1021 hPa
87 %
9 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 07:59
Култниот и контроверзен дански режисер, Ларс фон Трир, зборува за своето детство, за стравовите, за домот, за филмот, за Бергман и Тарковски, за клапнатиот цвет... Разговорот го води Стиг Бјоркман.
Бјоркман: ‒ Што мислите за вашата предодреденост? Зборувавте за своето растење и за односите со други деца. Тоа што сте воспитувани либерално значело дека од мал сте морале да носите многу важни одлуки за себе. Дали ќе одите во училиште и кога, дали е потребно да одите на лекар и забар, каква облека ќе си купите...
Трир: ‒ Позитивно е да се има таква доверба во дете, но постојат и несакани последици од толкавата одговорност. Бев мошне нервозно дете. На шест години со саати лежев згрчен под масата, исплашем дека атомска бомба може да падне секој миг. Бев клинички анксиозен, како и денес, од други причини.
Кога имаш потполна слобода на избор секогаш добиваш шлаканица во средбите со надворешниот свет во кој слободата на избор не постои. Тој свет го претставуваа моите врсници. Проблем беше да се спојат двата света. Набрзо им станав водач на другарите, осеќав должност да ја преземам одговорноста, да одлучам што ќе си играме и слично, а тоа беше навистина изискателно. Се разбира, имаше и такви кои не се согласуваа, но тоа беше друг тип на проблем.
‒ Дали тогаш тоа сте го доживувале како извор на судир?
‒ Не, веројатно не. Подоцна сфатив дека е тоа причина за мојата анксиозност. Ми фалеше надворешен авторитет што ќе ми помога во процесот на одлучување. Бев принуден да го зацрвстам внатрешниот авторитет, што за дете не е баш лесно.
‒ Одевте на забар, на пример? Или ви беше гајле?
‒ Одев, се разбира. Порано ги пишував домашните задачи, побрзо од другите, оти ги немаше родителите да ми висат над глава. Се трудев да сработам што повеќе чекајќи го автобусот за дома.
Ме измачуваа детската фантазија и чувството на вина. Мислев дека сум одговорен за целиот свет. На пример, се сеќавам на еден искривен цвет крај патот. Успеав да го исправам и прицврстам со протезички. Секојпат кога поминував таму морав да проверам дали сеуште стои, оти во спротивно целиот свет ми се рушеше.
(...)
‒ Рековте дека сè во вашата куќа било отворено, без тајни. Меѓутоа, во една соба имало заклучан креденец во кој вашата мајка ги чувала писмата кои ги пишувала на вашиот вистински татко. Дали ве чудело тоа што креденецот бил заклучан, со оглед на тоа дека сè друго било отворено и достапно?
‒ Интересен е данскиот збор за креденец, skab. Зборот исто така означува и инсект. Изразот at skabe sig значи „да се правиш луд“ или „да создаваш збрка, забуна“. Би можеле да речеме дека тој креденец претставуваше инсект во нашата куќа.
Со текот на времето, покрај терапијата, сфатив дека моето детство и не било толку слободно како што мислев. Се покажа дека мајка ми имала планови за мене и за моето насочување, иако се преправаше дека такви планови не постојат. Така ни тајниот креденец не треба претерано да чуди.
(...)
‒ Што е тоа што ве вознемирува кога сте надвор од ѕидовите на вашиот роден дом, во кој одново живеете?
‒ Мислам дека е тоа копнежот по дом. Го разбирам Тарковски кога го прави филмот Носталгија во Италија, далеку од дома. Ова веројатно се случува и во моите филмови. Дури и кога ги снимам во други делови на светот, секогаш има детали кои можат да се поврзат со фиксната точка на мојот живот, а тоа е домот. Посебно целата таа вода што тече низ моите филмови. Постои река блиску до куќава, по која веслам со својот кану. Таа река многу ми значеше во текот на растењето, таа е како нерв, што веројатно звучи како клише, но веслањето овде, посматрањето на старите мелници и старите фабрики мене многу ми значи. Секогаш кога патувам одовде станувам тажен. Водата е утешна. И кога патувам исто така сакам да бидам близу вода. Непријатно ми е ако престојувам во место далеку од вода.
Пејзажов го доживувам како свој и добро ја познавам целава околина. Многу луѓе се доселени овде од времето кога бев дете, но на некој начин чувствувам дека имам повеќе право од нив да бидам тука. Дојден сум пред нив! Овде е мојот дом. Овде можам да се опуштам.
На куќата направивме значајни измени. Направивме и работилница, во градината. Уживав да ги кршам омилените предмети на мајка ми. Стаклени чинии, украси и џиџи‒миџиња. Големата чинија што стоеше крај трпезариската маса ја скршив непосредно по мајчината смрт и тоа беше одлично чувство.
(...) Порано се грижев за местото каде што ќе умрам. Замислував дека умирам во непозната болница, затворен во четири непознати ѕида, и тоа е мошне клаустрофобично чувство. Се борам со тоа чувтво, со враќањето во куќава. Овде сум и овде останувам. Можеби ќе се предомислам, но оваа одлука ми дава одредена сигурност. Знам дека никогаш нема да дојдам во искушение да се прселам во Америка или негде другде, и тоа е мошне добро чувство. Верувам дека човек умира порано ако нема чувство на припаѓање. Меѓутоа, не беше лесна одлуката овде да се преселам. Имав доста копнежи и амбиции, некои од нив поврзани со живот во други држави...
(...)
‒ Која е вашата најлоша особина?
(многу долга пауза) Зависи што подразбирате под „најлоша“. Дали мислите на моите лични мани или на начинот на кој влијаам врз луѓето? Во обата случаи мислам дека е тоа мојата нестрпливост. Но кога би бил пострплив, веројатно мојста работа немаше да биде толку убедлива колку што јас сакам да биде. Убедливоста мошне ја ценам. Исто така сметам дека имам мошне ограничена фантазија. Премногу е егоцентрична, што во голема мера ја ограничува.
(...)
Помеѓу природното и конструираното, секогаш го бирам второво. Ваквото однесување може да јас налути филмската екипа. Еден техничар го напушти снимањето на филмот Елементи на злочинот. Требаше да закачиме завеси, меѓутоа се покажа дека не ги собира на вистинската страна од прозорецот. Му реков дека не е важно и да ги закачи однадвор. Тој рече дека надвор врне дожд, и на моето „одлично!“ тој го напушти снимањето. Не можеше да го прифати таквиот начин на размислување. „Завесите треба да висат однатре!“ Јас мислам дека таквите апсурди само го збогатуваат филмот.
(...)
Никогаш не сум се плашел во професионални ситуации, но затоа секогаш страхувам дека ќе се разболам или на друг начин дека ќе бидам спречен да работам. Се плашам од она што не можам да го контролирам. Работата е чисто задоволство. Во таа смисла можам да го витирам Бергман кој има речено дека никогаш толку не се забавувал како тогаш кога, за време на снимање на еден филм, со мегафон им командувал на група полицајци и посматрал како ја слушаат секоја негова наредба. Тогаш разбрал што е „моќ“. Додека ја снимавме Европа, јас наредував на војници на Црвената армија, што беше многу интересно...
(...)
Јас Бергман го доживувам како свој духовен татко. И тој имал проблеми сол својот татко. Неговиот духовен татко, Бог, не му одговорил, така што е логично што Бергман не ми одговори мене, на еден предлог. Ќе беше чудно да ми одговореше авторот на Тишина!
Избор и превод: П. В.
Фотографиите се од филмот Dancer In The Dark (Lars von Trier, 2000)
Оригиналниот наслов: Stig Bjorkman, TRIER OM VON TRIER, 2000