Зошто го бие лош глас? Што треба да знаете за литиумот?

10.01.2022 02:08
Зошто го бие лош глас? Што треба да знаете за литиумот?

Главен двигател на растот на пазарот со литиум последниве години е употребата на овој метал во батериите на електричните возила. Ширум светот се разбуди интересот за оваа нова важна сировина, а производството нагло се зголемуваше. До почетокот на 2018 година континуирано растеше и цената на литиумот. После кулминацијата во март 2018 година, сега цена падна за повеќе од половина.

Заради прекумерното производство и намалените цени, неколку фирми кои се занимаваат со експлоатација на литиум, ги одложија плановите за проширување на капацитетите. А поновите рударски погони во Австралија и Канада престанаа со производство.

Еве ги и податоците: светското производство на литиум во 2020 година е намалено за 5 проценти во однос на 2019 година - од 86 000 на 82 000 тони. А глобалната потрошувачка на литиум во 2020 година е проценета на 56 000 тони, приближно исто како и во 2019 година. Во текот на првата половина од 2020 година, пандемијата со Ковид беше значаен фактор за намалување на побарувачката. Во втората половина од 2020 година побарувачката за литиум повторно закрепна до одредена мера.

Цените на литиум карбонатот и литиум хидроксидот во Кина паднаа од приближно 7 100 долари за тон на почетокот на годината, на околу 6 200 долари за тон во ноември, односно од 7 800 долари на околу 7 000 долари. Цените на металниот литиум (99,9 проценти литиум) во Кина во истиот период паднаа од приближно 83 000 долари на околу 71 000 долари за еден тон.

Литиум

Литиумот (грч. lithos - камен), ознака Li, е најлесниот од сите познати метали. Има реден број 3 во периодниот систем на елементи, атомска тежина 6,94, специфична тежина 0,534 (на 20 степени целзиусови).

Претставува смеса од два изотопи 7Li (92,6 проценти) и 6Li (7,4 проценти).

Литиумот е алкален метал во втората периода од периодниот систем на елементи.

Литиумот е мошне лесен метал и има најмала густина меѓу сите цврсти елементи (во стандардни услови).

За падот на цената во моментов има повеќе причини: Австралија (најголем прозиведувач во светот), во краток период отвори многу рудници и ненадејно произведе многу повеќе литиум. Од друга страна, побарувачката за литиум опадна, особено во Кина, најважниот пазар. На пример, Кина ги намали субвенциите за електрични автомобили.

Валкана технологија

Меѓутоа, постојат уште причини за отрезнување во врска со литиумот. Во голема мера тоа е доминантна валкана технологија која се покажува како штетна за локалната и регионалната природна околина, како и за човечките општества.

Литиумот го бие лош глас. А тоа не е добро за бизнисот.

Колку и фирмите кои никнуваат како печурки после дожд и познатите корпорации да се трудат да ја поправат лошата слика која е поврзана со експлоатацијата и производството на литиум - тоа им оди слабо. Зашто невладините организации будно ги следат случувањата и добро се поврзани ширум светот. Информациите за штети, хаварии, корупција, скандали, судски процеси - се шират брзо. Луѓето се бунтуваат против постоечките и идните рудници и постројки, вршат притисок на политиката.

А и купувачите на електрични автомобили во Германија сè повеќе ги интересира како се произвеле нивните автомобили, севкупно - па и дали батериите во нив придонеле за уништување на природата, како што ги интересира дали некоја маица за мизерна плата ја шиела некоја жена во Бангладеш и дали некој тепих го ткаеле детски раце во Индија. Такво нешто - не сакаат да купат.

„Иако производството на батерии би можело да се префрли во ЕУ, голем дел од сировините и натаму ќе доаѓаат од трети земји. Дискусиите за транспарентноста на ланците за снабдување во иднина уште повеќе ќе добиваат значење“, пишува во една студија за Министерството за наука и образование во Германија.

Според споменатата студија литиумот во моментов првенствено се добива од два мошне различни извори: од подземните солени езера во таканаречениот литиумски триаголник во Јужна Америка и од рудите во Австралија. Тие два начини на производство многу се разликуваат по можното влијание на животната средина.

Солени езера

Во постројките за производство на литиум во пустината Атакама, солената подземна вода се испумпува на површина и потоа се излева во големи отворени базени - водата испарува и на дното останува солен талог. Тоа трае неколку месеци и во голема мера зависи од времето.

Кога со испарување ќе се постигне доволно висока концентрација на литиум, следува хемиски третман. Бидејќи подрачјата во кои литиумот се произведува на овој начин главно се мошне суви, последиците можат да бидат мошне сериозни - исчезнува водата од подземните резервоари со што тлото се суши дополнително. А не треба да се занемари и ризикот од рушење во местата под кои се формирале огромни дупки - особено таму каде и онака често има земјотреси, како што е случајот со Чиле.

Рудници за литиум

Покрај тоа што со копањето руда се уништува околината и покрај тоа што настануваат типични загадувања со прашина која содржи силициум - најкритичниот дел од процесот на производство на литиумот од рудата е при концентрирањето и екстракцијата на литиумот кога се додаваат киселини и потоа остануваат отпадни води, отровна смеса. Тие се складираат во базени кои можат да протечат или да пукнат - а отровот стигнува во подземните води и реките.

Истражувачите од Ирскиот технолошки институт Карлоу исто така потврдуваат дека вадењето литиум може да има значајни еколошки и општествени ефекти ако не е правилно регулирано, следено и контролирано. Според нив главни проблеми се загадувањето на водата и воздухот со отровни материи.

Најголеми лиферанти на литиум

Поголемиот дел од светската експлоатација на литиум во моментов се врши во пет рудници во Австралија, потоа во Аргентина и Чиле кои имаа по две постројки за преработка на вода од подземните солени езера, као и две такви постројки и еден рудник во Кина.

Се проценува дека литиумот во светот најмногу се користи за батерии (71 процент), потоа за керамика (14 проценти), масла за подмачкување (4 проценти), а потоа следуваат другите начини на употреба.

За да може да се користи за батерии, литиумот од солените езера или рудниците мора да се збогати - во сложени хемиски процеси. Тој дел од процесот ретко се извршува во земјите во кои се вади литиумот, туку исклучиво во Кина.

Светски ресурси

Благодарение на континуираното истражување, идентификуваните ресурси на литиум значајно се зголемија ширум светот и сега вкупно се проценуваат на околу 86 милиони тони. Во моментов листата изгледа вака (извор УГСС):

1. Боливија - 21 милион тони
2. Аргентина - 19,3 милиони тони
3. Чиле - 9,6 милиони тони
4. САД - 7,9 милиони тони
5. Австралија - 6,4 милиони тони
6. Кина - 5,1 милиони тони
7. Конго (Киншаса) - 3 милиони тони
8. Канада - 2,9 милиони тони
9. Германија - 2,7 милиони тони
10. Мексико - 1,7 милиони тони
11. Чешка - 1,3 милиони тони
12. Србија - 1,2 милиони тони
13. Перу - 880 000 тони
14. Мали - 700 00 тони
15. Зимбабве - 500 000 тони
16. Бразил - 470 000 тони
17. Шпанија - 300 000 тони
18. Португалија - 270 000 тони
19. Гана - 90 000 тони
20. Австрија, Финска, Казахстан и Намибија - по 50 000 тони.

Најголемите наоѓалишта на литиум во Европа се наоѓаат во Германија, а според други податоци се дури многукратно поголеми од наведените, па следуваат Чешка и Србија.

Во светот има доволно литиум. Она што сега се бара се технологии за економично и еколошко производство - или алтернатива, како што е натриумот.

Податоците користени во текстов се потпираат на актуелниот Преглед на минерални сировини ширум светот на Геолошкиот завод на САД (УСГС).

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Cédric Gerbehaye

Извор: https://nationalgeographic.rs/

ОкоБоли главаВицФото