Економскиот раст на социјалистичка Југославија и на осамостоените држави (2)

13.01.2022 12:48
Економскиот раст на социјалистичка Југославија и на осамостоените држави (2)

 (продолжува од првиот дел)

II

Како се развиваа седумте држави (настанати од СФРЈ) во изминатите три децении?


Три децении се повеќе од доволен период уверливо да се покажат разликите во економскиот развој на исти субјекти во различни периоди и различни системи, првиот пат остварени во заедница, вториот како одвоени држави. И, да се споредат, не само помеѓу себе си, туку со нивното поблиско окружување: со ЕУ, како нова посакувана утопија, со најразвиените партиципиенти во неа, како и со најдиректните соседни држави, кои од повеќе причини секогаш се посебно важни. Разликите во оствареното ќе се обидеме, пред сè, да ги видиме преку динамиките на населението, бруто домашниот производ и дистрибуцијата на доходот, колку и да е тоа недоволно за доловување на стварноста, но можеби доволно за формирање на една генерална слика.

(1) Измени во вкупното население

Ако е точно, како што народот вообичаено вели, дека „од арно не се бега“, да видиме што ни соопштуваат бројките за движењето на вкупното население на екс-ЈУ 6, споредено со движењето на населението во ЕУ и во некои нејзини одделни групи на земји за кои мислиме дека се соодветни за добивање поширока и појасна слика за сите нас во регионов. Ќе ја споредиме состојбата во 1991-та, годината на распаѓањето на СФРЈ, со некои од наредните, заклучно со 2019-та, годината пред пандемијата, затоа што за истиот период ќе ги анализираме и динамиките на БДП. Потребните податоци за оваа категорија ги сместив во следнава, малку поголема табела.

*ЕУ-15 се членките на ЕУ од 1991 до 2004, кога почна проширувањето на Југо-исток: Австрија, Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Грција, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Португалија, Шпанија, Шведска и Велика Британија (која на 31 јануари 2020 година излезе од ЕУ)
*ЕУ-ЦИЕ -11: Естонија, Латвија, Литванија, Полска, Чешка Република, Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, Словенија, Хрватска.
*В-4 - држави именувани како Вишеградска четворка
*Седумте соседи на бившата СФРЈ
*Балтичката тројка (Б-3)

Да видиме што е највпечатливо во овие бројки.

  • Во бившата СФРЈ во 1991 година живееле 23.150.000 жители. Во седумте формирани држави од неа, во 2019 година (официјални статистики) живееле 20.894.000. Тоа значи, по 29 години, кај истите субјекти, живеат 2.256.000 жители помалку, или близу 10 %. Најголема загуба претрпела Босна и Херцеговина. Нејзиното население се намалило за 25 % (-1.086.000 жители); потоа на Хрватска за 13.7 % (-622.000); на Србија за околу 8.5 % (-650.000) и на Косово за 4.7 % (-114.000). Словенија, Македонија и Црна Гора (барем според нивните ДЗС) останале благо во позитивната зона: од +5, +4.2 и +2.5 %. Причините зошто кај првите три (БиХ, Хрватска и Србија) има така големи минуси, не се непознати: водеа крвави војни, некои сами ја избраа таа опција, на други, помалку или повеќе, им беше наметната.

  • Во истиот период, вкупното население во ЕУ е зголемено за 25.8 милиони, „мршави“ 6.1 %. Но, што е клучното овде? Во 15 држави од неа (именувани како „core european countries’’) кои од 1994 до 2004 година ја сочинуваа ЕУ, населението е зголемено за 42 милиони жители, односно за 11.5 %. Доколку, пак, го изземеме Обединетото Кралство (од 31 јануари 2020. не е во Унијата) значи во четиринаесетте држави, вкупниот број е зголемен за 33 милиони жители. Тоа, очигледно е повеќе од 25.8 милиони жители, колку што е евидентиран нето-прираст на сите 27 денешни членки на ЕУ. Заклучокот е јасен: во тринаесетте нови членки, кои ѝ пристапиле на ЕУ по 2004. година, кумулативно бројот на населението (без оглед што во некоја од нив малку се зголемил, или одржал приближно на истото ниво) се намалил за 7.2 милиони жители. Сите тие новопридружени држави, да не заборавиме, се бивши социјалистички држави.

  Од податоците за другите подгрупи на земји, сметани како соодветни за компарирање со новонастанатите држави од екс-ЈУ, може да потенцираме:

  • Членките на ЕУ од Централна и Источна Европа (нив 11, набројани во табелата), сите поранешни социјалистички држави, како група, своето население го намалиле за околу 8.8 милиони жители, или, за 8 %). Во наведениот број (8.8 милиони жители) Бугарија учествува со 19.2, а Романија со 41.3 %. Двете заедно, со над 60 %, или со 5.3 милиони во вкупниот број од намаленото население. И двете граничат со таканаречениот Западен Балкан. Без нив, другите земји од ЦИЕ искажуваат намалување на населението од 3.4 милиони жители (4.3 %) што е за 2.3 пати помала стапка на намалување, во споредба со стапката на намалување на населението на државите од екс-ЈУ.

  • Членките на ЕУ од Вишеградската група, нив 4, исто така бивши социјалистички земји, главно го задржале истиот број на жители: бележат минимално намалување од 0.5 %.

  • Соседните земји на поранешната СФРЈ, измешана група од поранешни и нови пазарни економии, во истиот период бележат намалување на нивното население за 1%, имајќи и овде предвид дека и во оваа група се Романија и Бугарија, со нивниот огромен пад во бројот на населението. Без нив, другите пет соседни држави на бившата СФРЈ имаат зголемување на населението за нешто над 4 милиони жители, односно за 4.6 %.

  • Генерално гледано, според официјалните статистики, кумулативниот раст на населението на ЕУ во периодот 1991-2019 (од 6.1%) е исклучително инфериорен во споредба со кумулативниот раст на светското население (+ 49.9%) поради што учеството на ЕУ-27 во светското население е намалено од 8.2 (1991) на 5.8 % (2019.)



Бидејќи нашата тема овде е екс-ЈУ 6, во рамките на првата линија на интеграција и кооперација со светот, а тоа е ЕУ, од изнесеното за динамиките на населението помеѓу споредуваните групи може да резимираме, најкусо, на овој начин.

Групата седум држави, настанати од распаднатата СФРЈ, набљудувана како целина, се претворила во зона со изразена депопулација. За три децении (според официјалните статистики) бележи намалување на населението за близу 10%. Повисок процент на намалување бележи само групата Балтички држави, со исклучително високите 23.8%. Но, кај оваа група, која економски остварила одлични резултати (ќе видиме подолу) намалувањето на населението има една голема специфика: по нивното осамостојување од СССР, голем дел од немалубројните Руси населени за време на комунизмот, се вратиле во границите на Руската Федерација. Нешто помал процент на депопулација од оној на Екс-ЈУ 7 покажува групата земји од Централна и Источна Европа (-8%), на што доминантно влијае намалувањето на населението во две држави: Бугарија и Романија. Според тоа, прескромниот (вкупен) раст на населението на ЕУ-27 од 6.1% е резултат пред сè на порастот на населението на групата ЕУ-15, без В. Британија ЕУ-14, за +33 милиони жители, односно 10.6% и намaленото население во групата држави кои ѝ се приклучиле по 2004-тата година. Населението на четирите земји од Вишеградската група, како што веќе рековме, главно стагнирало (-0.5 %).

Но, овде има едно важно и големо „НО“! Дали состојбата во врска со населението во групата екс-ЈУ 7 не е полоша од официјално прикажаната? Дали податоците за намалениот број жители на рупата екс-ЈУ 6, се вистинските? Нема сериозен економски и демографски аналитичар од просторот на овие држави кој не рекол дека меѓу официјално објавуваните и стварните податоци има значителна разлика. Од сѐ друго знаеме дека јазот меѓу фактичкото и службено објавеното е во цврста корелација со степенот на девастираноста на институциите во конкретните држави, со степенот на корупцијата и депрофесионализацијата на јавната администрација. Штотуку завршениот попис на населението во Македонија, со сите слабости во неговата изведба, веќе со првичните информации сугерира дека горниот сомнеж е сосема основан. Но, да ја причекаме целата обработка и образложенијата што ќе уследат.

Во секој случај, намалувањето на населението на просторот на бившата СФРЈ, кое пред сè е резултат на емигрирање, не е добар знак ниту за актуелниот живот на просторот, ниту за идниот. Движењето на населението е во директна корелација со стапките на економскиот раст. Луѓето се истовремено и производители и консументи. Нивното преместување од една на друга географска точка, зборува, пред сè, за разлики во условите за живот.

(2) Измени во бруто домашниот производ

Бруто домашниот производ (БДП), од 1991. наваму економистите го прифатија како доминантен (поединечен) синтетички индикатор за оценување на остварувањата на една економија и за оценување на животниот стандард на населението. Меѓународните бази на податоци, главно, со него се исполнети иако, не секогаш, со доволно долги серии и со воедначени методологии за сведување на иста реална вредност. Од тие причини, БДП, ќе биде користен за потребите на овој осврт од онаа база на податоци во која нив ги има за сите екс-ЈУ 6 републики од 1990. натаму и за државите и групите земји со кои првите, вообичаено, сакаме да ги споредуваме. Зошто најмногу и пред сè тој, а не некој друг индикатор, тоа е тема за друга прилика.

Каква динамика на раст на БДП оствариле државите настанати од бившата СФРЈ?

Одговорот на ова прашање го бараме во податоците од табелата 4.

*Меѓународен долар е хипотетичка единица на валута што го има истиот паритет на куповна моќ што го има американскиот долар во САД во дадена точка на време.
*Извор на податоците за Косово е базата на Светската банка во која нема податоци за сите екс-ЈУ републики од 1990 до 1995. Но истовремено, во податоците за пресметката на БДП има разлики во износите меѓу податоците на WB и World Penn table. Поради тоа Косово е додадено вон збирните податоци за другите екс-ЈУ ентитети.

  Од податоците во табелата 4, помеѓу другото, може да констатираме:

  •  просечниот (непондериран) износ на БДП на групата Екс-ЈУ 6 во периодот 1990-2019 е зголемен за 107.3% (малку повеќе од еден пат).

  • три држави од шесторката, БиХ, Македонија, и Хрватска оствариле раст на БДП над просечниот на групата. Првата за 814% (или, над 8 пати), втората за 160 % (или околу 1.6 пати). третата (Хрватска) речиси на нивото на просекот на групата но, со само плус 4%.

  • другите три држави имаат раст на БДП под просекот на групата, со тоа што Србија има убедливо најслаб раст, само 46% (близу 0.5 пати), потоа Словенија со 86.5 % (околу 0.8 пати), и Црна Гора, + 88.6 % (или околу 0.9 пати над оној во 1990-тата).

  Но, исказите во проценти не се доволни за опишување на стварноста. Треба да се види што стои зад нив зашто, понекогаш, може да делуваат збунувачки, особено кај непрофесионалците. Имено, ист износ на апсолутен прираст на доход, пресметан во проценти на различни основици, дава непропорционално различни износи на процентуален раст. На пример: доколку БиХ не стартувала само со 1556 int$ во 1990-та, според цитираниот меѓународен извор (за мене необјасниво ниско ниво, зашто војната сè уште не беше разгорена) туку стартуваше со сличен износ на македонскиот (бидејќи во времето на СФРЈ главно одеа „рака под рака“ според БДП) нејзините достигнати 14.224 долари во 2019. немаше да значат („спектакуларен“) раст од 814% (над 8 пати) туку, само 128% (околу 1.3 пати) што би било прилично помалку од процентуалниот раст на доходот на Македонија. Истата забелешка стои и во врска со Македонија. Во времето на СФРЈ, таа секогаш заостануваше зад Србија (според БДП) за околу една третина. Истиот извор вели дека во 1990 заостанувала речиси дупло. Доколку македонскиот БДП во 1990 заостанувал за околу една третина од БДП на Србија, наместо 6217 int$ би изнесувал околу 8000 int$. Во тој случај ( 1990-2019) не би бил евидентиран раст од 159.7, туку само 96.5 %, и би бил под просечниот на групата. Но, бидејќи користиме реномиран меѓународен извор, забелешкиве ќе ги третираме само како претпоставка. Ако некој, со право, праша: зошто се фрла сомнеж на податоците (за 1990) само за овие бивши републики, одговорот е: бројките на другите многу пологично се совпаѓаат со оние, кои добро ги знаеме, од пред распадот на СФРЈ. Со ова не велиме дека, евентуално, цитираниот извор направил грешка, зашто можеби таа е направена таму од каде што се преземени за обработка. Затоа сликата (за оствареното) ќе ни стане појасна ако ги погледнеме промените на апсолутните износи на БДП на групата, во целина, и одделно на секој ентитет од неа (екс-ЈУ 6).

  Во периодот 1990-2019, прирастот на доходот на еден жител на групата екс-ЈУ 6 изнесува 11694, зголемен од 10895 на 22589 инт$. Прираст, над просечниот на групата оствариле: БиХ, 12668, Хрватска, 14019, и Словенија, убедливо најголем, 18427 дополнителни int$ на еден жител.
Под просечниот прираст на БДП на групата оствариле: Македонија, 9932; Црна Гора, 9656 и Србија, уверливо најмал, 5461 int$.

  Според тоа, во контекст на дискусијата за процентуалните и апсолутните промени на доходот, потенцираме: иако Словенија, која по Србија има најнизок процентуален раст на БДП во анализираниот период (86.5), нејзиниот апсолутен прираст на еден жител изнесува 18427 int$ и е повисок од вкупно достигнатиот доход на еден жител на БиХ (14224), на Македонија(16149) и на Србија (17398) остварени во периодот на нивното вкупно постоење. Но, оние што не се бават со вакви прашања не треба да извлечат заклучок дека процентите на раст не се важни, туку само апсолутните износи. На крајот, ако некоја држава остварува доволно долг период повисоки стапки на економски раст, тоа секако ќе резултира со намалување и на разликите изразени во апсолутни износи.
Веќе рековме зошто Kосово не е вклучено во збирниот коментар. Друг извор (World Bank indicators) вели дека БДП на еден жител на Косово, од 2010 до 2019 е зголемен од 7627 на 11318 int$ (апсолутен прираст од 3691 int$, или 48.4 %, за период од една деценија.

Дали евидентираните динамики на раст на БДП довеле до намалување на економскиот јаз помеѓу некогашните поразвиени и помалку развиени ЈУ-републики?

Одговорот на ова прашање го даваат табелите 5 и 6 (и графичките прикази, за подобра визуелизација) во кои се впишани пресметаните релативни разлики во доходот на еден жител: во првиот случај, табелата 5, се прикажани промените во релативните односи на секоја одделна држава од групата екс-ЈУ 6 во однос на просекот на самата група; во вториот случај, табелата 6, се дадени релативните промени на секоја од петте држави во однос на најразвиената од групата, Словенија.

А. Прво, какви промени настанале во релативните односи на развиеност кога секоја одделна држава од екс-ЈУ 6 ја споредуваме со просекот на групата?

  Од податоците во табелата 5, потсетувајќи се и на податоците во табелата 2, приложена во првиот дел од освртов, воочуваме:

  • Во редоследот според нивото на развиеност на екс-ЈУ 6 државите, настанале две измени: Македонија, која секогаш беше за нијанса зад БиХ, сега е пред неа, и Србија, која секогаш беше пред Црна Гора (на трето место според доходот по Словенија и Хрватска) сега заостанува и зад неа.

  • Според бројките, само БиХ и Македонија оствариле приближување кон просечниот доход на групата. Првата за 48.7 п.п (од 14.3 на 63 п.п), втората за 14.4 (од 57.1 на 71.5 п.п). Другите четири држави бележат заостанување, најмногу Србија (-32.5 п.п), или намалување на предноста, Словенија (-19.6 п.п) и Хрватска, занемарливи (-2.6 п.п).

  • Ако знаеме дека само една година пред 1990., значи 1989., доходот на еден жител на БиХ и Македонија беше помал за околу една третина од просекот на групата екс-ЈУ 6 (а, не многу под тоа, како што за 1990. ни соопштува реномираниот меѓународен извор) искажан во која било валута и по кои било цени, во тој случај процентните поени кои покажуваат намалување на релативното заостанување на овие републики во споредба со просекот на групата, стануваат мошне дискутабилни. Имено, како што погоре објаснивме, се работи за силен ефект од “прениско квантифицираната споредбена основица“ на овие две републики за 1990.

  • Ако повнимателно се погледаат податоците за Македонија, (прифаќајќи дека се апсолутно точни) гледаме дека таа, разликата во однос на просекот на групата јасно ја намалува само во периодот од 1990 до 1995 (за 15,6 п.п.) кога Македонија де факто бележи номинален пад на БДП, и дека по тој период, од 1995 до 2019, нема намалување на разликата. Постои дури и благо заостанување. Од бројките за другите држави гледаме дека подобрувањето на позицијата на Македонија од 1990 до 1995 настанало исклучиво поради многу поголемиот пад на доходот на Србија и на Црна Гора (кај двете држави е преполовен, бидејќи официјално „не војуваа“ со никого, особено Србија) како и поради неколкукратно помалиот доход на БиХ од оној до 1989., која во тој период страдаше од најкрвавата и најгнасна војна во Европа по Втората светска војна. Потоа, за срам и блам на целото наше општество (македонското) пред сè на партиите на власт, од 2000 до 2019 година Србија повторно се истопорува пред нас и особено Црна Гора, која остварува предност пред Македонија од речиси дваесет (20) п.п. при споредбата со просечниот доход на групата.

Што се однесува до другите, кои барем според овие податоци губеле од предноста, воочуваме:

  •  Хрватска главно ја задржала предноста во споредба со просекот на групата, зашто, како што рековме, бележи нејзино сосема мало намалување ( за -2.6 п.п.)
  • Црна Гора, чиј доход на еден жител бил на нивото на просечниот на групата, се спуштила зад просекот за 9 п.п.
  • Словенија загубила од предноста близу 20 п.п, додека Србија покажува најголемо назадување (од +9.4 над просекот на групата, се спушта на -23.1 п.п. под просекот, иако од 2000 година наваму бележи тренд на надоместување на зголеменото заостанување.


Б. Какви промени настанале во релативните односи меѓу најразвиената, Словенија и другите пет држави од групата екс-ЈУ 6, по распаѓањето на СФРЈ?

На ова прашање одговорот го даваат податоците во табелата 6 и графиконот изведен од неа.

 


Од податоците за економските разлики помеѓу најразвиената, Словенија и останатите пет држави од групата, воочуваме: три од петте држави, БиХ, Македонија и Хрватска, го намалиле заостанувањето зад неа, со различни п.п.; Црна Гора ја задржала, речиси, истата разлика; Србија, пак, соодветно на досега изнесените податоци, дополнително заостанала зад Словенија за незанемарливи 12.3 п.п. Напомената (изречена погоре) во врска со таканаречениот „ефект на ниската основица“ за БиХ и Македонија, важи и при оваа споредба.

Генерално, можеме да резимираме на овој начин. Има поместувања во редоследот според доходот на еден жител на државите што настанаа по распадот на СФРЈ. Македонија се поместила пред БиХ, Црна Гора пред Србија. Но, не затоа што првите посебно напредувале, туку затоа што другите, во еден период, повеќе назадувале, а причините за тоа не се непознати. Има и приближувања и оддалечувања кон и од просекот на групата. Некои од нив не се за потценување.

Меѓутоа, клучното е: Словенија и Хрватска, де факто, поразвиени републики во бившата СФРЈ, и по три децении од осамостојувањето го задржале истиот статус; исто толку, евидентно, поразвиени, во споредба со другите од групата. Но, не успеале да ја зголемат предноста пред помалку развиените. Додека, Хрватска, во однос на просекот на групата, главно, ја задржува истата дистанца од пред триесет години, Словенија губи дел од големата предност. „Злобниците“ би рекле дека „товарот“ што го влечеле нивните локомотиви на развој - а тоа, наводно, беа другите, недоволно развиените републики во времето на СФРЈ - не бил причина тие да се развиваат побрзо од етикетираните со ознаката „товар“. Другите, пак, кои зборуваа дека „себичните“ Словенци ги експлоатираат, независно од малите скратувања на разликата, не успеаја осетно да го предизвикаат приматот на двете „развиени“ републики/држави. Србија, која најмногу од сите се жалеше дека е експлоатирана, дека односите во Федерацијата се поставени како односи меѓу „фаворизирани“ и „хендикепирани“ од системот, во изминатите три децении не покажа дека тоа било причината. Имено, таа го зголемува заостанувањето и зад просекот на групата и зад двете поразвиени држави, кога „самата е господар над својата судбина“.

Очигледно, нешто друго било пречка за побрзиот развој на сите тогашни составки на СФРЈ: прво, воспоставениот политичко-економски систем, а потоа, како што рековме, „отсуството на политичка волја за темелна реформа на таквиот систем и изнаоѓање соодветен, за сите прифатлив, модел на дистрибутивна правда, особено во услови на мултинационална и мултиконфесионална заедница.

(продолжува)