Уште неседнат на фотелја, Ковачевски води против Мицкоски

20.01.2022 14:51
Уште неседнат на фотелја, Ковачевски води против Мицкоски

 


Обидот на ВМРО ДПМНЕ, по кој знае кој пат да го „пробие фронтот“ со веќе видени методи, овој пат пред самата инаугурација на новата влада, не успеа и тоа сериозно ќе ја разнишува самоувереноста во Шампитата. Обидот беше со предизвикување криза во греењето на главниот град а потоа, и низ веројатен пад на енерго-системот, да се предизвика масовно незадоволство во студените денови. Да се добие покритие за нов 27 април.

Во овој миг Мицковски веројатно добива укори од неговите мецени, политичките и оние другите, зошто му пропадна и последниот од многуте обиди да ја спречи актуелната коалиција да остане во зградата на Илинденска број 2. Ако се гледа објективно, машинскиот инженер, татиниот студент, бележи серија на неуспеси од почетокот на неговата лидерска кариера во стратегијата која може условно да се нарече – „копирај ја шарената револуција“. Требаше во тие обиди да предизвика излегување на толпи народ на улица и низ некаков замислен поход на институциите да ја дестабилизира политичката ситуација, при тоа да не подржува ништо во Парламентот, да одржува атмосфера на „отсуство заради Ковид“ во судските коридори … а при тоа не се добива впечаток дека лидерот навистина поседува некаков креативен момент во себе си, туку едноставно е „греач на столчето“.

Тешко оди со копирајтот

Копирајтот со „шарената револуција“ не може да биде успешен, бидејќи, не може да предизвика атмосфера на голема, да ја наречеме астероидска неправда која, како во годините меѓу 2014 и 2016 година би засегнала многумина во државата, не оние од партиската машинерија секако, туку од обичниот, пасивен народ. Знаеме како тоа и изгледа. После она скандалозно исфрлање на парламентарците и новинарите од зградата каде требаше да се донесе буџетот на државата во декември 2012 година, дојдоа многу зимски протести со химната „Бела чао“. Но, тогаш се виде дека ниту една партиска коалиција не може да изнесе ниту неколку стотини граѓани, главно партиски активисти на високи позиции на улица. Набиени меѓу Министерството за правда, продавниците на „Беба“ и „Декор“ каде сите протестанти изгледаа понабиени, но се враќаа дома со наведнати глави.

„Шарената револуција“ започна подоцна, со сега заборавениот протест на студентите од УКИМ, кога Груевска посака неговите полит-комесари, обично со свидетелства од некое вечерно школо, да вршат ревизија на оценките на редовните студенти! Тоа занесување, како кај некој современ Калигула, им отвори очи на заспаните студенти, кои ја подигнаа главата и навистина ги потресоа со своето незадоволство скопските улици. Продолжетокот го знаеме, но овој старт покажа дека на студентскиот револт можеа да се придружат многумина (па и професорите!) ама партиските активисти беа тогаш во малцинство.

Мицковски се обиде да се потпре на другата тактика на својата партиска машинерија наречена „малку стари стојадини на крстосниците – голем проблем за сообраќајот“ виден преку нивната организација „Светлина“ (2005/6 г.), кога една студентка од Педагошка академија го блокираше градот на многу ефикасен начин. Дали таа студентка (заборавих и го името) не се најде меѓу новите регрути?

Бунтовници со лошо педигре

Тоа теориски и не е можно – постои општествена еволуција која не дозволува користење на некаков бунтовнички фото-копир. Најнапред, во сите акции на ВМРО ДПМНЕ, во било кој сегмент – од плашење на народот со нови цени на струјата, преку странична поддршка на протести на одредени социјални слоеви (угостители, земјоделци и слично) ја губи влезната симболика на осиромашеноста и егзистенцијалниот проблем – сите тие собировки се врзани со користење на многу скапи автомобили при блокадите, на пример, кои како да се излезени од некое царинско складиште, каде постои добра и услужлива кадровска поставеност. Понатаму, не постои убедлива реторика која би ја извлекла сопствената вина (по водењето на 11-годишна генерална и локална политика) и вмешаност во состојбите на теренот, како и да се гледа кон поводот за незадоволство.

Сѐ што кај нас се гледа од аспект на актуелниот проблем со парното греење и потоа со доволниот број киловати што се на располагање на економијата и граѓаните е дел од „бермудскиот триаголник“ Москва-Прага-Скопје, а што се рефлектираше и низ генералната стратегија на увоз на струја од надвор и во исто време форсирање на евтини и профитабилни мини-централи, чиј профит оди во приватни џебови на одреден бизнис крем, во кој круг влегуваше и советникот за струја на Груевски-Мицковски. Тие објекти носат само 4 отсто од произведената струја, а освен што ги полнат џебовите на инвеститорите, немаат видливи ефекти кај јавниот интерес.

Нејасната поставеност на системот на греење на Скопје, откриениот криминал околу градењето на гасоводот низ земјава со можно користење на задолженоста на земјава од страна на руски партнери (практично инкогнито), како и магловитото владеење со топланите Исток и Запад, и термоелектраната ТЕ-ТО, со јасна новокапиталистичка логика, се јасен патоказ каде треба да се бара вината за сегашната криза. Да, кризата не е од вчера и има свој долг опаш наназад со сосема јасни „перспективи“ на комплетна деградација на општественото богатство, па дури и на еколошки план!

Нејасна позиција на ТЕ-ТО

И досега беше нејасно зошто кога се набројуваат нашите производствени капацитети, никогаш ТЕ-ТО не беше споменуван како корисен/користен извор на струја за нашите потрошувачи! Ретко, но сепак како некаков одговор, во време на владеењето на Груевски се велеше – тоа е приватен капацитет и тој ќе работи за извоз. Да, ама ги користеше капацитетите кои земјава ги имаше кон рускиот гас, преку Бугарија кој стануваше сѐ помалку доволен за другите потреби. Впрочем, зошто екипата на Груевски не изгради државни капацитети на добивање на струја на гас, ако имало доволно гас? Обратно, кај ТЕ-ТО создаде некаков енергетски франкенштајн систем, каде не се знае што е јавно, а што приватно.

Затоа во Скопје има дури три компании кои имаат лиценци за снабдување со топлинска енергија, а само кај една од нив сопственоста е чиста. Најголемиот снабдувач е „Снабдување со топлина – Балкан енерџи ДООЕЛ“ и тоа е приватна компанија во сопственост на ТЕ-ТО. Таа снабдува со парно греење 53.970 корисници (податоци од Регулаторна комисија за 2020 година). „Скопје Север АД“ е производител, дистрибутер и снабдувач, а е во сопственост на АД „Топлификација“ во стечај и има 488 домаќинства – корисници на топлинска енергија. ЕСМ – Енергетика е во сопственост на државната компанија Електростопанство снабдува со парно греење 3. 749 домаќинства.

Деновиве видовме дека на БЕГ не му е проблем гасот. Тој е фирма-ќерка на ТЕ-ТО групацијата. Самиот ТЕ-ТО е еден вид камелеон кој уште повеќе збунува, и оди снајди се… Тоа е постројка за комбинирано производство на електрична енергија и топлина од 220 МW, но за делот за централно греење ТЕ-ТО има формирано 3 посебни компании: БЕГ-Производство, БЕГ-Дистрибуција и БЕГ-Снабдување.

„ТЕ-ТО всушност има два типа производство на струја. Едниот е во гасна турбина, а другиот е во парна турбина. Така, производството на топлинска енергија е еден вид нус-производ при производството на струја и тоа овозможува релативно ниска цена на топлинската енергија. ТЕ-ТО е 89 проценти сопственост на руска компанија и има можност да се снабдува со гас од руските извори на гас. ТЕ-ТО во моментов и продава гас, а еден од купувачите е БЕГ (упс!) – фирма со која сопственички се поврзани, но тоа е прашање за кое треба да расправа Регулаторната комисија за енергетика “, појасни долгогодишниот директор на „Топлификација“ Димитар Хаџимишев, кој гостуваше неодамна во „Утрински брифинг“.

Приватизација сомнителна од стартот

Најпрвин, основен проблем за градот е, секако, зошто и како се дозволи приватизација на клучните фирми кои мораа да останат во јавна сопственост. Топлификација, тогаш со Хаџи-Мишев на чело, беше една од нив, па потоа таа стана очевидно проблем кој беше лесно решлив за клучните фактори (персони) во ерата на груевизмот. Како што објасни министерот Спасовски во гостувањето на „24 ТВ“, тука имало брзо менување на некои хартии од 2012 година, па сѐ до 2015 година, кои овозможиле лесен премин на сопственоста. Тука и „лежи зајакот“ на актуелните ситуации во кои некој кога сака прави супер профит а кога сака може да прекине испорака на топлинска енергија кон потрошувачите од кои собира „кирија на радијаторите“ 12 месеци. Промените после 2012 година се под истрага од 2019 година ама некој моќен се гледа дека добро го нагазил Обвинителството!

Со потезите кои произлегоа непосредно пред потенцијалниот смрзнувачки викенд, идниот мандатар Ковачевски секако покажа јасна одлучност. Кај нас ова не е често. Со чекањето до последен миг за разрешница, тој стави акцент на позицијата на Владата. Така оневозможи примена на некаков план Б, кој којзнае и дали постоел, ја истакна енергичноста на неговата екипа, а што е поважно ја разголе позицијата на Арсова во целата таа ситуација – комплетната комотност, одењето кон негативни сценарија, неспремност дури и на поделба на трошоците со централната власт… Точно во стилот на онаа банатска староградска „... а ја ќу се господарит у тем Сомбору“, аксиома која е единствена точка во нејзиниот секојдневен распоред на активности.

Кафе со локум.

Слики: Matticchio
Извор за текстот: Civil Media

Слични содржини

Општество / Европа / Свет / Историја
Општество / Европа / Свет
Општество / Европа
Општество / Европа / Став / Теорија

ОкоБоли главаВицФото