сперматозоиди – според многумина најлошата во серијалот. И, иако се сложувам дека таа не им беше баш врвна, целокупниот однос на добри и лоши епизоди ми е како и претходно: две-три лоши до безвезе, две-три добри до многу добри, и четири-пет лудо ОМГНАЈДОБРИНАСВЕТ мајндфак епизоди. Можеме ли тогаш да речеме дека и натаму ми нема поголем среќа од материјализирањето на нова епизода на Рик и Морти? Можеме!

17. Mythic Quest

Мотивот на работно место на кое сите едвај се поднесуваат и постојано „си спуштаат“ едни на други е еден од најголемите златни рудници на ТВ хуморот, па малку ми е жал што оваа серија за гејмерска фирма не е секогаш онолку смешна колку што би можела да биде. Но, знае да биде доста смешна, а и знае да брилјира кога оди во драма – шестата епизода од втората сезона е една од врвните од овогодишната ТВ продукција.

Сцена од What We Do in the Shadows

16. What We Do in the Shadows

Ако вампирската четворка од Стејтен Ајленд ви е најзабавна кога мора да се справува со баналното невампирско секојдневие – од изнесување жалби на седниците на Градското собрание до гледање Супербол со соседите – не би ме чудело третата сезона да не ви легнала најдобро, бидејќи, иако го имаше и тоа (како на пример во онаа одлична епизода во Лас Вегас), What We Do in the Shadows овојпат повеќе се фокусираше да ја збогати својата митологија со нови караконџоли. А детето во мене никогаш нема да престане да се радува на нови караконџоли, така што мене скроз ми легна!

15. The Great

Не сум читал интервјуа со сценаристот Тони Мек Намар па можно е да се лажам, но сеедно би се осмелил да претпоставам дека изворно и не било замислено царот Петар III да биде толку важен лик и во втората сезона на The Great туку дека така било дополнително одлучено откако Николас Холт се покажал толку предобар и презабавен во улогата. Бидејќи, колку и оваа серија да не му робува на историскиот реализам, начинот на кој Петар продолжува да фигурира и после пучот на Катарина Велика во почетокот ми предизвикуваше... па, поприлични проблеми со суспендирањето на гледателското неверување. Исто и, генерално земено, недостатокот на авторитет и цврста рака на Катарина, која по првите три-четири епизоди излегува од рамката на очекуваните тегоби на воспоставување власт и загазува во оној вид неспособност поради која и во најмалку реалистични сценарија би ѝ летала главата до крајот на епизодата. Но, нештата почнуваат да си доаѓаат на место кога The Great, заедно со своите ликови, ќе се препушти на чудните патишта на љубовта и копнежот и само расте од епизода во епизода, сè до климаксот за паметење.

14. Sex Education

Со својата трета сезона, Sex Education влезе во фаза во која драмедии од нејзин ков веќе ретко завршуваат на вакви листи: не е дека серијата е полоша од претходно, но не е ниту веќе светликава нова ТВ-играчка, па полесно ја земаме здраво за готово. Добар туѓ коментар од расправа на еден форум: „Ова е една така неумоливо, брутално морална серија. Сите ликови на крајот добиваат точно онолку количина среќа и задоволство колку што заслужиле. Ако мамиш и ако лажеш, ќе си го добиеш. Ако си искрен и ако ја признаеш вистината, ќе бидеш награден. Секако дека во реалноста не е баш така, но сакаме да биде така. И затоа е некако исклучително задоволувачки да се гледа како едни ги достигнува заслужена казна, додека искрениот труд на други е награден.“

Сцена од Hacks

13. Hacks

Џин Смарт како комичарска дива налик на Џоан Риверс. Десет епизоди на Џин Смарт во улога на комичарска дива налин на Џоан Риверс! Па ако тоа не е автоматска препорака за гледање, стварно не знам што е?! Е, и ако сакате драмедии за навидум целосно различни и различно сјебани луѓе кои полека откриваат дека се сродни души, тогаш уште потопла препорака.

12. Reservation Dogs

Конечно настануваат позитивни поместувања во застапеноста на домородните Американци на американскиот ТВ-пејзаж: оваа година имавме и солиден Rutherford Falls кој би бил многу подобар да не беше главниот лик добростоечки привилегиран белец, што дотолку фрустрира бидејќи тој е и најмалку интересниот од сите ликови. Но, затоа, Reservation Dogs нема такви проблеми. Тоа е серија од една заедница за истата таа заедница и раскажува приказни какви што досега ретко се гледале на малиот екран. Со тоа што е стилско-тематска бомбониера во која секоја епизода е деликатес за себе, често ме потсетува на Atlanta.

11. Evil

Една забелешка што ја имам за овој излет на брачно-авторскиот пар Кинг (The Good Wife, The Good Fight, Braindead) во хорор-водите е што неделните епизодни случаи се надополнети со назнаки дека зад сè постои и некоја поголема, кровна приказна, а јас две сезони подоцна и натаму немам впечаток дека таа приказна постои, туку само дека парот Кинг и екипата нафрлаат идеи во надеж дека во некој миг ќе им се искристализира некоја конкретна нишка. Втората забелешка е очигледно многу субјективна, оти доста луѓе сметаат дека во втората сезона е засилено морничавото чувство – иако јас мислам обратно, дека втората по тоа прашање заостанува зад првата која знаеше да ми биде баш необично и невообичаено морничава за една ТВ серија. Но, евентуалниот недостаток на морничавост е надоместен од уште поизобилни WTF моменти и каде и да заврши сè заедно, не ми е толку важно при вакво лудо возење.

(продолжува)

Извор: Kulturpunkt