Слики од детството и војната на Косово

12.01.2022 02:26
Слики од детството и војната на Косово

Петрит Халилај

Кога Петрит Халилај имал 13 години и кога избегал од војната на Косово, италијански психолози стигнале во бегалскиот камп во Албанија и му дале неколку пенкала.

Набрзо почнал да црта светли, детски цртежи. Но на нив немало ништо убаво: на еден имало тенк кој пука на семејна куќа; на друг масовна гробница. Имало и војници кои стоеле над мртви тела.

Психолозите во 1999 година поминале две недели во кампот, обидувајќи се да им помогнат на децата да ги процесираат траумите кои ги доживеале за време на војната, во која албанските бунтовници се бореа против српските трупи. А Халилај, Албанец, имал многу трауми. Српските сили му ја запалиле куќата и го заробиле татко му. Семејството одело натаму наваму пред да заврши во Албанија.

Сега, повеќе од дваесет години подоцна, Петрит Халилај е една од сè попознатите фигури во уметничкиот свет на Европа. На својата последна изложба во Тејт Сент Ајвз, испостава на познатиот британски музеј во Корнвол, се врати со шокантни слики кои ги цртал како дете кое видело премногу. (Изложбата „Многу вулканско врз зеленилово“ е отворена до 16 јануари.)

Петрит Халилај со еден од италијанските психолози во бегалскиот камп во Албанија, 1999 година

Халилај денес има 35 години и вели дека и вели дека на сликите од детството им се вратил дури минатата година. Бил изненаден. Во сето тоа насилство, вели, „Гледав птици - пауни и гулаби - големи како војници, но среќни и горди“.

„Го користев просторот за да цртам пејзажи кои ме смируваа“, продолжува. „Како да сум сакал да кажам - да, сè е грозно, но и јас можам да сонувам и да сакам“.

На оваа изложба делови од тие детски цртежи на Петрит Халилај се репродуцирани на големи платна. Висат од плафонот на галеријата, па посетителот прво ги здголедува фантастичните пејзажи со егзотични птици и палми. Но кога ќе стигнат до крајот и кога ќе се вратат, ќе сфатат дека од другата страна се гледаат многу помрачни цртежи: војници, тенкови, луѓе кои бараат помош, куќи кои горат. Мирната сцена се претвора во хорор.

Халилај се надева дека луѓето ќе почнат да размислуваат за начинот на кој политичарите и медиумите го следеа овој конфликт. Дури и денес, вели тој, некои политичари од Балканот ја злоупотребуваат војната на Косово и ја градат својата националистичка агенда. Но му било важно да се помири со своите сеќавања, вели.

Кристина Масел, кустос во Центарот Помпиду во Париз која ги претстави делата на Халилај на Венецијанското биенале во 2017 година, вели дека тој е оригинален и како личност и како уметник, „мошне отворен, креативен, отпорен, полн со фантазија“.

„Неговите дела се занимаваат со сериозни нешта, како што се национализмот и егзилот, но во нив секогаш има некаква фантазија, некаква радост“, вели таа.

Ерзен Шокољи, поранешен челник на Националната галерија на Косово, кој таму ја прикажувал уметноста на Халилај, вели дека уметникот во своите дела отсекогаш поаѓал од историјата на ова поднебје, но дека неговите слики се многу повеќе од тоа.

Понекаде пораката е мошне јасна. Во 2011 година Халилај ископал 66 тони земја од семејниот посед на Косово и потоа ја однел на изложба во Базел и таму ја продавал. Џенифер Карт, галеристка, вели дека тоа дело претставувало „и поврзаност со тлото, со идејата за татковината и прогонот, но имало и многу поциничен дел, кој како да нè прашува колку вреди земјата.“

Другите дела се надофатливи. Да речеме, тука е „Отруен од мажи на кои им била потребна љубов“, на кои се прикажани молци и пеперутки кои своевремено биле во поставката на Природонаучниот музеј во Приштина, пред да бидат оставени да гнијат за време на војната.

Па сепак, вели дека не сака посетителите во Сент Ајвз да бидат насочени само кон мрачната страна на изложбата. Тие мораат да се вратат на почетокот пред да излезат и ако тогаш повторно се завртат, ќе ги дочекаат оние првите, убави и живописни слики.

Неодамна имаше заедничка изложба со Алваро Урбано, неговиот сопруг, на која во Народната библиотека закачија цвеќиња. Косово сè уште е мачистичко општество, вели тој, но никој не се побунил.

„Првпат се почувствував како да сум дома“, вели Халилај.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report

ОкоБоли главаВицФото