1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Во општествените науки, пред сè во социологијата, една од темелните идеи е дека општествениот/класниот статус на поединецот во голема мера се наследува, односно дека класниот статус на нашето семејство влијае на нашите животни можности и „успеси“. Бројни истражувања ја докажаа врската помеѓу приходите на возрасните лица и приходите на нивните семејства во детството, како и влијанието на степенот на образование на родителите во однос на степенот на образование на нивните деца, а последично и на нивото на приходите. Како еден од бројните примери може да послужи големото истражување за социјалната мобилност во САД, спроведено во 2014 година, кое покажа дека децата на богатите родители имаат осум пати поголема шанса да завршат факултет од децата на сиромашните родители. И покрај тоа, во јавниот простор често циркулираат идеи за мрзеливоста на одредени нации, етнички групи или едноставно поединци, дури и кога не се одредени од ништо друго освен возраста, како „мајкини синови“ кои не сакаат да се преселат од родителскиот дом. Ако ги занемариме предрасудите, во позадината на таквите ставови се наоѓа негирањето на социјалната нееднаквост, односно фактот дека за животен успех по правило е потребно многу повеќе од труд и волја.
Иако постојат истражувања кои даваат понијансиран увид во механизмите на социјалната нееднаквост, корисно е да се посвети внимание и на новите податоци на Евростат кои укажуваат на совпаѓање на семејната финансиска ситуација во детството и ризикот од сиромаштија во возрасната доба. Овие податоци даваат увид во постоењето очигледна врска помеѓу финансиската ситуација на возрасните лица со нивната семејна позадина, како и во интензитетот на оваа поврзаност во сите држави од ЕУ. Меѓу лицата чие домаќинство било во лоша финансиска ситуација кога имале 14 години, стапката на ризик од сиромаштија изнесува 20,3 проценти додека меѓу лицата чија семејна финансиска ситуација била добра кога имале 14 години стапката на ризик од сиромаштија изнесува 13,4 проценти.
Извор: Eurostat
Стапката на ризик од сиромаштија кај лицата со лоша финансиска ситуација во детството варира од 10,2 проценти во Чешка до 40,1 процент во Бугарија, додека стапката на ризик од сиромаштија кај лицата кои се наоѓале во добра семејна финансиска ситуација во детството, варира помеѓу 5,9 проценти во Чешка и 16,6 проценти во Шпанија. Во речиси сите членки на Европската унија (сите освен Данска) стапката на ризик од сиромаштија е повисока за лицата со лоша семејна финансиска ситуација во минатото, но интензитетот на таа поврзаност исто така варира во некои држави од ЕУ: најголеми разлики во ризикот од сиромаштија помеѓу лицата со лоша и добра семејна финансиска ситуација во минатото се забележани во Бугарија (27,6 проценти), Романија (17,1 процент) и Италија (14,8 проценти). Од друга страна, најмали разлики се забележани во Латвија (0,6 проценти), Австрија (0,7 проценти), Естонија (1,8 проценти) и Финска (2 проценти). Овие разлики се поврзани со распространетоста на сиромаштијата во одредени држави, како и со системите за социјална заштита кои имаат посредувачка улога помеѓу „бруто“ и „нето“ сиромаштијата, односно сиромаштијата пред и после социјалните трансфери. Бидејќи истражувањата покажуваат дека поврзаноста на приходите со приходите на родителите е поинтензивна ако се мери во период на повеќе години, може да се претпоставо дека податоците на Евростат, кои ја земаат предвид финансиската ситуација на семејства во период кога испитаникот имал 14 години, донекаде и го намалуваат интензитетот со кој класниот статус на семејството го одредува подоцнежниот класен статус на поединецот.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Cinta Vidal
Извор: https://www.bilten.org/