Лекувањето зависност е двојно потешко во пандемијата

19.01.2022 12:03
Без дисперзирани центри, лекувањето зависност двојно потешко во пандемија

 

  Во 2020 и 2021 година, за време на полицискиот час, починале 22 лица кои се борат со зависност. Починале и 10 лица кои користат дроги, бидејќи не можеле да ја набават терапијата и потребната супстанца. Организацијата ХОПС неофицијално тврди дека причината за смрт кај третината е поради предозираност.

Генерално, лицата кои сакаат да ја третираат својата зависност се соочуваат со бројни проблеми. Еден од нив е и неисполнетото ветување за дисперзирани центри во Аеродром, Ченто, Бардовци и Карпош, со цел распределба на пациентите од Кисела Вода.

Ситуацијата на овие лица дополнително е отежната поради пандемијата.

Радио МОФ направи обиколка кај Центарот за лечење на зависности во Кисела Вода. При посетата, засведочивме околу триесетина лица кои седеа пред Центарот, разговарајќи на сончевото време. Тие отворено почнаа да зборуваат за своите проблеми. Се жалеа дека матичните доктори не сакаат да ги прегледаат, а камоли да ги упатат на некаква терапија. Еден од нив конкретно се жалеше на нетретираните рани на нозете.

Второ лице пак, посочи дека неговиот брат е единствениот од нивното семејство што нема лични документи. Поради тоа, тој треба на приватно да ја плаќа терапијата за лекување од зависност. 100 евра од терапија, вели тој.

Влатко Деков (слика десно) од ХОПС, објаснува дека редуцираниот јавенпревоз предизвика луѓето да чекаат по неколку часа да се вратат дома, или да се враќаат пешки. Центрите работат прва смена, а пациентите губат ден и изостануваат од работа.

„Особено тешко беше за луѓето од приградските населби и села во околината на Скопје. И пред пандемијата, некои луѓе мораат да менуваат 2 автобуси за да стигнат до Кисела Вода, а во периодот на рестрикции на јавниот превоз особено им беше тешко. Исто така во одредени ситуации клиенти се соочуваа со недостапност до терапија, особено луѓе кои биле во
странство или од друг град, а заглавиле тука во карантин недела, две, па така благодарение на добрата комуникација со Центрите за лекување на зависности, ваквите ситуации се решаваа најбрзо што може за да не се доведува во ризик здравјето на овие луѓе“, вели Деков.

„Не во мојот двор“

Две децении трае борбата на ХОПС за зголемување на бројот на центри за лекување на зависности. Деков посочува дека пред 10 години се отвориле 12 нови центри за лекување зависност низ целата држава. Од минатата година лекувањето со бупренорфин кој беше достапен само на Клиниката за токсикологија во Скопје се дисперзираше и сега е достапен речиси во сите градови каде има вакви центри.

„Сепак состојбата сè уште не е многу добра во Скопје каде и покрај преземените активности дисперзијата на постоечките два програми за лекување со метадон и една програма за лекување со бупренорфин сè уште не е завршена. Имаше обид за отворање на програма во Општина Аеродром (во 2019 година), но поради негодувањата на населението процесот беше запрен. Не знаеме кои се другите причини за стопирање на овој процес“, вели тој.

Според психијатарот Дарко Костовски (слика подолу), загрижува што во голем број општини на Скопје, отпорот се однесува и на самите жители што се третираат од растројства предизвикани од дрога.

„Неинформираноста, погрешното толкување на традиционалните вредности и морализацијата се главните причини за реакциите на граѓаните. Од друга страна кадарот што работи во постоечките центри е во поодминати години, така да се поставува прашањето дали ќе има персонал за постоечките центри, персонал за нови центри е луксузно прашање“, вели Костовски кој работи во Центарот во склоп на болницата „8 Септември“.

Тој посочува дека причината за немање на дисперзија на сервисите за превентива и третман на лица кои употребуваат дроги изминатите 25 години е иста и е во релација со дееволутивниот процес на размислување и делување на политичките структури вo земјата.

„Овој процес го дезориентира електоратот, особено локалните заедници кои функционираат со отпор кон лицата кои употребуваат дроги, по принципот ‘не во мојот двор’… Потоа следат конструктивни и неконструктивни притисоци од Агенции на УН, Меѓународни организации и фондации, кои се разгледуваат ‘демек’ сериозно, инстантно се вградуваат во документи и Национална Стратегија, а примената – не се случува на теренот. Во интерес на вистината последната иницијатива која медиумски делуваше ангажирано беше спречена од актуелната пандемија“, вели психијатарот.

Сепак, и во постоечките центри за лекување на зависности, често се сретнува проблемот со недостатокот на кадри кои би работеле со лицата кои се борат со зависност. Костовски посочува дека во некои од центрите од другите градови постојат проблем со медицинските лица, селективно присутни, а понекогаш се специјалисти од други медицински позадини.

„Секако недостасуваат и психолози и социјални работници што укажува на потребата за модификации на едукативните програми, кои како што знам веќе се во тек. Проблематиката на зависности се перцепира како неатрактивна и често потценувана од другите специјалности и од голем дел на психијатрите, што е поразително. Реално, тешко e да се спроведе ментална хирургија на еден менталитет во краток временски период, но можеби дестигматизација низ едукацијата и процесот на едукација не е толку тешко остварлива цел“, вели тој.

Деков се надоврзува дека за да се реши овој проблем, потребно е да се зголемат платите на персоналот во здравството вклучително и во центрите за лекување на зависности.

„Потребно да се мотивираат младите стручни кадри за работа во оваа област. Можеби конечно е време и да се отвори катедра за адиктологија на некој од нашите факултети. На тој начин ќе се создава стручен кадар кој би работел во областа на зависностите“, вели психијатарот.

Костовски посочува дека голем дел од времето и енергијата во секојдневната работа со клиентите, тој и тимот троши на медијација за потребите на пациентите.

„Тука би сакал да акцентирам дека не се работи за нереален Дон Кихот или Терезијански мотив, туку реалност во која најголем дел од потребите, пациентите сакаат да ги реализираат на местото каде земаат терапија. Пациентите и пациентките имаат проблем со остварување на социјалните права (дури и тогаш кога ги задоволуваат потребните критериуми), тешко наоѓаат работа, поради ограничена работоспособност и стигма. Програмите сè уште не се родово сензитивни. Исто така третманот на лица кои користат стимулативни супстанци, халуциногени и рекреативни дроги е амбулантски, конвенционално медицински, без специфичен пристап кон оваа сцена“, вели Костовски.

Министерство за „ќе биде“

Од Министерството за здравство до објавување на текстот немаше абер до каде се дисперзираните центри, најавени од екс министерот Венко Филипче уште во 2019 година. Дисперзијата остана на „ќе биде“, одложувана поради пандемијата. 

Во 2019 министерството регистрираше вкупно 520 пациенти дел од програмата за лекување и третман на зависности. Од нив, идејата беше 120 да се прераспределат и во пунктовите во Аеродром, Ченто, Бардовци и Карпош.

Во 2020 година се формираше Програма за третман, рехабилитација и ресоцијализација на деца под 18 години. Но, таа стагнира, а од министерството остана ветување „ќе“ и сега не ни вратија одговори за овој процес. Деков посочува дека Програмата беше изработена од работна група формирана од Владата, но уште не е усвоена.

„Ова е навистина голема штета бидејќи програмата е добра и нејзиното неаплицирање во пракса значи дека многу малолетни граѓани решението за проблемот со зависности го барат во алтернативни методи или во други држави. Ја користиме приликата повторно да апелираме до Владата конечно да ја усвои оваа програма и да ја реализира што поскоро, бидејќи само така ќе се спасат многу млади животи“, вели Деков.

Костевски заклучува дека од 2019 година, па досега, позитивна промена е Службата за пробација при Управа за санкции, каде се разгледува можноста за модификација на казната затвор кај млади сторители на кривични дела. Се зема предвид социјалната состојба, социокултурното милје на клиентот и претходното криминално досие.

Нација зависна од бирократија

Деков од ХОПС потенцира дека лицата кои се борат со зависност во пандемијата имале отежнат пристап до институциите, неможност да ги остварат социјалните права, бидејќи државната администрација работела од дома.

„Во различни центри за социјална работа им бараа различни документи, а поради намалениот обем на работа на институциите, се случуваше додека да ги соберат сите документи, дел од нив да им застарат и да им бараат да вадат нови. Што се однесува за социјалните мерките на Владата, најпрво ќе кажеме дека тие не беа соодветно приспособени за најмаргинализираните и најранливите граѓани, како што се и поголем дел од луѓето кои употребуваат дроги, поради што голем дел од нив никогаш не успеаја да добијат помош од овие економски мерки“, вели Деков.

Генералната пракса во пандемијата покажа отежнат пристап до медицинска нега, бирократски, но и разни дискриминирачки пречки. А, лицата кои се борат со зависности трпат двојна дискриминација. Третманот со кои се соочуваат целиот свој живот не ги мотивира да одат на лекар, дали поради индивидуални здравствени состојби, дали поради рани од долготрајно и неправилно инјектирање.

„Во 2020 година две лица имаа сериозни здравствени проблеми, кои доведоа да им биде ампутирана нога. Заради оптовареноста на болниците со ковид пациенти и немањето слободни места, беа препратени во болницата во Кочани, каде пак нема центар за лекување на зависност, што претставуваше огромен предизвик за обезбедување терапија. Далечината на болницата, пак беше дополнителен проблем за овие луѓе, имајќи предвид дека до таму требаше да отидат на сопствен трошок, а беа во многу тешка материјална состојба. Буквално животот им беше доведен во прашање“, објаснува Деков.

Влошување на менталното здравје

Деков посочува дека кај овие лица се забележало сериозно влошување на менталното здравје, особено за време на полициските часови и карантините, што придонело луѓето кои со години биле апстиненти по отпочнување на пандемијата да направат рецидиви, или да ја зголемат употреба на дроги или злоупотребата на лекови.

„За време на пандемијата луѓето кои употребуваат дроги се соочија со неможност за вработување, или за губење на работни места, за жал многу од нив не сакаа овие податоци да се документираат ниту во нашата организација, плашејќи се од стигмата и понатамошна дискриминација и исклучување. Како и помеѓу другите ранливи групи, така се зголеми семејното насилство врз нив, често со вакво вид насилство се соочуваа жените кои употребуваат дроги, а исто така и другите форми на родово базирано насилство. Пандемијата исто така придонесе и за зголемување на бројот на бездомни лица кои и употребуваат дроги“, посочува Деков.

За влошувањето на менталното здравје потврдува и Костовски. Кај клиентите кои се лекуваат од растројства предизвикани од зависност од дроги, вели тој, најизразен бил отежнатиот пристап кон другите здравствени сервиси, пролонгирање на процедурите за социјални права, редуцирање на социотерапевтските интервенции во самите центри…

„И иронично, доколку требаше да бидат хоспитализирани, ковид инфекцијата беше неприкосновен аргумент таа хоспитализација да се одвива непречено“, вели Костовски.

Подобра терапија против општествена стигма

Деков посочува кон глобалните трендови поврзани со супституциска терапија, каде сè повеќе се користат депо импланти, или инјекции кои се инјектираат еднаш месечно или на подолг рок и кои ја задоволуваат потребата за супституциска терапија без ризик за злоупотреба, препродавање, предозирање и слични проблеми произлезени од несоодветната примена на терапијата.

„Со ваков начин на аплицирање на супституциската програма ќе се минимизираат ризиците за пациентите, а ќе се намалат и негативните влијанија врз околината. Тогаш побезбедно ќе може да се дисперзира водењето на пациентите на локално ниво. Ние како организација ќе продолжиме и понатаму да застапуваме да ова прашање повторно стане приоритет на министерството за здравство и сега на новата влада“, објаснува тој.

Костовски посочува дека регуларно функционира третманот каде сè уште доминира медицинскиот модел, достапни се два лека за третман на зависност од опиоди според медицина базирана на докази.

„Многу активности може да се подобрат, а главно се во релација со мултидисциплинарниот пристап кој не функционира во секојдневието. Во пракса е многу тешко да се менаџира една кризна состојба кај пациент/клиент што употребува дроги. Кризната состојба може да биде во релација со соматското здравје, конфликт во семејството или статус на бездомник. Значи, сè уште постои отпор кај многу професионалци од здравството, социјалните служби и органите на прогонот кон овие лица. Потоа некои од клиентите својата фрустрација ја испорачуваат на малкуте професионалци кои работат на програмите за третман и овој порочен круг резултира со синдром прегорување, намалување на мотивацијата и нарушување на колегијалните односи“, забележува тој.

Извор: Радио МОФ
Слики: Радио МОФ

ОкоБоли главаВицФото