1022 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 21:59
Достапните податоци покажуваат дека државите со поголем процент на вакцинирано население имаат и помалку оптоварен здравствен систем и помала стапка на смртни исходи како резултат на последици од заразување со коронавирусот. Воспоставувањето причинско-последична врска и објаснувањето на различното влијание на вакцинирањето во однос на исходот од болеста и оптоварувањето на здравствениот систем е комплицирано заради низа фактори кои ја посредуваат оваа врска. Некои од нив се староста на населението, возраста на заразените лица, придржувањето до епидемиолошките мерки, како и тајмингот на вакцинирањето со оглед на тоа дека имунитетот ослабува со текот на времето. Иако интензитетот во падот на бројките на починатите не е изедначен во сите држави со висок процент на вакцинирани, корелацијата секако е неспорна: колку што е поголем уделот на невакцинираните, толку е поголем и бројот на починати и толку е поголемо оптоварувањето на здравствениот систем.
Бидејќи е невозможно да се влијае на поголем дел од останатите фактори, економистите и социолозите спроведуваат истражувања настојувајќи да откријат што е во позадината на одбивањето на вакцинирањето. Едно од нив е и истражувањето спроведено во Велика Британија кое на прв поглед воспоставува тензична врска помеѓу процентот на гласачи за Брегзит и смртните исходи од Ковид-19 на ниво на одредени општини. Податоците ја поткрепуваат претпоставката дека постои врска (четири општини со најголем процент на смртни случаи имаат и највисок процент гласачи за Брегзит, додека 20 општини со најниска стапка на смртни случаи имаат и најмал процент гласачи за Брегзит). Интерпретацијата на оваа врска се потпира на недовербата во политичките и финансиските елити и популистичката реторика која е застапена во сржта на аргументите како за Брегзит, така и против вакцинирањето и епидемиолошките мерки.
Неспорно е дека пандемијата покажа дека постои значајна група луѓе која е скептична во однос на советите на стручњаците и „мејнстримот“, но дали овие луѓе можат да се поистоветат со гласачите на радикалната десница? Истражувачите од Оксфорд и Универзитетот во Глазгов кои го спроведоа истражувањето тврдат дека овие две групи не можат да се поистоветат, но дека процентот гласачи на екстремно десните партии може да послужи како доволно добар показател за нивната бројност во одредена општина.
Џонатан Берман, автор на книгата „Anti-Vaxxers: How to Challenge a Misinformed Movement“, коментираше дека оваа врска „донекаде држи вода“ и дека истражувањата во САД утврдија слично совпаѓање помеѓу гласачите на Трамп и смртните исходи од Ковид: „Гласањето за Брегзит беше мошне различно од гласањето за Трамп, но паралелата која би ја повлекол е дека двете кампањи беа популистички, прикажани како борба на обичниот народ против елитите“. Додаде и дека антиваксерското движење ги привлекува оние кои се подложни на популистички идеи и политичари како Трамп кои успеаја да капитализираат од недовербата кон мејнстримот и „елитите“. Во антиваксерската реторика и епидемиолозите, здравствените институции и виролозите се прикажани како елита, рече Берман.
Некои приговараа за претераното поедноставување на истражувањето, токму заради другите фактори кои влијаат на бројот на смртните исходи како процентот на вакцинирани и возраста на населението. Но, споменатото истражување кое утврди висока корелација помеѓу бројот на гласачи на Трамп и смртните исходи од Ковидот во одредени окрузи исто така го откри и клучниот фактор кој ја посредува оваа врска: колку што е поголем уделот на гласачите на Трамп во некој округ, толку е помал и процентот на вакцинирани.
Слично истражување спроведено во Германија покажа дека жителите најмалку се придржуваат до епидемиолошките мерки и дека бројките на заразени се екстремно високи во оние региони во кои особено е популарна партијата на популистичката радикална десница АфД (Алтернатива за Германија). Колку поголем број гласови добила АфД во одреден регион на изборите во 2017 година, толку побрзо се ширел коронавирусот во тој регион во 2020 година. На ова истражување не може да му се приговори дека не се земени предвид останатите фактори: истражувачите во анализата вметнале дури 48 фактори, вклучувајќи ја старосната структура на одредени религии, близината на границите, па дури и социјалната нееднаквост. Резултатите покажале дека некои од овие фактори биле значајни за бројот на заразени, како нивото на образованието и густината на населеноста. Меѓутоа, резултатот е јасен: растот на бројот заразени најмногу е поврзан со бројот на гласачи на АфД.
Иако секоја личност која не сака да се вакцинира не е гласач на радикалната десница, ниту секој гласач на радикалната десница е невакциниран, овие истражувања секако покажуваат дека кампањите на многу партии од десницата кои шират дезинформации и страв од „корона диктатура“ не придонесоа за ентузијазам за вакцинирање.
Превод: Алек Кузмановски
Слики: Tom Scott
Извор: https://www.bilten.org/