Владимир Зарев: зборовите постојано ме тревожат (2)

17.01.2022 12:55
Владимир Зарев: зборовите постојано ме тревожат (2)

 

(продолжува од првиот дел)


АВР: Што мислите за проблемот на власта и како човекот ја восприeма и практикува и дали неконтролираниот либерализам го свртува човекот против самиот себе? И како материјалниот човек го уништува духовниот?

ВЗ: Благодарам за ова прашање, тоа е навистина многу важно за мене. Да почнеме од изборот, зашто тоа е навистина голема тема во моето творештво, а најмногу во моето расудување. Постојано, во секој еден миг од својот живот ние сме исправени пред некаков обичен, безначаен или, пак, стратешки, судбоносен избор. Без да го насетиме, несвесно голем дел од битието ни поминува во отфрлање на одредени предизвици и прифаќање на други. Таа испарливост, непостојаност, талкање на умот, воведена и анализирана од будизмот, всушност го пројавува нашиот непрекинат и дури ни за миг несвршен избoр, дури ни учеството во некаков си избор. Според мене, еден од недостатоците на будизмот е што низ продолжителните секојдневни медитации, низ постојаното наметнато обезличување и бришење на личното јас, тој се обидува да ни го одземе правото на избор, да нѐ врати во тоталната автентичност, непринуденоста на природата, која впрочем, постои само кај мртвото. Водата во ракавецот, облакот, правецот на ветрот, неподвижноста на каменот не знаат за избор, тие се движат по законите на природата, но секое друго живо суштество е обземено од постојаниот и никогаш незавршен избор. Колебањето, вибрацијата на животот, се природни состојби на живото суштество низ кои тоа се токми и и се адаптира кон промените во околната средина за да опстане. Убеден сум дека не само трудот на човекот, како што тврди Дарвин, туку и несвршената колебливост, усилбата постојано да се избира, постепено го довеле до разум, а потоа и до уште потешка и вдахнувачка задача, да изгради своја цивилизација. За разлика од животното, кај човекот тој процес е посложен и е сврзан директно со сомнежот и страдањето. Секогаш кога правиме некаков фатален избор, претпочитаме една од насоките, од расположливите можности, отфрлајќи, судбински ги губиме сите останати! Оттука произлегува и таа егзистенцијална „повторливост“ кај моите херои, тие постојано прават избор и страдаат.

Власта е една од нејвеличествените и безгранични теми, до кои сум се допрел со мојот ум и мојата вообразба и којашто, без сомнение, е најважната во моето творештво. Несвесно, но сепроникнувачки таа е насекаде во природата, дури и во мртвата материја и заедно со творечката суштина таа изгледа е најважниот атрибут на Господ Бог! Власта ги припитомува хаосот и ентропијата, таа го уредува и подредува светот, создава правила, вселенски закони и ред. Најповршно можеме да споредиме со гравитацијата - Земјата се врти околу Сонцето, тоа самото обиколува околу центарот на галаксијата, таа, пак, уколу блиската галактичка група итн.

На своите дваесет и седум години собрав храброст да ја започнам епската трилогија (се простира на 2.700 страници) „Битието“, „Егзодусот“, „Законот“ токму заради тоа што веќе бев сознал дека најважниот и сложен егзистенцијален проблем на човекот е проблемот на власта! Уште како дете се судрив со нејзиниот агресивен карактер. Имавме мала викендичка на падините на Витоша, во селото Бистрица. Во јулските и августовски врелини, ние децата се капевме во студеникавиот вир на реката, а кон четири часот доаѓаше горјанинот чичо Нако – стробјак, со нажежено лице и врат на бик, со поглед веќе водлест од постојано ѕурење и алкохол. Облечен во волнена зеленкава униформа, пропиена со пот и со човечки страв, чичо Нако никнеше одненадеж од никаде или поточно како да се појавуваше од својата пусија директно со намерата да улови и да казни. Со решително движење, без најмало колебање ја отфрлаше блузата и панталоните, јуначката фанела, којашто сонцето му ја беше отпечатило на грбот, ги зафрлаше широките гаќи од асе, потреперуваа влакнестите бедра моќни и заповедни како самиот него, обгледуваше наоколу за да нѐ види со погледот на важен човек, ја оставаше дури и пушката на брегот, карабинот манлихерка со полна цевка, ама никогаш, по никаква цена не ја вадеше капата – оветвена, со поткршена кокарда од желади и рогови на елен.

Таа загатка, чичо Нако потопен до брадата во ледената вода, но со капата на главата, ме измачуваше со години. Најсетне, доразбрав дека тој остануваше со капата на главата зашто таа беше последниот и бесценет знак на власта и со неа тој и понатаму беше препознаван како закана и сила. Не се капеше кој и да е, се капеше Власта! Така, постепено осознав дека трајниот наш, макар и често непрепознатлив копнеж по власта, го определува сето наше човечко однесување, желбите, илузиите, житејските стратегии и стремежи. Парите се слобода, скапоцена слобода, но вистински големите пари се најголемата човечка власт. Замислете! Љубовта и омразата се форми на власт, секој наш судбински избор говори за нашиот копнеж по власта. Бебето плаче не затоа што е гладно или помочано, туку на таков начин го предизвикува вниманието на околните, така се учи да владее над родителите, преку љубовта. Жестокоста е власт, но правејќи од нас сострадалници, прави и скрбта да е власт. Убавината исто така е власт, но и грозотијата е власт, дури и страдањето и понизноста се форми на власт. Сакатиот просјак умислено ја разголува отсечената нога и низ своето страдање прави обид да завладее над нас, принудувајќи нѐ да го забележиме и да му дадеме милостина.

Повеќепати сум кажал дека уметноста исто така е обид да владееме едни над други; низ силата на Словото секој надарен писател е еден восхитувачки тиранин! Научив уште дека на почетокот власта го менува човекот и го прави удобен за себеси, а подоцна почнува да се стреми да ја промени власта и да ја направи удобна за себе. И уште дека во јавниот живот проблемот со власта е нерешлив, зашто дури и во најдемократските општества, оние кои управуваат се секогаш помалку од оние кои се управувани, а тоа неизбежно пораѓа противности, конфликти и судири. Власта, силата, механизмите на нивното дејствување и нивната проникнувачка, неизбежна природа во тоталитарното општество се основната, движечка тема во семејната сага „Битието“, „Егзодус“, „Законот“. Но, таа се појавува и доразвива и во моето подоцнежно творештво - власта на словото (зборот) во „Лето 1850“, величествената и непобедената власт на смртта во „Поп Богомил и совршенството на стравот“ итн. Оваа тема се јавува во секоја моја наредна книга, зашто, веројатно, продолжува да се множи во мене, да ме гиба и да ме теши во сопствената животна единственост, да ме спаси од личниот мој страв од смртта!

АВР: Во едно Ваше интервју говорите за насилството од неслободата и неизвесноста? Колку таквиот нов начин на манифестирање на насилство го убива индивидуалното во човекот и го прави т.н. глобален човек, за кој Вие имате Ваше видување?

ВЗ: Убеден сум дека слободата, човечката слобода најмногу е форма на разлика. Колку е човек поразличен, толку е тој послободен и веројатно посреќен. Насилството во сите негови најразновидни форми што предизвикуваат одвратност, се стреми да го направи токму тоа, да ни ја одземе разликата, прекрасната индивидуалност на секој еден од нас и да нѐ потчини, честопати до нетрпеливост, до правила без смисла, ненужни норми и апсурдни закони, привидно по мерка на човекот. Со насилство, државата како институција се стреми кон ред, но по својата суштина, насилството е груб инструмент, напати жесток и површен, но нѐ обединува во стравот и потчинетоста, но не и во величието на љубовта. И уште нешто важно, насилството секогаш се стреми да ни ја одземе индивидуалноста, да нѐ направи вештачки еднакви како што беше во времето на социјализмот, но таа измислена и невозможна еднаквост всушност е форма на безличност и бездарност. Ќе додадам уште дека понекогаш несовладаната, претерана, т.н. наметлива слобода во современиот живот, исто така е форма на насилство!

АВР: Колку стравот го дефинира човекот и возможно ли е да постои Доброто без Злото? Чести теми во литературата, но исклучително добро обработени во еден од Вашите најдобри романи „Поп Богомил и совршенството на стравот“.

ВЗ: Втората најзначајна тема во моето творештво е проблемот за стравот и смртта. Не знам дали сте се запрашале зошто Бог ги протерува Адам и Ева од Рајската градина? Ако сакаше тие да не вкусат од плодот на познанието можеше Тој тоа судбоносно и најдраматично дрво да го изнесе вон Рајот или да ги заштити со непристапен ѕид. Уште нешто: убеден сум дека Бог самиот ја испраќа змијата да ја соблазни Ева, самиот го инсценира гревот на двете човечки суштества и ги навлекува со соблазна. Зошто? Бог е Образот, а Адам и Ева се негово олицетворение. Во својата битност тие располагаат со еден од најважните атрибути на Бог – бесмртноста. Но, бивајќи бесмртен, Бог е постојано подвижен, безграничен и најважното – постојано творечки! Адам и Ева се надарени со вечен живот, но во Рајот тие немаат никаков непријател – климата е топла и пријатна, никогаш не почувствувале глад, зашто околу нив течат „мед и млеко“, немаат врагови, живеат во средина на безгрижно спокојство и исто таква сигурност. Дните течат еден по друг до бескрајот, сите исти како зрнцата песок во морето, ништо не ги напаѓа, ништо не се случува и постепено тоа отсуство на секаков отпор, повторувањето на еднообразноста без крај и тафталогијата ги претвора најпрвин во мрзеливи суштества, а постепено, со текот на времето тие заглупуваат и буквално деградираат.

Счудоневиден, во неверица, Бог забележува дека Неговото создание не само што ја губи смислата, туку е и очигледен неуспех. И заклучува дека единственииот начин да ја спаси идејата е да им ја одземе бесмртноста и да ги заточи во стравот за нивното опстојување, да ги врати во смртта. Зашто стравот од смртта неизбежно ги претвора во разумни, во творечки суштества. Тие треба да го измислат огнот за да преживеат, да ја оддалечат смртта од себеси, да ги измислат кожите со кои ќе се завиткаат, да ги претворат пештерите во свој дом, да го измислат лакот и стрелите, подоцна тркалото, начинот како се топат металите и најодзади да го измислат електрицитетот и атомската енергија.

Имено, идејата ми е дека стравот од смртта, тој подол, невидлив, ползечки потсвесен страв, кој во младоста ретко го чувствуваме, нѐ претвора во творечки, т.е. разумни суштества. Но, во неминовноста на смртта Бог внесува уште една важна промисла. Ако се замислите, единствено во смртта се остварува единствено можната еднаквост, зашто умира болниот, но и здравиот, бедниот, но и богатиот, несреќниот, но и среќниот... Додека го пишував својот последен роман „Чудовиштето“, наеднаш ме обзеде убедувањето дека веројатно во својата сакрална суштина, нашиот вроден страв од смртта и несопирливиот стремеж кон власта, се всушност едно исто. Просто, инстинктивниот, потсвесен страв од смртта го засилува повтежот да владееме, да владееме над некого или над нешто!

АВР: Без уметност, вулгарната реалност ќе го направи светот неподнослив”- вели Бернард Шо. Каде е книгата во еден таков свет? Возможно ли е уметноста да преживее во едно такво време?

ВЗ: Настојувам да поверувам дека копнежот по духовното е исто така потсвесен инстинкт, како и стремежот кон власта, на пример. Ако е тоа така, ако таа претпоставка е вистинита, тогаш литературата и уметноста ќе преживеат. Пред нас видот на книгата се менува, таа сѐ повеќе се предлага и се чита во поинаков надворешен вид, но величието на Зборот продолжува да интригира некаков дел од луѓето. Тие се импресионирани од тоа што кога човек чита убава уметничка литература, тој реално се замислува за нејзин коавтор. Со својата естетска подготовка и висок вкус, преку својот личен животен опит, преку вообразбата, читателот ја допишува книгата, учествува во огромното задоволство да сотвори. И уште нешто, проникнувајќи во различни судбини, читателот како да го преживува не само својот, туку и множество туѓи животи.

АВР: Најавивте роман во кој, покрај пандемијата како мотив, се појавува исихизмот и последниот неуспешен опит да се помират православието и католицизмот. Каква е пораката што ја носи романот?

ВЗ: Се обидувам да го напишам својот нов роман со работниот наслов „Сплетка“. Тоа е мачно сложена, ужасно тешка книга што бара префрлање на огромна историска литература, а исто така и длабински познавања од византиската, всушност на православната филозофија. Тој се состои од два сосем независни сижети и мисловни патеки. Едното сиже се одвива во современоста и раскажува за насилството и неслободата предизвикани од пандемијата, од подлиот сеприсутен низ целиот свет коронавирус. Втората линија се развива во средновековието и го засега проблемот на исихазмот (моќно духовно учење во средниот век кое пак, бара полна предаденост и аскеза) и на Фераро-флорентинската унија – последниот обид во 1437 година да се помират православјето и католицизмот. Тоа, што ги обединува и обврзува двете сижетни линии е проблемот на слободата, за величието на човечката слобода, која во голем степен го осмислува и детерминира нашиот живот.

Интервјуто го водеше: Ана Витанова – Рингачева, главен и одговорен уредник на списанието„Зенит“

Превод: Бранислав Мирчевски

Интервјуто е објавено во двобројот на списанието „Зенит“ 6-7, декември 2021 год.

Слики: Wolfgang Stiller