Заемното преведување на словенечката и македонската поезија за деца

08.01.2022 14:08
Заемното преведување на словенечката и македонската поезија за деца

-Во триесетгодишниот период на независни Словенија и Македонија беа објавени само две дела од македонската литература за деца во словенечки превод и триесет книжевни преводи на словенечки детски дела на македонски јазик, а меѓу нив се само три поетски.

-Преводите на „Педапед“ и „Мачорот Мури“ се формално и содржински совршени; „Мојот тато“ е помодерно дело  но, сепак, формално и во вокабуларот наместа се оддалечува од оригиналот; Во делото „Ljubim knjigo“ преведувачката во голема мера ја зачувала и римата и со тоа ја задржала и игривоста и нежноста.

-Дистрибуцијата и рецепцијата на преведените словенечки сликовници во Македонија се скромни, додека, пак, во Словенија дистрибуција и рецепција на македонската детска книга во последните триесет години воопшто нема.


Вовед

Македонија и Словенија од 1945 до 1990 година беа дел од некогашната заедничка држава СФРЈ, а од 1991-та и двете се осамостоија, затоа истражувањето за меѓусебното преведување на поезијата за деца е засновано во овие две етапи. Во периодот од 1945 до 1990/91 заедничката културна политика беше причина за организираното меѓукултурно посредување, а по распадот на СФРЈ, ситуацијата се промени. Во трудот зедовме предвид одредени делови од досега објавените прегледи за заемното преведување на словенечката и македонската книжевност (Мојсиева-Гушева 1997, Банар 2005, Subiotto 2007, 2013, Bobnar 2020), при што се сосредоточивме само на поезијата за деца. Поимот поезија за деца го употребивме како заеднички поим за поетското творештво за детето читател (од раѓањето до 14-тата година) и за читателот адолесцент (до 18-тата годинa).1 Податоците ги добивавме од различни извори: од каталогот COBISS, базата на преводи од Javna agencija za knjigo Republike Slovenije (Јавната агенција за книга на Република Словенија) и порталот Slovenska bibliografija (Словенечка библиографија).

Податоци за преводите на словенечката поезија за деца на македонски јазик и македонската на словенечки јазик Базата на податоци COBISS е создадена врз основа на желбата за систем на заемна каталогизација како заедничка основа на библиотечно-информацискиот систем, како и системот на научно-технолошки информации од поранешна Југославија. Во COBISS.net се вклучени осум држави, вклучувајќи ги и Словенија и Северна Македонија. Барањето за пребарување го обликувавме така, што го определивме јазикот на оригиналот, јазикот на преводот, го ограничивме временскиот период и целната публика. Резултатите потоа ги проверивме дополнително бидејќи жанровската ознака на делата беше во некои случаи несоодветна. Ги отстранивме дупликатите на записите и делата со дидактична содржина. Бидејќи секоја членка на COBISS во системот означува само дела што се во библиотечниот фонд, може да дојде до несовпаѓање во бројот на запишани дела, па затоа собравме податоци како од словенечката, така и од македонската база на податоци.

Од 1945 до 1990 година на македонски јазик излегоа вкупно 60 книжевни преводи на словенечки дела за деца од 32 автори. Меѓу резултатите се најдоа и следниве дела кои ѝ припаѓаат на поезијата за возрасни: Soči; rodoljubne pesmi од Симон Грегорчич (На Соча; родољубни песни во превод на Бистрица Миркуловска)2, Izbrane pesmi (Одбрани песни во превод на Гане Тодоровски) и Sonetni venec од Франце Прешерн (Сонетен венец во превод на Славко Јаневски), како и делата на Иван Цанкар и хрватскиот автор Григор Витез. Гореспоменатите дела, како и сите дела со дидактична содржина, дупликати на записите и препечатени изданија, ги исклучивме од анализа и во наведениот број не беа опфатени. Од целокупниот фонд, поезијата за деца е застапена само со две самостојни книги: Ciciban од Отон Жупанчич, во превод на Ацо Шопов (Цицибан, прво издание во 1956 год., препечатено 11 пати, последен пат препечатено во 1987) и Franca izpod klanca од Каетан Кович, во превод на Гане Тодоровски (Итрицата Мица, 1965).


Словенечка поезија за деца наоѓаме и во антологијата Братимења: Современа југословенска поезија за деца, составена од Видое Подгорец, во која вклучува шеесет поети со по една песна, а меѓу кои се: Нико Графенауер („Крокодили“), Отон Жупанчич („Цицибан заспива“), Дане Зајц („Врата“), Славко Хочевар-Југ („Брод“), Каетан Кович („Мечкино училиште“), Тоне Павчек („Интервју“), Франце Филипич („Сѐ е поинаку“) (Подгорец 1990)3. Во својот поговор, од словенечките поети Подгорец го истакна Жупанчич и го назначи за прв поет кој создаде поетски циклус за еден јунак (Подгорец 1990: 62), а поговорот го заклучи со мислата дека тоа е прво запознавање со богатата ризница на југословенската поезија за деца и дека топлиот југословенски покрив ќе нѐ штити и во иднина (исто: 63), меѓутоа заедничката држава веќе се распадна следната година по објавувањето на антологијата.

Од 1991 до 2020 години, пак, на македонски јазик беа преведени 30 дела со назнака словенечка уметничка литература за деца од 24 автори, односно уредници. Поезијата ја застапуваат следниве наслови: Pastir од Матија Валјавец во превод на Петко Домазетоски (Овчар), кој требаше да излезе во 1999 година за Друштвото за наука, култура и уметност „Браќа Миладиновци“ од Струга, меѓутоа во базата е наведено дека делото се печати и дека ниедна библиотека нема примерок од него, затоа во анализата не го зедовме предвид, Moj očka од Лила Прап, во превод на Коста Ќулумовски (Мојот тато, 2007) и Pedenjep од Нико Графенауер, во превод на Пандалф Вулкански и Давор Стојановски (Педапед, 2016), меѓутоа ја додадовме и книгата Maček Muri од Каетан Кович, исто така во превод на Д. Стојановски (Мачорот Мури, 2017), затоа што освен прозен текст, содржи и песни.

При наведувањето на македонскиот јазик како оригинален и словенечкиот јазик како јазик на преводот, во првата етапа добивме дваесет резултати, меѓу кои е само една самостојна поетска збирка: Под стреата на ѕвездите од Стојан Тарапуза, во превод на Славко Југ (Kako prikličeš zvezdo, 1986). Македонската поезија за деца е присутна уште во две антологии.

Во воведот на антологијата Pa mi verjamite: izbor jugoslovanskega modernega pesništva za mladino, Нико Графенауер, кој во придружните текстови јасно го наговара младиот читател и го запознава со биографијата и со поважните дела на поединечни автори, вака го објаснува својот избор: „Во неа собрав песни од различни поети од цела Југославија, делувајќи пред сѐ во согласност со својата намера да ја направам поетската изложба што ја подготвив за вас, што е можно поживописна и разновидна. Мојата намера не беше да вклучам сѐ што беше вредно и карактеристично напишано за вас, затоа што е тоа работа на поетските антологии, туку сакав да ги прикажам главните контури на поетската креативност за младите кај нас“ (Grafenauer 1980: 10). Во книгата што ја илустрира Милан Бизовичар наоѓаме песни од шест македонски поети: од Славко Јаневски („Upor dežnikov“, прев. Северин Шали), Глигор Поповски („Tata“, прев. Нико Графенауер), Стојан Тарапуза („Lahko noč, dete“, прев. Шали; „Cvet in zlato“, прев. Графенауер), Видое Подгорец („Zbogom petnajst let“, прев. Графенауер) и Бошко Смаќоски („Sanje“, прев. Шали).

Владимир Милариќ, авторот на антологијата Roža čudotvorna: Antologija sodobnega jugoslovanskega pesništva za otroke, која излезе во уредништво на „Младинска книга“ во 1985 година, во тираж од 2000 примероци, во воведниот текст напиша дека националните антологии на поезијата за деца, врз кои се потпира при својот избор (ги споменува, на пример, приказите од Нико Графенауер за словенечката и од Ѓорѓи Арсовски за македонската), се настанати неодамна и дека ваквите поетски антологии за деца во Југославија се многу ретки, како и дека различните естетски координати, различните нивоа на развој на оваа поезија во определени средини, како и различните јазици, ја попречуваат сеопфатната претстава, „што ќе ги поврзе сите разлики во релативно заокружена целина“ (Milarić 1985: 10). На 382 страници опсежна антологија, во којашто се објавени повеќе од 260 песни од 75 југословенски поети, ги вбројува следниве автори од Македонија: Славко Јаневски („Štiri murnove pesmi“, „Pesem o pesmi Barbare Skale“, „Pesem o Japoncu in še očem“, „Upor dežnikov“, прев. Славко Југ и Северин Шали), Зекерија Неџати („Jezero“, прев. Франци Загоричник), Глигор Поповски („Imena“, „Tata“, прев. Славко Југ, Нико Графенауер), Стојан Тарапуза („Pokrajina“, „Noč“, „Svitanje“, прев. Славко Југ), Михо Атанасовски („Naša vas“, прев. Славко Југ), Видое Подгорец („Golobi“, „Kos“, прев. Славко Југ), Адам Гајтани („Mavrica, o mavrica“, прев. Иван Минати), Рајко Јовчевски („Odprite vsa okna“, прев. Франци Загоричник), Бошко Смаќоски („Sanje“, „Poldne“, „Nekoč je bila dežela“, прев. Славко Југ, Северин Шали), Милутин Бебековски („Panorama“, „Kališta“, прев. Славко Југ). Милариќ (исто: 347) додава и свое мислење за преводите: „Многу од песните во оваа книга се првпат преведени и тоа по нарачка, така што е сосема природно да не може секаде да се очекува совшеност во преводите“. Но, можеме да бидеме сигурни дека песните во преводот го чуваат ритамот, римата и лексиката, соодветна и привлечна за младиот читател, и покажуваат дека преведувачите (сите се поети!) имаат неверојатно чувство за јазик.

Во другата етапа од македонските дела за деца на словенечки беа преведени само следниве: радиската игра Пепелашка во диско од Томе Арсовски, во превод на Франце Вурник (Pepelka v disku, 1998, за Радио Словенија),4 делото од Александар Кујунџиски Сакам книга, во превод на Бистрица Миркуловска (Ljubim knjigo, 2009), која содржи избор песни, приказни и кратки драмски текстови, и народната приказна „Умот и ксметот“ во збирката Pravljice nekdanje Jugoslavije in slovenskih narečij („Pamet in sreča“, 2019, прев. Матеј Тратник). Ги прегледавме и базата на преводи на веб-сајтот Javna agencija za knjigo Republike Slovenije (Јавна агенција за книга на Република Словенија), каде што не најдовме нови податоци, и порталот Slovenska bibliografija (Словенечка библиографија), каде што најдовме само неколку записи, кои соодветствуваа на веќе забележаните резултати од COBISS, и податок за уште еден препечатен превод на Цицибан (1990).


Анализа на книжевните преводи на словенечката поезија за деца на македонски и македонската на словенечки јазик во периодот од 1991 до 2020

Во периодот од 1991 до 2020 на македонски јазик беа објавени само три книжевни преводи од словенечка поезија за деца: Moj očka со текст и илустрации на Лила Прап, Pedenjped од Нико Графенауер со илустрации на Марјан Манчек и Maček Muri од Каетан Кович со илустрации на Елка Рајхман. Сите овие дела во базата COBISS.SI се означени како сликовници, наменети за децата во претшколска возраст (Moj očka) или на децата во школска возраст (Pedenjped и Maček Muri)5, и сите овие во преводот, исто така, содржат илустрации од оригиналот. На словенечки јазик, пак, беше објавен само еден книжевен превод на македонската поезија за деца, и тоа делото на Александар Кујунџиски Сакам книга, во превод на Бистрица Миркуловска. Во продолжение со функционалниот пристап (Newmark 2000: 294) ќе разгледаме одредени преводи и ќе се обидеме генерално да оцениме дали преведениот текст се совпаѓа со илустрациите, дали се зачувани формалната и звучната слика на песната, и делумно, каков е лексикалниот пренос на текстот.


Мојот тато

Мојот тато од Лила Прап „темели на односот дете/младенче – неговиот татко,“ забележува Драгица Харамија и констатира дека животните во песните не се именувани и дека детето дури преку сликата осознава за кој животински вид станува збор. Исто така вели дека и катрените имаат „во најголема мера нецелосна вкрстена рима, а текстовите се формирани на стриповски начин бидејќи се запишани во ‘облачиња’ коишто укажуваат на тоа дека зборувачот на стиховите е дете/младенче“ (Haramija 2007: 60). Оригиналот излезе во „Mladinska knjiga“ (во Љубљана) во 2007 година, чиј дел е и „Младинска книга“ од Скопје, која истата година го објави преводот на Коста Ќулумовски.

Уште на прв поглед сфаќаме дека катрените во преводот се во најголема мера раширени во пет, а понекогаш дури и во шест редови. Кратките стихови, најчесто шестерците, во преводот во голема мера се продолжени, понекогаш дури во дванаесетерец, земајќи предвид дека одреден стих е составен од заокружена мисла и римуван збор. Во некои песнички, имено, подолгите стихови се прекршени, така што вториот дел од стихот е потиснат во следниот ред, во којшто започнува следниот стих доколку сѐ уште има простор, како што е пример во песничката покрај илустрацијата на папагалите: „ЈАС И ТАТО СМЕ ШАРЕНИ / ПТИЦИ, ПОСТОЈАНО / ПОВТОРУВАМЕ РАЗНИ КРИЦИ. / СО НЕГО ИЗМИСЛУВАМЕ МНОГУ / СКАЗНИ И РАСКАЖУВАМЕ / ПРИКАЗНИ РАЗНИ.“6 (Прап 20077)

Преведувачот во голема мера ја чува римата, меѓутоа при изборот на зборови, преводот се оддалечува од оригиналот, така што повеќе се потпира врз илустрациите – врз претставата за животинскиот свет: во две песнички во преводот животните се именувани (лав и шарени птици), во илустрацијата со жирафите е споменат татковиот долг врат и синовото брстење на лисјата („ТОА Е МОЈОТ ТАТКО / ГИ СВИВА ГРАНКИТЕ / СО ДОЛГИОТ ВРАТ! / ПОТОА МИ ГИ ДАВА МЕНЕ, / ПА БРСТАМ ЛИСЈА СО ТАТО!“), кај кенгурите торбата во којашто таткото го става синот („КОГА ЌЕ СЕ ИЗМОРАМ В ТОРБА / МЕ СТАВА...“), кај слоновите се споменати татковите бивни и сурла („ТОА Е МОЈОТ ТАТО, / ИМА ДОЛГА СУРЛА / И ГОЛЕМИ БИВНИ...“), кај мајмуните скокањето од гранка на гранка („СО ТАТО ЦЕЛ ДЕН СКИТАМЕ, / ИМА ДОЛГА СУРЛА / И ГОЛЕМИ БИВНИ...“), кај полжавот куќичката („МОЈОТ ТАТО НЕ БРЗА, / КУЌИЧКАТА Е НЕГОВО БРЕМЕ...“), кај камелеоните, пак, зелената боја, додека, пак, во оригиналот текстовите се однесуваат само на човековата околина и не содржат лексика, експлицитно поврзана со животните на илустрациите. Деминутивно- хипокористичниот збор očka е преведен со еквивалентниот деминутивно-хипокористичен збор тато, а во два примера, пак, како татко, што е неутрална форма (словенечки oče).


Ljubim knjigo

Монографската публикација Сакам книга од Александар Кујунџиски е поделена во 3 поглавја: Песни, Раскази и сказни и Драматизации (песни, едночинки). Првото поглавје содржи 33 песни од различни теми: пријателство, родители, природа, роденден, играчки... Многу од нив имаат дидактичен карактер, бидејќи низ римуваните стихови се промовира убавото однесување, хигиената, почитта, одговорниот однос кон природата и важноста на стекнување знаење преку читање. Песните се илустрирани со творби на деца од двојазичните групи во градинките „Мозаик“ во Македонија, а книгата е преведена на албански, турски, ромски, влашки/аромански, српски, хрватски, црногорски, босански, германски, англиски и на словенечки јазик и се смета за лектирно издание за трето одделение.8 Оригиналот и сите преводи ги објави издавачката куќа „Антолог“.

Словенечкиот превод го направи Бистрица Миркуловска, плодна книжевна преведувачка на релација македонски – словенечки и авторка на литература за деца. На воведната страница е додаден овој запис: „To mojo knigo posvečam vsem otrokom, ki že poznajo ali pa želijo spoznati slovenščino, s posebnim veseljem pa otrokom zbratenih mest – to sta SKOPJE in LJUBLJANA“, од којшто се гледа дека книгата е наменета пред сѐ за македонската средина, но, сепак, би било добро кога и некои словенечки библиотеки би располагале со примероци на овој превод.

Обликот на песните (распоредот на строфите и бројот на стихови) преведувачката го сочувала, а во голема мера ја зачувала и римата и со тоа ја задржала и игривоста, како и нежноста, карактеристична за врзаните текстови наменети на младите читатели. Ја зачувала исто така и дидактичната нота на оригиналот (»Pijem mleko, pijem / z veseljem vsak dan, / zato da sem vedno / zdrav kot dren, močan!«) (»Mleko vsi imamo radi«, Kujundžiski 2009: 10)9. Преведувачката се обидела да пренесе што е можно повеќе лексика од оригиналот и поради тоа на некои места не е зачувана римата (»Da si del / lepote cveta… / A je kaj lepšega / na tem svetu?« (»V kraljestvu prijateljstva«, Kujundžiski 2009: 5)10).


Педапед

Во 1966 Нико Графенауер првпат ја објави поетската збирка Педапед која стана многу омилена и повеќепати беше препечатена. Македонскиот превод настана врз основа на изданието на „Mladinska knjiga“ од 2008 година, кое содржи 11 песни, а го објави издавачката куќа „Темплум“, која од 1993 издава поезија и проза, како и стручни монографии од областа на општествените науки и хуманистика од македонски и странски автори.

Меѓу книжевните збирки, наоѓаме една посебна збирка за најмладите читатели со наслов „Во 5 кај вртелешките“, специјализирана за сликовници во којашто од 2016 до 2017 година излегоа четири словенечки: Moj dežnik je lahko balon (Мојот чадор може да е и балон) од Ела Пероци, Pedenjped (Педапед) од Грaфенауер, Pekarna Mišmaš (Пекарницата Мишмаш) од Светлана Макарович и Maček Muri (Мачорот Мури) од Каетан Кович. Сите сликовници ги преведе Давор Стојановски, а при преводот на Pedenjped, соработуваше и Пандалф Вулкански алиас Никола Гелевски, главен и одговорен уредник во издавачката куќа „Темплум“, кого го прашавме зошто се одлучил за издавање на овие книги. Одговори дека се одлучил така бидејќи сакал да ги потсети македонските читатели на најважните југословенски сликовници. Го интересирала таа ретро (vintage) култура, посебно ликовната. За Педапед мисли дека е квалитетна книга, до некоја мера бунтовничка и неконвенционална, интересна е исто така и од јазична гледна точка.

При преведувањето, преведувачите ја имаат зачувано формата на песната (распоредот на строфите и бројот на стихови), а ја имаат зачувано и римата (најчесто вкрстената, неколкупати паралелната, понекогаш нецелосна). Трохејскиот осмерец или седмерец од оригиналот не се секогаш зачувани; во преводот стиховите имаат повеќе од осум слогови, а песните и покрај тоа го чуваат ритамот, игривоста (и духовитоста) и нежноста, карактеристична за врзаните текстови за помладите читатели.

Иако се чини дека преведувачите на Педапед при преведувањето претпочитуваат зачувување на римата и соодветно го прилагодуваат преносот на лексиката, во исто време тие се обидуваат во преводот да зачуваат што повеќе изрази од оригиналот. Таму каде што тоа не e можно, наоѓаат алтернативни, синонимни решенија, осигурувајќи се дека преведениот текст доследно соодветствува со илустрациите. Интересен е, на пример, преводот на споредбата »UHLJA KOT DVA SPRTA STRICA / MUHASTO ŠTRLITA V SVET. / PEDENJJAMICA SRED LICA – / TO JE MALI PEDENJEP.« (Grafenauer 2008) од последната строфа од песната Педапед во „КАКО ДВАЈЦА ЏАМБАЗИ / УШИТЕ МУ СТРЧАТ БЕЗ РЕД, / ПРЕДАДУПЧИЊА СРЕД ОБРАЗИ – ТОА Е НАШИОТ ПЕДАПЕД!“ (Графенауер 2016). Џамбаз е стилски обележан збор; архаизам и турцизам, а се однесува на трговците со коњи на саемите, кои биле гласни и мавтале со рацете за да ja продадат својата стока најдобро што можат, па се чини дека изразот sprta strica (двајца скарани чичковци) e добар еквивалент.

Преведувачите насловниот јунак го именувале Педапед. Името на јунакот во оригиналот е кованица од синонимите pedenj и ped што означуваат мерка за должина. Во македонскиот јазик за таа мерка постои само еден збор, и тоа педа, а бидејќи Педапед е момче и бидејќи во македонскиот јазик во најголема мера именките од машки род завршуваат на согласка, се чини дека е педапед сосема соодветна кованица.


Мачорот Мури

Мaček Muri, „кратка современа приказна во форма на сликовница“ (Blažić 2010: 143), првпат објавена во 1975, содржи и шест песни. Преведувачот Стојановски и овде на некои места трохејскиот осмерец го заменил со подолги стихови, притоа зачувувајќи ја римата, задржувајќи го ритамот, игривоста и духовитоста на оригиналот. Оригиналните илустрации се соодветно дополнети со натписи во македонскиот јазик: со името на крчмата („Кај веселата крава“, во оригинал: Pri veseli kravi), на списанието („Мачкин весник“, во оригинал: Mačji list), имињата на обожавателите од Маца во облачињата, заедно со илустрацијата на Маца со телефонот (Тони, Мури, Ненад, Боби, Дачо, Томаж, Мики, во оригинал: Rigoleto, Muri, Mijalko, Marko, Pepe, Čombe, Miki), во репликите на Мика и Мики („ЈАС СУМ МАЛО МАЧЕ / И МИКА СЕ ВИКАМ. ШТОМ ПОРАСНАМ, САКАМ / ГОЛЕМА ДА БИДАМ“, „НАШИОТ СОСЕД ГЛУВЦИ ЛОВИ, / СТАНОТ НИ Е ПОЛН СО БОЛВИ.“) (Графенауер 2017).

Има само мало несогласување на илустрацијата од четвртата песна каде што Маца и Мури ручаат: Маца кнедли и печена патка (во оригинал: „cmoke in pečeno raco“), Мури, пак, супа од кокошка и говедско со варило (во оригинал: „kokošjo juho in govedino s prikuho“). Во македонскиот превод Маца добива „топла супа топтан со крцкав паткин копан“ (словенечки: toplo juho in hrustljavo račje bedro), при што донекаде се согласува со илустрацијата, меѓутоа Мури, кој на илустрацијата срка супа, во преводот нарачува: „шницла со гарнир“.

Освен при изразите за храна, преводот најмногу се оддалечува од оригиналот и при преведувањето на некои лични имиња, на пр. Чомбе, кој во словенечкиот се римува со зборот бомбе, во македонскиот превод станува Боби, при што звучно се согласува со множинската форма на именкатата бомба: бомби; Мики станува Дачо, при што се согласува со именката мачор, »krasni Pepe, ki frizira mačje repe«, пак, станува убавецот Томаж заради звучното согласување со зборот опаш (словенечки: rep).

Од одговорниот уредник дознавме дека издавачката куќа „Темплум“ не организирала посебна промоција за издавање на словенечки сликовници. Бидејќи во Македонија нема организирана мрежа за дистрибуција, книгите се продаваат само во околу десетина книжарници низ Скопје. Најмногу книги се продаваат на саемот на книга, како што беше случај и со словенечките сликовници. Поради слабото финансирање, македонските библиотеки ретко откупуваат нови изданија, додава Гелевски, затоа во базата COBISS.MK ги проверивме и залихите во библиотеките и откривме дека македонските преводи на Педапед и Мачорот Мури се достапни во четири библиотеки. Освен во универзитетските библиотеки во Скопје, Битола и Штип, достапни се и во градската библиотека во Охрид, а преводот на сликовницата „Мојот тато“, пак, освен во споменатите универзитетски библиотеки, е достапна и во градските библиотеки во Прилеп и Кочани.

Рецензиите и стручните анализи на преведувачката детска литература во Македонија се исто така ретки.Преведените сликовници Мојот чадор може да е и балон и Педапед ги анализираше Весна Мојсова-Чепишевска во трудот „Книгата-сликовница претходница на книгата“, каде што делата ги постави во дијалог со две македонски сликовници (Зоки Поки од Оливера Николова и Касни порасни од Петре М. Андреевски) и запиша: „Некако се има впечаток дека овој Педапед е едно продолжение или една нова верзија на Жупанчичевиот Цицибан кој го познаваше и македонското дете зашто стиховите за него и за неговите згоди и незгоди беа дел од лектирите во текот на заедничкото живеење и растење, но и воспитување и образование во СФР Југославија“ (Мојсова-Чепишевска 2019: 140). Мојсова-Чепишевска смета дека сите четири елаборирани сликовници „може да се окарактеризираат како интерактивни и донекаде како проблемски сликовници. (...) Текстовите имаат убав ритам, не се воопшто здодевни и го предизвикуваат вниманието на детето, а илустрациите функционираат како сериозен пандан на самите текстови, како мали ликовни текстови“ (исто: 144).


Заклучок

Истражувањето покажа слаба заемност, бидејќи откриваме дека има многу повеќе преводи на словенечката литература за деца на македонски отколку на македонската на словенечки. Во периодот од 1945 до 1990 година излегоа 60 македонски книжевни преводи на словенечките литературни дела за деца, а од нив само две се поетски (Цицибан од Отон Жупанчич и Итрицата Мица од Каетан Кович), и само 20 книжевни преводи на македонските литературни дела за деца на словенечки, од нив само еднo е поетско (Kako prikličeš zvezdo од Стојан Тарапуза). Неколку песни од македонските поети во словенечки превод и од словенечките во македонски превод излегоа во антологиите
на југословенската поезија за деца (Pa mi verjamete: izbor
jugoslovanskega modernega pesništva za mladino, Roža čudotvorna: Antologija sodobnega jugoslovanskega pesništva za otroke, Братимења: Современа југословенска поезија за деца
).

Во триесетгодишниот период на независни Словенија и Македонија беа објавени само две дела од македонската литература за деца во словенечки превод (поезијата е
присутна во делото Ljubim knjigo од Александар Кујунџиски) и триесет книжевни преводи на словенечки детски дела на македонски јазик, а меѓу нив се само три поетски.

Преводите на Педапед и Мачорот Мури се формално и содржински совршени и кај целната публика може да предизвикаат слични реакции какви што предизвикаа оригиналите, настанати пред околу половина век, кај домашната публика. Мојот тато е помодерно дело и неговиот превод на македонски јазик излезе истата година како и оригиналот, но, сепак, формално (во распоредот на стиховите) и во вокабуларот наместа се оддалечува од оригиналот, но не секогаш во прилог на зачувувањето на звучната слика на песната. Во делото Ljubim knjigo преведувачката го сочувала обликот на песните, а во голема мера ја зачувала и римата и со тоа ја задржала и игривоста, како и нежноста, карактеристична за врзаните текстови наменети на младите читатели. Ја зачувала исто така и дидактичната нота на оригиналот.

Дистрибуцијата и рецепцијата на преведените словенечки сликовници во Македонија се скромни, исто така има малку библиотеки со достапни примероци, додека, пак, во Словенија дистрибуција и рецепција на македонската детска книга во последните триесет години воопшто нема, а публикацијата Ljubim knjigo не е достапна во ниедна словенечка библиотека.

Сепак, се надеваме на позитивни промени, бидејќи во последно време неколку македонски издавачки куќи поамбициозно се посветуваат и на објавување на преводите на книжевноста за деца, вклучително и на словенечката.

Имено, во перидод од 2005 до 2020 во Македонија се објавени 25 словенечки прозни дела за деца (а од 1991 до 2004 само 5). Иако во фокусот на нашиот интерес се преводите на поезијата за деца, на ова место сепак ќе ги наброиме и прозните преводи. Во издавачката куќа „Артконект“ во збирката „Бајче“ излегоа две дела од Јана Бауер – Groznovilca in divja zima и Groznovilca v hudi hosti (Грозовилата и дивата зима, Грозовилата во страшната шума, прев. Лидија Димковска), во издавачкиот центар „Три“ излегоа делата Мočvirniki (Мочурливци) од Барбара Симонити и Modrost nilskih konjev од Петар Светина (Мудроста на нилските коњи, и двете ги преведе Дарко Јан Спасов). Издавачката куќа „Паблишер“ издаде два наслова од Винко Модерндорфер, и тоа Kit na plaži (Кит на плажа, прев. Дарко Јан Спасов) и Kot v filmu (Како во филм, прев. Драгана Евтимова), во „Прозарт медиа“ излегоа делата Kraljica Pošast (Кралицата) од Славко Прегл и Luna in jaz (Месечината и јас) од Андреја Пеклар (двете дела ги преведе Драгана Евтимова). Во издаваштвото „Полатски“ излезе преводот на делото Gospod Filodendron (Господин Филодендрон) од Андреј Розман-Роза, во превод на Дарко Јан Спасов, романот Kličejo me cigan (Ме викаат Циган) од Ника Мај (прев. Дарко Јан Спасов), пак, излезе во издавачката куќа „Магор“ во едиција „Европски калејдоскоп“.

Во збирката „Перуники“ во издание на „Детска радост“ излезе преводот на романот Roki Rok од Витан Мал (Роки Рок, прев. Тамара Арсовска), како и збирката словенечки народни приказни „Златорог“ во избор и превод на Бистрица Миркуловска. Во друга збирка од истата издавачка куќа излезе и преводот на романот од Славко Прегл Geniji v kratkih hlačah (Генијалци во кратки панталони, прев. Александар Поповски). Издавачката куќа „Александар & Александар“ во збирката „Ѕуница“ издаде два наслова, и тоа Za lahko noč (За добра ноќ) од Ела Пероци и збирката приказни Модри слонови од словенечки писатели (прев. Александар Поповски). Интересно е тоа што и преводот на македонското дело на словенечки јазик од Александар Кујунџиски, Сакам книга, излезе во издавачката куќа „Антолог“.

Постојат уште неколку македонски издавачки куќи кои се посветуваат на издавањето на литературата за деца (како домашна, така и преведена), тоа се на пр. издавачката куќа „Вермилион“ (едиции „Петар Пан“ и „Тајната градина“), „Бегемот“ (едиција „Вртелешка“). Никако не смееме да ја заборавиме издавачката куќа „Арс Ламина“, која во склоп на списанието „Либи“ издава литература за деца, како и поновата издавачка куќа „Чудна шума“, која е усмерена пред сѐ кон издавање на квалитетна литература за деца. Кај овие издавачки куќи, инаку, (сѐ уште) нема изданија на преводи од словенечката литература за деца, па сепак во наведените збирки има многу интересни преводи на некои автори за деца од други држави. Треба да се спомене издавачката куќа „Mladinska knjiga“ која има подружница во Скопје. Под нејзино покровителство, освен делото Мојот тато од Лила Прап, излегоа и неколку словенечки сликовници со дидактична содржина. Словенечката издавачката куќа „Миш“ издаде повеќејазични сликовници – O Jakobu in Muci Mici. Rojstni dan. (Роденден) од Барбара Хануш, во кои е вклучен и преводот на македонски јазик (на Дарко Јан Спасов).

На преводите на словенечката поезија (и проза) за деца на македонски јазик е, како што видовме, наклонета пред сѐ издавачката куќа „Темплум“, којашто во збирката „Во 5 кај вртелешките“ објави дури 4 сликовници. „Темплум“ е исто така и организаторка на фестивалот „Друга приказна“, кој во 2020 година ѝ беше посветен на детската книжевност и на којшто наградената Јана Бауер го претстави македонскиот превод на книгата Groznovilca v hudi hosti (Грозовилата во страшната шума). Во таа прилика издавачката куќа објави избор на јужнословенска кратка проза и поезија за деца во 92. број на списанието „Маргина“, вклучувајќи ги и песните од следниве словенечки автори: Ања Штефан, Андреј Розман-Роза, Бина Штампе-Жмавц, Андреа Борин и Винко Модерндорфер во избор на Бисерка Бобнар и превод на Давор Стојановски, како и мошне интересната детска поезија од реномираните македонски поети за деца (Петко Домазетовски, Стојан Тарапуза, Рајко Јовчевски, Петре М. Андреевски, Бистрица Миркуловска, Михо Атанасовски, Васил Куновски) и на современите македонски автори (Владимир Лукаш, Румена Бужаровска, Тања Аждаја, Ана Голејшка-Џикова, Николина Андова-Шопова, Ванчо Полазаревски, Владимир Мартиновски).

Се надеваме дека во иднина и словенечките издавачки куќи ќе покажат интерес за објавување на современата македонска поезија (и проза) за деца. Секако би било интересно доколку гореспоменатиот избор на 92. „Маргина“ биде објавен на сите јужнословенски јазици и претставен во сите јужнословенски култури.


1 Кордигел Абершек (Kordigel Aberšek 2008) го дели читателскиот развој на детето на следниве фази: 1. предјазичен период или доба на практична интелигенција (од раѓањето до 2-та година), 2. период на интуитивна интелигенција (меѓу 2-та/3-та и 7-та година), 3. период на конкретни, логични интелектуални операции (од 7-та година до 12-тата) и 4. период на апстрактна интелигенција (време на адолесценција).
2 При наведувањето на делата, на прво место се насловите на оригиналните дела, а во загради насловите на преводите.
3 Во публикациите нема податоци за преведувачите.
4 Делото е состапно само во две словенечки библиотеки, меѓутоа само за позајмување во читална.
5 Од 5- до 10-годишна возраст.
6 Во оригинал: »Z OČKOM SI IZMIŠLJAVA / CEL KUP BESED / IN SI JIH PONAVLJAVA / SPET IN SPET IN SPET.« (Prap: 2007).
7 Цитираните стихови од овој пасус се од ова издание, во коешто страниците не се нумерирани.
8 https://antolog.mk/product/sakam-kniga-lektirno-izdanie/.
9 Во оригинал: „За да бидам силен / и здрав како дрен, / млеко многу сакам, / пијам секој ден.“ („Млеко сака секоја“, Кујунџиски 2007: 10).
10 Во оригинал: „Да бидеш дел / од убав цвет... / Што има поубаво / на овој свет?“ („Во царството на другарството“, Кујунџиски 2007: 5).

Извори
  Гелевски, Никола, Крушкаровска, Фросина (Ур.). (2020). Маргина 92. Скопје: Темплум. [Gelevski, Nikola, Kruškarovska, Frosina. (Ed.). (2020). Margin 92. Skopje: Templum]. (In Macedonian.) 
  Grafenauer, Niko. (Ur.). (1980). Pa mi verjamete: Izbor jugoslovanskega modernega pesništva za mladino. [Do you believe me: A selection of Yugoslav modern poetry for young people]. Ljubljana: Mladinska knjiga. (In Slovenian.)
  Grafenauer, Niko. (2008). Pedenjped [Pedenjped]. Ljubljana: Mladinska knjiga. (In Slovenian.)
  Графенауер, Нико. (2016). Педапед. Скопје: Темплум [Grafenauer, Niko. (2016). Pedenjped. Skopje: Templum]. (In Macedonian).
  Kovič, Kajetan. (1975). Maček Muri [Muri the Cat]. Ljubljana: Mladinska knjiga. (In Slovenian.)
  Кович, Каетан. (2017). Мачорот Мури. Скопје: Темплум [Kovič, Kaetan. (2017).
  Muri the Cat. Skopje: Templum]. (In Macedonian.) Кујунџиски, Александар. (2007). Сакам книга. Скопје: Антолог [Kujundžiski,
  Aleksandar. (2007). I like a Book. Skopje: Antolog]. (In Macedonian.)
  Kujundžiski, Aleksandar. (2009). Ljubim knjigo [I like a Book]. Skopje: Antolog. (In Slovenian.)
  Milarić, Vladimir. (Ur.). 1985. Roža čudotvorna: Antologija sodobnega jugoslovanskega pesništva za otroke [The Wonderful Rose: An Anthology of Contemporary Yugoslav Children's Poetry]. Ljubljana: Mladinska knjiga. (In Slovenian.)
  Подгорец, Видое. (Ур.). (1990). Братимења: Современа југословенска поезија за деца. Скопје: Мисла, Детска радост, Култура, Македонска книга, Наша книга. [Podgorec, Vidoe. (Ed.). (1990). Fraternising: Contemporary Yugoslavian
poetry for children. Skopje: Misla, Detska radost, Kultura, Makedonska kniga, Naša kniga]. (In Macedonian.)
  Prap, Lila. (2007). Moj očka [My Daddy]. Ljubljana: Mladinska knjiga. (In Slovenian.)
  Прап, Лила. (2007). Мојот тато. Скопје: Младинска книга [Prap, Lila. (2017).
  My Daddy. Skopje: Mladinska kniga.] (In Macedonian.)



Извор: списание „Филолошки студии“