Бебиња во излог

08.01.2022 02:19
Бебе во излог

Покрај летната суша и високата стапка на невработеност, Мексико го достигна неславното трето место во светот според страшните последици од пандемијата со коронавирусот. Мерките за сузбивање на оваа болест пореметија многу бизниси, оние кои се извршуваат во текот на целата година како и сезонските. Но ги пореметија и семејните и пријателските односи, заради потребата да се намали физичката блискост помеѓу луѓето.

Сосема е вообичаено многубројни пријатели и членови на семејства да ги посетат новороденчињата во првите недели од животот, да ги поздрават новороденчињата заедно со луѓето што ги сакаат. Кога тоа стана невозможно, не седеа сите со прекрстени раце. Ернесто Гонзалес и Рохелио Хил работеле на организирање концерти и летни фестивали во градот Монтереј и на други места во мексиканската сојузна држава Нуево Леон. Без јавни настани нивното претпријатие одеднаш останало без работа.

Гонзалес и Хил долго размислувале што да прават со знаењето и опремата што ги поседуваат. Се вели дека добар изум е оној што исполнува некаква потреба што ја имаат луѓето. Многу Мексиканци имаа потреба да се запознаат со приновата во поширокото семејство на безбеден начин. Така се создаде проектот „Бејби кабин парејд“ (Baby cabin parade), со првото семејство Гутиерез-Авила. Новото дете е со кревко здравје, како и неколкуте постари членови на семејството, па секоја средба во живо била незамислива. Нивниот случај бил најдобра реклама за новиот бизнис на овие мексикански претприемачи.

Замислата е мошне едноставна. За таа цел посебно бил преуреден еден камион. На него, одзади, наместо сцена за танцувачи се наоѓа кабина со заштитно стакло. Оваа провидна соба е опремена со удобен мебел и посебни филтри за прочистување на воздухот. Камионот доаѓа до куќата на среќните родители кои можат да влезат во кабината и да им го покажат своето новороденче на роднините и пријателите. Посетителите можат да застанат пред камионот со своето возило или пешки - сè додека не прават турканици и носат маски. По секоја посета кабината темелно се дезинфицира и може да појде на следното место, на прослава на некое друго семејство.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: Политикин забавник