Пошумувањето доаѓа од воздух

17.01.2022 03:31
Пошумувањето доаѓа од воздух

Хуан Карлос Сезма

Кога во 2015 година почнаа да се шират шумските пожари во Серо де Монсерате во Колумбија, Хуан Карлос Сезма, консултант за малопродажба од Шпанија кој живеел во Богота, почнал да размислува за пошумување на планетата.

Имал искуство во подобрување на системите за малопродажба на ланци ресторани, супермаркети и продавницата „Ел Корте Инглес“, па помислил дека неговото знаење би можело да биде применето и на животната средина.

„Знаев дека единствен начин светот да добие повеќе дрвја е пошумувањето да стане ефикасно и профитабилно“, вели Сезма (38). Дал отказ, купил кутија од семето павловнија - вид кој расте многу брзо и може да достигне висина од шест метри за една година - и се вратил во својот град во Шпанија, одлучен да научи како се садат дрвја и како на дело да ги спроведе своите замисли.

Стартапот CO2 Revolution кој го основал користи анализи на податоци и софистицирана технологија со дронови за да може на непристапен терен да посее милиони семки подобрени во лабораторија, и тоа стебла кои некогаш ги имало во Шпанија.

Тоа е голем предизвик. Според Министерството за еколошка транзиција, 95 000 хектари шума - околу 0,35 проценти од целата површина на Шпанија - исчезнуваат во шумски пожари секоја година. Традиционалните методи за пошумување се бавни и скапи, зашто зоните зафатени од катастрофата се непристапни, па машините не можат да се пробијат до нив.

Дроновите со кои се врши пошумувањето

Кога Сезма и неговиот колега и соработник Хавиер Санчез во февруари 2018 година го основале стартапот CO2 Revolution, целта им била едноставна: ќе засадиме стебла за од атмосферата да отстраниме што повеќе јаглерод диоксид.

На почетокот сето тоа било мошне бавно. Санчез (33) вели дека идејата делувала толку иновативно што луѓето не верувале.

Претприемачите ангажирале посебни уреди за хранење на семињата. Набавиле дронови со специјално направени диспензери. А од сопствениците на земјиштето барале дозволи за сеење.

Но нивниот прв обид не бил особено успешен: само мал процент од семињата успеал да пушти корења; некои семиња паднале на камења, некои во провалија. Некои ги изеле глодари.

Но, сепак, нивниот подвиг не останал незабележан. Во октомври 2018 година, CO2 Revolution е прогласен за еден од стотината најдобри стартапи во светот, на натпревар кој го организираше иновациската платформа Саут Самит.


Набрзо потоа го добиле својот прв голем клиент, мултинационалната компанија LG Electronics Iberia, која ангажирала работна сила за да сади дрвја на изгореното тло недалеку од Мадрид.

Лабораториско подобрување на семињата

Листата со клиенти почнала да расте, па се појавиле и инвеститори како што е регионалната влада на Навара.

Неодамна, во својата лабораторија во централна Шпанија, инженерот по шумарство Хајме Олаизола направи презентација со примероци од семиња на смрека и бор.

Д-р Олаизола (47), чија потесна специјалност е истражувањето микроорганизми во земјата, објаснува дека овие семиња - кои тој ги нарекува и-семиња - умеат да ги препознаат проблемите со кои ќе се соочат во дивината. Имаат опна од глина која е клучна: во неа има ароми кои ги одвраќаат глодарите; исушен воден гел кој им овозможува влажност; габички кои им пружаат заштита...

Според неговите експерименти, 50 проценти од овие и-семиња би требало годинава да пораснат во дрвја. Не знае колку тоа навистина ќе биде можно, а вистински резултати ќе има дури после април следната година, по завршувањето на сезоната за садење.

Слични иницијативи се појавија и во други земји. Канадскиот стартап Флеш Форест исто така исфрла семиња со дронови. Во Австралија, Дендра се обидува да ги обнови шумите за коалите.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report

ОкоБоли главаВицФото