Титова Југославија и атинската демократија

14.01.2022 18:57
Мирослав Грчев

Решиле така дедото и бабата да имаат новогодишен секс. Уредиле сѐ во станчето да постигнат топла и еротска атмосфера. Придушено светло, свеќи, пригодна закуска и вино, тивка звучна позадина од „Ноќите во бел сатен“… со еден збор, сѐ по список. Се присетиле на сите стари воведни штосови за водење љубов и, по прописно изведената предигра во спална, тргнале со реализација на слаткиот наум. Но, никако да им тргне од рака. Не се откажале од прва, туку упорно пробувале сѐ што може до длабоко во ноќта. Во еден момент дедото целиот истуткан и забифтан, скокнал од креветот и разгневен почнал да колне: да им се плукнам и на Заев, и на Груевски, и на Бучковски, па и на Црвенковски и тој Георгиевски… пу, пу, пу. Бабата го гледа вчудовидена и го прашува – па што ти се сега криви тие? А, дедото ѝ се врти и вика нервозно, вакво нешто никогаш не ми се случило за време на Тито!

 

Уставот од 31 декември 1946 година

Вицот е како тажна и фрустрирачка басна за македонското патешествие од прегратките на мајката Југославија, што ја напуштивме во нејзината смртна постела, потоа за ненадејното ноќно патување без патни карти и багаж, прогласувањето на независноста и практично сите одисејски премрежиња низ кои поминавме на патот до денешниве деној. Со неколку зборови изречено, вакви гадости, спрепки и калишта, неспособности и бруки, лизганици и падови, понижувања и индигнации, буквално никогаш не ни се случиле во времето на Тито.

Од друга страна, пак, сенилната љубовна фрустрација од вицот сака и да го релативизира незадоволството што веќе со децении го чувствуваат сите постари што го паметат Тито и животот во Југославија. Тие се сеќаваат повеќе на својата младост, во која сѐ им беше лесно и можно, отколку на објективните факти за животот во југословенската федерација. И? Каде е вистината, дали на Македонија и на Македонците им беше подобро во заедничката татковина или тоа се само дамари на старечката немоќ и пусти сеќавања за младоста, додека македонското независно кајче одлучно го сече постблоковското време на својот бесконечен пат кон подоброто утре?

Засркнат пред тешкото прашање што самиот несмотрено си го поставив, се сетив каде да го побарам одговорот. Посегам по еден вреден историски предмет во мојата библиотека, што со наследување од воената генерација стаса до мене: новогодишниот подарок до сите македонски граѓани, Уставот на Народна Република Македонија од 31 декември 1946 година. Во раце ми е првото печатено издание на Уставот, во А4 формат, со корици од бледосино ткаење, најверојатно печатено само за членовите на Собранието и на републичкото раководство, зашто ги нема вообичаените податоци за печатницата, годината на печатењето и слично. Книжето е чиста убавина: насловите и членовите со црвена боја, текстот со црна, печатот буквално феноменален, со оригиналниот државен грб како да е боен со мајсторска рака на секој примерок. Текстот е на архаичен македонски, очигледно напишан пред кодификацијата на литературниот македонски јазик.

Нема да ве давам, почитувани читатели, со читањето на целиот Устав, но во оваа пригода ќе ви ги препечатам двата клучни члена – вториот и деветтиот, неопходни за денешното разбирање на нашето државно раѓање, младост и зрелост. Член 2. „Остваруејќи ја во својата ослободителна борба, и во заедничката борба на сите народи на Југославија својата народна држава, Народна Република Македонија, и изразуејќи ја, врз основа правото на секој народ на самоопределуење, вклучително правото на отцепуење и на соединуење со други народи, својата слободна волја, македонскиот народ се соедини врз основа на началото на рамноправноста со останатите народи на Југославија и нивните народни републики: Народна Република Србија, Народна Република Црна Гора, Народна Република Босна и Херцеговина, Народна Република Хрватска, Народна Република Словенија, во заедничка сојузна држава – Федеративна Народна Република Југославија“.

И, како што ветив, уште само членот 9. „Народна Република Македонија ја врши државната власт суверено, пренесуејќи ги на Федеративна Народна Република Југославија само оние права што се утврдени со Уставот на ФНРЈ. Суверените права на Народна Република Македонија, нејзината безбедност како и општественото и политичкото уредуење стоат под заштита и одбрана на Федеративна Народна Република Југославија.“ Од овие цитати некому може да му падне перде од досада преку умот, но некому богами може и солза да му надојде на очи.

Читајќи го овој извод од матичната книга на родените, станува малку појасно дека македонската државна рожба и културна еманципација и процут беа можни единствено во недрата на Југославија и само и единствено под знамето на комунистичката идеологија. Ниту една друга историска комбинаторика под капата небеска не можеше да ја изнедри оваа нејака, но прекрасна и бесценета младица. А таа младица не можеше да има подобри услови за виреење и процут во ниту една друга геополитичка градба отколку што тоа беше моќната југословенска федерација. И, како што е напишано во членот 9, македонското општество и неговите суверени права „стоат под заштита и одбрана“ на моќната Југославија.

 

Најправедното општество во историјата

Затоа, да не се залажуваме, нашата авантура како независна држава може да се претстави како талкање на нејако младенче од антилопа во барање втора мајка заштитничка среде европската Серенгети, по несреќната смрт на родителката. Од оваа саванска метафора без секое сомнение потекнува и нашиот „најдолг пат“ кон Европската Унија и неговата толку понижувачка и болна безалтернативност. Но, она што е најчудно (и најглупаво, се разбира) е што за триесет и кусур години безалтернативно талкање по ендеците и калиштата на патот за Европа, ние не успеавме да сфатиме дека сеќавањето на победничкиот период на нашиот процут и просперитет во Југославија, и гордоста на тоа минато, ќе ни беше најдобрата заштита од искушенијата што не снајдоа на патот.

Наместо тоа, ние, под влијание на вмровската малоумна идеологија, го отфрливме сеќавањето на Тито и на Југославија, и неверојатните општествени и културни достигнувања на југословенскиот социјализам, и извршивме колективна лоботомија поврзувајќи го своето постоење со измислената неисториска химера на ВМРО-то, средновековното царство на Самоил и на античките македонски кралеви филохелени, кои немаа ама баш никаква улога во создавањето на македонската држава и во цутењето на нејзината култура.

Се разбира дека ни беше подобро додека стоевме под заштита и одбрана на моќната Југославија, зашто федерацијата не беше само политичка и воена, туку и културна велесила. Зашто институциите на македонската држава, исто како и буквално сите институции на македонската култура, не се раѓаа со партеногенеза или со проста делба од македонската кал и прашина, туку ја оплодија зрели и висококвалитетни стручњаци, инженери, лекари и уметници од братските југословенски држави. Тоа плодно братство и единство, и вистинската слобода, еднаквост и солидарност, се најскапоцените вредности што требаше да ги одгледуваме и да се гордееме со нив, и конечно, тие вредности требаше да ни бидат водилката во неизвесната иднина на хаотичниот и тоталитаризиран свет, а не глупоштиите со кои вемерето ни го изгради современиот шизофрен идентитет.

Југословенскиот социјализам е најнапредното, најправедното и најдемократското општество во историјата на човештвото и би требало да се изучува и да се слави повеќе и попосветено и од атинската демократија. Не зашто може да се врати, туку поради хуманистичките вредности што ги достигна. А нам би требало да ни е гордост и водилка, а не тивка празнина исполнета со молк и срам.

Така што – да, вакви работи какви што ни се случуваат денес, никогаш не сме ги доживеле во блажената доба на Титова Југославија.

Слики: Ivan Generalić (1914–1992) 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото