„Цакум-пакум одело“ - Силвија Плат како писателка за деца

18.01.2022 01:26
„Цакум-пакум одело“ -  книгичката за деца на Силвија Плат

 
Силвија Плат како писателка за деца? – исклучително невообичаена асоцијација за славната американска поетеса. Па сепак, токму вакво изненадување се крие во нејзиниот опус. Книгичката за деца „Цакум-пакум одело“ претставува воодушевувачко откритие за читател(к)ите.

Оваа неодолива мала книгичка е токму скроена по сечија читателска мерка и по читањето ќе ви се претвори во првата асоцијација за творештвото на Плат.


Расказот „Цакум-пакум одело“ (The It-Doesn't Matter Suit) Плат го напишала во септември 1959 година, малку пред да го роди своето прво дете. Делото не била објавувано сè до 1996, кога излегла книга со одличните илустрации на германската графичка дизајнерка и уметница, Ротраус Сузан Бернер.



Главниот јунак во приказната е седумгодишниот Макс, најмалиот од седумте браќа во семејството Никс. Макс живее во селцето Винкелбург, на угорнината на една планина со три врвови, на која „и зиме и лете, лежеа снежни капи како три големи кугли сладолед од ванила“.

Макс има една голема и најважна желба – да има сопствено одело! Сите негови браќа, и мајка му и татко му, и сите жители во селцето Винкелбург имаат некакво одело – освен Макс.

А какво одело сака Макс? „Не премногу просто одело за родендени и празници, не премногу свечено одело за училиште и за повикување крави. Не некое претопло одело за автостопирање во јули и не премногу ладно за санкање во снег.“ Одело за цела година!



Еден ден, во домот на семејството Никс, поштарот испорачува голем, мистериозен пакет.

Кога го отвораат, во него лежи едно „волнено, рунтаво, ново ганц, жолто како сенф одело со три месингови копчиња кои блескаа позади и со по едно месингано копче на секоја манжетна“.

Такво одело никогаш не било видено во целиот Винкелбург! Секој од седуммината браќа го посакува.



И, оттука започнува долгиот ланец на пробувања и прекројувања на оделото, во возбудливо исчекување кому ќе му припадне. Паметните и вешти прекројувања на Мама Никс прават на секој од браќата жолтото одело да му стои цакум-пакум! Но, може ли ова одело да се носи за скијање? Или за санкање? А за молзење крави? Сигурно не за возење велосипед? Секој се запрашува, што ќе речат луѓето за едно вакво целосно необично одело?

А што од сето тоа би му било важно на Макс, кога само би можел да стигне на ред?




И бидејќи модата е особено битна во оваа приказна, илустраторката Бернер сите жители и сите животни во Винкелбург ги облекува во шарени, шик комплетчиња.



Кај нас, во превод на македонски, со илустрациите на Бернер, книгичката ја објави книгоиздателството Темплум, во превод на Пандалф Вулкански. Темплум оваа книгичка ја објави во рамки на џебната едиција „Друга приказна“, како придружно издание на списанието за култура „Маргина“ број 92, посветен на книжевноста за деца.



Инаку, Плат напишала уште две дела за деца.

„Книга на кревети“ (The Bed Book), напишана неколку месеци порано, и исто така објавена постхумно, во 1976, е збирка на песни за различни видови кревети. Оригиналното британско издание е илустрирано со цртежи на славниот Квентин Блејк. Иако Плат оваа книга се обидувала да ја објави, останатите нејзини приказни главно ги тргала настрана.

Третата приказна на Плат, „Кујната на госпоѓа Црешка“ (Mrs. Cherry’s kitchen) била напишана подоцна, во 1958 година. Секој од уредите во кујната на госпоѓа Црешка мисли дека може подобро да ги извршува туѓите должности, и така се создава една забавна збрка во отсуство на домаќините. Приказната е кратка, игрива и богата со смешни случки.

Уживајте во овој шармантен книжевен куриозитет.



Фросина Крушкаровска

Слични содржини

Книжевност
Фотографија / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото