Бадник (две песни)

06.01.2022 15:47
Бадник (две песни)


Бадник

Татко го кршеше лебот
А на покривот од нашата куќа
Слетаа соѕвездија
На трпеза имавме
Бокал вино и свеќа
Ликот на претците да го развидели

Беше свиден ден
Змија ни г’рчеше под прагот
И на сон ја демнеше
Новата мена на месечината

Нам, пак, од премногу убавина
Ниту ни се јадеше
Ниту ни се пиеше
И виното и лебот
На трпеза ги оставивме

Како вечера за нашиот семеен Дух.


Последната сеидба на бате
(На бате Љубе како на Орфеј)

Таа есен бате со рало-лира
Ја заора нивата
Во недостиг на семе го посеа
Лицето на Богородица

Пролетта
Сите ниви родија жито
А нашата – малечки богородички
Прекрасно беше таа пролет
Да се спие на наша нива
Само така можев да го чујам
Хорот што го озвучуваше
Мртвото лице на бате

Таа пролет
Нашите богородички
Се сушеа
Дали од суша
Или пак од жал по бате
А нивата се’ повеќе
Заличуваше на мајка

..............................
..............................
..............................

И по толку години
Мајка кога ќе принесе
Вечера на трпезата
Јас скришно го ставам увото на лебот
Да ја наслушнам рало-лирата
Што го продолжи мртвото тело на бате


Извор: „Двери“ (1992, Култура)

 

 

ОкоБоли главаВицФото