Три проблеми со левата критика на левицата во пандемијата

19.01.2022 02:24
Три проблеми со левата критика на левицата во пандемијата

Последниве месеци кај делови од европската левица, особено кај она крило кое медиумски ја рефлектира левицата, почна да се појавува одредена доза страв. Во некои случаи тој страв се пласира како придружна забелешка за која вреди да се размислува, а во некои како плод на фундаментална критика. Стравот се однесува на пропуштените можности или, попрецизно, на „препуштањето“ на предводничката улога на (екстремната) десница во протестите против управувањето со пандемијата. Наративот гласи дека левицата застана на страната на власта и ги поддржува епидемиолошките мерки, со мали корекции, додека десницата наводно го артикулираше бесот на оние кои најмногу се погодени со таквите, често неконзистентни и наводно необјективни мерки. Накратко, десницата си обезбеди мандат за застапување на Слободата, додека левицата молчешкум го набљудува воведувањето сè поголема контрола над граѓаните.

Секако дека критиката на однесувањето на официјалната и неофицијалната левица е оправдана и нужна, па така и во пандемиски времиња. Меѓутоа, овој нејзин сој кој преовладува во последно време, страда од неколку крајно прашални претпоставки. За потребите на овој скицирачки осврт малку подетално ќе испитаме три такви претпоставки. Првата спаѓа во политичката онтологија. Значи, критиката на улогата на левицата во пандемскиот период претпоставува дека политичкото поле функционира така што во секој момент постојат празни фиоки кои означуваат некоја апстрактна категорија, како што е на пример „слободата“ и тогаш правото на застапување на таа категорија или вредност ќе го стекне онаа политичка опција која прва ја артикулира во специфични околности. „Слободата“ е на оној што ќе стигне прв. Таа претпоставка страда од барем две потешкотии. Општествено-политичкиот живот не функционира како натпревар за полнење на однапред зададените празни категории туку, меѓу другото, како борба за создавање и дефинирање на овие категории. Втората се однесува на прифаќањето на парламентарната неумоливост според која опозицијата мора да биде против сето она што го прави власта. Оваа неумоливост донекаде можеби е и одржлива во „нормални“ околности, иако и тогаш повеќе е дел од политичкиот фолклор. Но, во период на пандемија, кога власта не владее „сама“, туку нужно се потпира на упатствата на научната заедница, контрирањето само заради контрирање не е нужно конструктивна опција.

Таа потешкотија нè доведува до следната претпоставка, а се однесува на прифатливите облици на политичка мобилизација. Имено, според овие критики левицата мораше да ја искористи можноста и да ги „поведе“ протестите пред десницата и така да ја зајакне својата позиција и легитимација. Таа претпоставка се темели на крајно сомнителната релативизација на протестната содржина и барањата. Значи, левицата би требало да го слуша фамозниот „пулс на народот“ и да ги подреди своите потези на читање на тој пулс. Станува збор за неодржлива позиција од две причини. Првата причина е тоа што левицата, за разлика од десницата, ја нема таа „привилегија“ за ноншалантен третман на политичко-идеолошката сорджина зад која стои: од мрачните теории на заговор до редовните противречности. Втората причина се однесува на непостоењето општествено веродостојни леви институции кои би го обликувале овој пулс со долготрајно слушање на фрустрациите на тој народ. Имено, ако синдикатите и партиите беа поделотворни, некој што добил отказ заради пандемијата или го фрустрира комбинацијата на мерките и лошиот животен стандард, не би дошол на антиваксерски протест како издувен вентил, туку би добил поддршка во синдикатот или поинаква интерпретација на пандемските случувања кои заради таквата поддршка би му биле поуверливи.

Третата претпоставка се однесува на премолчувањето на зголемувањето на контролата над населението преку епидемиолошките мерки. Поконкретно, преку воведувањето Ковид потврди. Критичарите сметаат дека така се отвора простор за зголемување на биолошката и политичката контрола над нашите животи и дека со согласувањето со воведување потврди впрочем ѝ се препуштаме на дистописката иднина. Оваа претпоставка во себе носи два проблеми. Првиот се однесува на конкретниот премин од Ковид потврди на некој поопасен облик на контрола. Никој не објасни како тоа точно би изгледало и зошто би било толку неумоливо. Зошто не би можело да се спречи ако постои опасност? Зошто тоа би бил фатален континуитет? Вториот проблем се однесува на наводниот технолошки новитет кој со себе го носат потврдите и така овозможуваат полесно следење и контрола. Небаре власта заедно со големите технолошки компании немаат доволно алати на располагање за да нè следат и контролираат.

Најпосле, за да нема забуна: нужно е да постои критика на управувањето со пандемијата, но критиката која се заснова на обид за да се стигне десницата не е вредна за лев предзнак.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Pat Perry

Извор: https://www.bilten.org/