Како да почнете да пишувате (и кога да престанете)

11.01.2022 11:47
Како да почнете да пишувате (и кога да престанете)

 
Нобеловката Вислава Шимборска (1923-2012) со години во рубриката „Книжевно поштенско сандаче“ одговарала на писма од читателите и читателите на „Книжевен живот“. Една од најначајните полски и европски поетеси на 20 век духовитите одговори ги пишувала анонимно, зборувајќи во прво лице множина, бидејќи била единствената жена во редакцијата на ова познато книжевно списание.

***

На Валдемар од Краков

Секако дека можете изненадно да почнете да пишувате по четириесеттата. Тоа дури не е ниту особено доцна, со тоа што за започнување во зрелото доба важат поинакви правила. Успехот на младешките дебија во голема мера почива на свежината на фантазијата и на уште неизвалканиот поглед на свет. Преовладуваат импресиите, а не рефлексивноста; спонтаните опсервации се тука на местото на увидите извлечени од со тешка мака извојуваното сфаќање на светот. Од друга страна, од доцното деби очекуваме дополнителни доблести: добар дел човечко искуство и – тогаш кога не се работи за мемоари засновани на факти – внимателно изграден книжевен вкус. Накратко, една личност од четириесет години не би требало да пишува како да има седумнаесет, бидејќи тогаш ниту возраста ниту даровите на умот нема да дојдат до полн израз.


За У.Т. од Краков

Младиот музичар посетува конзерваториум, младиот уметник студира на академија, но младиот писател нема каде да оди. Вие на тоа гледате како на неправда. А не е така. Школите за музичари и сликари нудат, пред се’, технички знаења какви што самите тешко би можеле да ги стекнете за релативно кратко време. Што би требало еден писател да учи на својот институт? Која било обична школа е се’ што е потребно за да повлечете молив по хартијата. Во книжевноста нема технички тајни, барем не такви какви што не би можел да совлада еден надарен аматер (бидејќи на постои диплома што ќе им помогне на неталентираните). Пишувањето е од сите уметнички склоности најмалку професионално. Може да немате ниту диплома од средно училиште (како Томас Ман) или да стекнете почесни докторати на повеќе универзитети (повторно како Ман). Патот на Парнас е отворен за сите. Макар принципиелно, бидејќи тука гените го имаат последниот збор.

За Еуг. Л. Од Иновроцлав

Повторно таа стара жалопојка за „младоста“. Овојпат би требало да му простиме на авторот бидејќи тој се’ уште не бил нигде, не искусил ништо вредно за спомени, ниту прочитал се’ што требало. Таквите признанија откриваат уверување (адолесцентско, оттаму малку поедноставено) дека само надворешните околности го создаваат писателот. Дека неговите релативни квалитети се дериват од неговите животни авантури. А писателот, всушност, се развива однатре, од своето срце и ум: низ вродената (подвлекуваме, вродена) склоност кон промислување, акутната чувствителност на малите нешта, зачуденоста пред она што другите го сметаат за обично. Патувања во странство? Искрено се надеваме дека ќе патувате, тие понекогаш се покажуваат корисни. Но пред да се упатите на Капри, ви предлагаме излет до Волка. Ако оттаму се вратите без што било за што би можеле да пишувате, тогаш не постојат тие сини пространства што може да ве спасат.


За Тед од Хелм

Секако, на вистинскиот талент му се потребни совети и насоки, особено на почетокот. Но тие лекции би требало да дојдат лесно, речиси случајно. Вистинското чувство за нешто естетски подобро или полошо, она што е помалку или повеќе важно, она што успеало или не успеало и зошто – тоа едноставно не е прашање на начитаност и упатеност во различни „изми“. Тоа е, пред се’, инстинкт. Слободни сме да го кажеме тоа по години и години набљудување. Понекој коментар за бледата метафора може да му помогне на поетот почетник да не ја повтори истата грешка. А некому друг нема да му помогне ни цел ден да му се зборува. Истиот тој инстинкт ќе го привлече почетникот кон оние кои знаат повеќе од него, кои предничат со искуството, чувството и културата. Такви луѓе може да се најдат каде и да ги побарате. Не бараме од вас да ги напуштите вашите сегашни пријатели, туку едноставно се сомневаме дека ви се доволни. Од вашето писмо разбираме дека срцето можеби ви е полно, но главата ви е волна уште да граби.


На Елизабета од Варшава

„Како да научам за полската книжевност, особено поезијата?“ Ако немате диплома од гимназија, тогаш би требало да изучите барем обврзна наставна програма од книжевност и историја. Земајте книжевни списанија. Посетувајте книжевни вечери. Следете трибини. Побарајте пријатели кои читаат многу и разновидно. Тоа е прилично пријатен начин на учење, иако не нуди резултати веднаш. Таков е животот. Краток, но секој детаљ бара време.


Извор: Lithub
Илустрации: Ethan Murrow, "Be the Garden"

ОкоБоли главаВицФото