Владимир Зарев: зборовите постојано ме тревожат (1)

13.01.2022 12:08
Духовноста е единствениот излез од сѐ поагресивниот и постојан недостиг и бедност


 Владимир Зарев е син на големиот бугарски интелектуалец, академик Пантелеј Зарев, кој ќе му го даде највредниот совет, секогаш да биде слободен, независен, да опстои на своето. На прашањето: Кој ќе ми помогне? Одговорот на таткото бил: Читателите! Германската критика го нарекува „бугарскиот Балзак“, а неговиот роман „Пропаст“ е наречен „роман на промената во цела Источна Европа“.

АВР: „Пропаст“ е роман за изгубениот рај за човекот, роман за заслужениот, но недофатлив живот во неговата најубава, најтопла форма, роман за страдањето. Една Ваша случајна средба со Вашиот некогашен професор, ќе биде причина да започнете со пишување на романот.

ВЗ: Во право сте! Романот „Пропаст“ е роман за страдањето, за тоа како беа понижени и отфрлени луѓето со високи духовни квалитети, а на светлото на денот и општественото внимание се појавија мутрите, јавните крадци и измамници со сета своја криминалност, нахалност и простотија. И уште: „Пропаст“ е роман за начинот на кој беше ограбена и обескрвена Бугарија на почетокот на транзицијата, уште во првите години на демократијата, повест за оние механизми со чија помош бескрупулозните и дебеловратлестите ги презедоа најважните институции, ги корумпираа политичките партии, корупцијата ја претворија во основен економски принцип, придобивајќи ги полицијата и судиите во свои слуги, го поткопаа и уништија имуниот систем на секоја државност.

Но, да се вратам на Вашето прашање. Ја паметам таа студена, маглива, непријатна есенска вечер. Ромонеше студен, бесмислен дожд. Се враќав од една понижувачка средба со еден од, тогаш, најбогатите бизнисмени, инаку мој пријател кого го молев финансиски да го поддржи списанието „Современик“, на кое и сега сум главен уредник. Тој ме нагости со виски што чинеше повеќе од мојата месечна плата и... се разбира, ми откажа. Кога наближив до моето живеалиште, забележав човек, небаре сенка, надведен над контејнерот за ѓубре понижувачки рошкајќи нешто во него. Го сторив познат, се вгледав во него и сиот истрпнав. Тоа беше мојот учител по географија, еден од моите најомилени и најпочитувани професори, кој беше пример за достоинство и слобода. Господе, до каде стасал – да се храни од кантите за ѓубре! И двајцата ги извртевме главите, преправајќи се дека не се познаваме. Потресен, отрчав дома и без да се соблекувам, седнав пред мојот тогашен компјутер купен на старо и со најголемите букви на екранот испишав „ Разруха“ („Пропаст“)

АВР: Колкав е духовниот потенцијал на човекот кој е фрлен во машината на современиот капитализам и дали духовноста може да нѐ спаси? Каква е судбината на малиот, трошен човек чиешто достоинство е потиснато и згазено?

ВЗ: Единствениот начин да се спасиме од сѐ поагресивниот и постојан недостиг и бедност, од повторувачката неправедност и ниските вибрации на животот е духовноста. Едноставно, да останеме со високите неодминливи вредности на Словото, на уметноста, да ги сочуваме во себеси стремежот кон благородноста и убавината. Како што беше рекол Достоевски – „убавината ќе го спаси светот“. Но, не убавината на сегашниот, материјален свет, туку онаа којашто животот го претвора во духовно доживување, што го облагородува човекот и помага да живееме во еден поинаков живот исполнет со творечки дух.

АВР: Името на еден од Вашите последни романи е „Чудовиште“. Кои се чудовиштата што го населуваат современиот свет? Ги препознаваме ли? И колку човекот е свесен дека токму во него чудовиштата си прават дом!?

ВЗ: Во секој од нас живеат секакви помали и поголеми, покротки и поопасни чудовишта што нѐ измачуваат и со коишто треба да се пребориме. Навистина, има чудовишта што нѐ напаѓаат, коишто се општочовечки и го засегаат целокупното човештво. Во романот „Чудовиштето“ тврдам дека Антихристот веќе слегол на Земјата, дека тој е насекаде околу нас и нѐ опсипува со својата разрушувачка енергија. Се мислам, дека тој можеби не е човек, некаква посебна личност, туку појава.

Таа појава, според мене, е Интернетот, виртуелните мрежи во сите свои налудничави форми. Влезете ли во метрото, во трамвајот, во некој ресторан, можеби сте на нечија свадба или на погреб, гледате дека речиси сите присутни ѕурат во своите мобилни телефони, потонале во нив, како таму да наоѓаат некаква магична разрешница или утеха како спас. Всушност тие четуваат, четуваат глупости. Младите современи луѓе не можат да комуницираат нормално, тие претпочитаат да четуваат зашто средбата во живо со некого значи обид да се бендисаш некому, да се докажеш пред другиот, да го вклучиш разумот и сите свои расположливи квалитети. Четувањето, всушност, ја заштитува твојата анонимност, сета твоја површност и неодговорност.

Ќе прашам едноставно – можно ли е човек да има илјада пријатели? Нели пријателството е како љубовта, прашање на грижлив и долготраен одбир, на загатливото, понекогаш магичен избор што ќе треба да ја издржи пробата на времето. Јас почитувам стотина луѓе, но моите пријатели се бројат на прстите на двете раце, и тие се важен дел од мојот најинтимен живот. Луѓето со помошта на интернетот привидно се во постојан, непрекинат контакт, но се одучија да општат. Тој, интернетот, е најопасен за децата, зашто ја сакати нивната вообразба и ги вовлекува во еден прост и еднозначен до глупост виртуелен свет. Во свет без проблеми, во нереален свет. Вистина, во мрежата има огромна недогледна информација, која и јас сум ја користел повремено, но таа информација е сомлена и површна и не може да го замени вистинското познание од простата причина што познанието, освен информација, ги содржи и нашите духовни усилби да достигнеме до него, освен елементарна информација и емоција да ја преоткриеме и осознаеме длабочината на проблемот што нѐ засега. Смело тврдам дека по две-три децении овој виртуелен стрвен и гладен свет ќе биде огромен, нерешлив проблем каков што е денес проблемот со климата, предизвикана од безумието на човекот.

АВР: Во романите „Пропаст“ и „Чудовиштето“ екстрахираат три доминантни опозити: љубов/омраза, живот/смрт, владетел/потчинет. Како се раѓаат идеите за Вашите романи во кои овие три опозити наоѓаат своја форма во ликовите?

ВЗ: Веројатно веќе споменав дека мене зборовите постојано ме тревожат. Тоа е состојба на внатрешен немир, на копнеж да споделуваш нешто што не постои, но секак, веќе го има! Во такви моменти насетувам душевна тревога и несигурност, сѐ што е околу мене како да ме смалува и ми одзема од слободата. Тоа не е незгода или болест, а некаква форма на безделно лидање и кога тоа чувство ќе ме обземе и завладее, знам дека е време за мојот нов роман. Тогаш во себе ја чувствувам густата драматична силуета на еден далечен маглив конфликт, или ме овладува филозофска идеја што дотогаш останала недофатна, но дури и една случајна метафора и досетка може да ја преточи во текст, во расказ. Таа тревога ме преследува како озарување што треба да биде втврдено со интересни ликови и човечки судбини, да ја пронајде својата драмска смисла и јазичен израз. Веднаш по несвесниот духовен напор, во првичниот творечки чин не ме раководи чувството за верност и вистинитост, ами способноста на идејата да создаде судир, драматизам... во тоа сум сигурен – страдање! На пример, во основата на романот може да лежи идејата дека Злото е движечката сила во Вселената, дека тоа е дејството, промената, развојот, разнообразноста, мускулот на Битието и така да го оплодува безличното и здодевно Добро. Но, идејата може да биде и сосем обратна, дека стапувајќи во бој со Злото, Доброто, всушност, се мумифицира, се собира во себе, губи од сопствената свитливост, личното учество во дејствието, во разнообразноста, зашто ако не го стори тоа, ќе се претвори, несвесно, во својата противречност, во жолчното Зло.

Сакам да кажам дека до овој момент, не се грижам за докажаното и вистинското, ме интересира необичното и многупати апсурдното! Допуштам дека во тој навистина драматичен момент во кој узрева мојата внатрешна одлучност, сознанието надвладува над очевидната консеквентност, „причината раѓа последица“, што по себе е причина за нова претрага. Оваа неизбежна логична последователност подоцна ќе се појави во осмислувањето на романескното сиже. Фабулата, реалната продолжителност на дејството е вторичната компонента на творечкиот чин. Таа толку доцни што кај мене стасува дури откако ќе се образуваат сите карактери. Колку и да е убава и необична една идеја, каква и неверојатна филозофска длабина да поседува, таа треба да биде „симната“ од својата универзална смисла и облечена во нечија индивидуалност, во карактер, во судбина, ако сакате во распознавањето и нераспознавањето на човекот. Градбата на ликовите во еден роман е една од најсложените и најтешки работи. Да оживее ликот во мене, значи се преборил тој со својата слобода, го фатил сопствениот пат, сам да ги искажува своите желби, надежите, животниот опит и стратегија, станува сам одговорен за комплексите и за личните квалитети како амбиции, волја, способност да се биде и да се биде непобедлив. Спомнете си за класичната изјава на Пушкин, дека Татјана го намамила и го изиграла, се омажила, но не според неговите писателски очекувања.

АВР: Што мислите за современиот човек и начинот на којшто го ползува сопственото рацио? Која е вистинската пандемија од којашто е заразен човекот на новото време?

ВЗ: Современиот човек, за жал, е постојано манипулиран и е длабоко неслободен. Тој е изнасилен, направо дресиран од либералната филозофија, од американското вјерују дека среќата на човекот зависи од успехот, а успехот зависи од парите. Среќата е нешто многу повеќе од тоа, пообемно од успехот и парите, среќата е да бидеш здрав, да бидеш во хармонија со себе и со околниот свет, среќа е да бидеш сакан и уште поважно е ти да сакаш, среќа е да го сочуваш своето достоинство под секакви услови, да отстоиш на себе си, да бидеш свој. Либералната филозофија изискува современиот човек да биде не премногу образован, по можност обездуховен, за да може полесно да се манипулира, но во исто време, да располага со едно важно и определувачко својство... да консумира, да консумира и пак да консумира. Тоа е добро за пазарната економија, но ресурсите на планетата не се бескрајни, тие бргу се арчат и јас предвидувам дека набрзо ќе има војни не само за енергетските ресурси, туку и за водата за пиење, на пример.

Нека не звучи фатално, но со својата бескрајна, недалекувидна алчност, разумот како да е канцерот на природата, тој го уништува организмот што самиот го создал. Во својата глупост некои луѓе трупаат бесмислени, виртуелни и неупотребливи пари (се тврди дека пет проценти од населението поседуваат деведесет проценти од материјалните блага на светот!?!), и го водат човештвото кон неминовната пропаст. Добро е секој еден од нас да се присети на мудроста на апостол Павле: „Никој од вас ништо нема да однесе од овој свет, зашто никој од вас ништо и не донел во него!“

(продолжува)

Интервјуто го водеше: Ана Витанова – Рингачева, главен и одговорен уредник на списанието„Зенит“

Превод: Бранислав Мирчевски

Интервјуто е објавено во двобројот на списанието „Зенит“ 6-7, декември 2021 год.

Слики: Wolfgang Stiller