Економскиот раст на социјалистичка Југославија и на осамостоените држави (5)

21.01.2022 12:38
Економскиот раст на социјалистичка Југославија и на осамостоените држави (5)

(продолжува од четвртиот дел


V

Просечниот доход на еден жител е важен индикатор. Сепак, се живее од стварниот доход со кој располага секое одделно семејство

Просечниот БДП на еден жител е важен индикатор за оценување на разликите во нивото на економската развиеност помеѓу државите. Меѓутоа, покрај другите недостатоци кои ги содржи во себе е и фактот што не ни соопштува како е распределена неговата маса помеѓу одделните членови на популацијата во едно општество: кој и со колку учествува во формирањето на пресметковната единица именувана како „просечен доход на еден жител“. Па, во практиката може да има ситуации кога мнозинството од популацијата во една држава која остварува значително повисок „просечен доход на еден жител“, де факто да живее полошо од мнозинството население во друга држава со понизок „просечен доход на еден жител“, токму поради неговата различна дистрибуција.

Ги има повеќе, но еден од индикаторите за согледување на дистрибуцијата на доходот помеѓу граѓаните на едно општество, со тоа и на степенот на таканаречената доходна нееднаквост помеѓу нив, е познатиот Џини коефициент/индекс/однос. За оние кои не се од струката, да кажеме дека овој коефициент, теоретски, може да ја има било која вредност од 0 (нула) до 1 (еден), или од 0% до 100%. Кога би изнесувал нула (0), односно 0%, тоа би значело дека ни соопштува перфектно еднаква дистрибуција на доходот или богатството; кога би изнесувал еден (1), или 100%, де факто би ни соопштил дека со целиот доход располага еден субјект/индивидуа/домаќинство и тогаш ни демонстрира апсолутна нееднаквост во тоа општество.

Емпириските факти за добата во која живееме велат дека Џини-коефициентот главно се движи во интервалот од 24 до 63. Последните податоци од статистиката на Обединетите нации (Report on Human development index, 2020.) ни соопштуваат дека Словенија е предводникот на долниот праг (помеѓу групата од десет држави во светот со најнизок Џини-коефициент, односно најниско ниво на нееднаквост), додека Боцвана е претставникот на горниот праг, предводејќи ја групата со највисоки Џини-коефициенти.

Познати ни се негативните ефекти од т.н. „егалитаријански политики“ во распределбата на доходот во екс-социјалистичките држави. Но, сè повидливи се и последиците од неприфатливите разлики во располагањето со доходот во пост-комунистичката ера, со либералните и особено неолибералните концепти кои проповедаат дека пазарот е „непогрешниот“ арбитар во економскиот натпревар, со тоа и за распределбата на доходот и богатството.

Од наведените причини, важно е не само да знаеме какви промени настанале во просечниот БДП на еден жител во државите настанати од екс-СФРЈ, туку што се случува и на планот на дистрибуцијата на доходот. Ќе ги видиме разликите помеѓу шесте држави од групата екс-ЈУ 6 во врска со ова прашање и ќе ги споредиме со истите групи држави кои ги одбравме за компарирање на доходот и населението. Еве ги податоците за таа намена, без одделно издвојување на групата „соседи на бившата СФРЈ“, но не и без коментар и за неа.

Од приложениов графикон може да заклучиме:

  • Просечниот Џини-коефициент (во периодот 2010-2018) одделно, на секоја од компарираните групи држави, е следниот: Балтичката група (Б-3), 34.4; Соседите на бившата СФРЈ, 34.3; екс-ЈУ 6, 32.8; ЕУ-15, 31.7; Вишеградската четворка, 27.6. Генерално, на ниво на групи, може да заклучиме: разликите во степенот на нееднаквоста помеѓу трите групи, Б-3, екс ЈУ 6 и ЕУ-15 не се големи. Со тоа што, првите две бележат нееднаквост над просекот на ЕУ-15, додека разликата помеѓу нив трите, од една страна и земјите од т.н. Вишеградска четворка, од друга страна, е прилично впечатлива, така што, последнава, бележи значително помало ниво на нееднаквост во споредба со сите нив.

Ако погледнеме внатре во секоја од четирите групи, паѓа во очи следното:

  • Во групата екс-ЈУ 6 со просечен БДП на еден жител од 22589 int$) огромна е разликата во степенот на доходната нееднаквост меѓу Црна Гора, со Џини-индекс од 39, и Словенија, 24.2., а голема е и во споредба со секоја друга држава од истата група. Ако ја изземеме Словенија, петте други држави настанати од екс-ЈУ бележат просечен коефициент на доходна нееднаквост од 34.6 и во тој случај нивниот коефициент е повисок од сите други анализирани групи во освртов. Црна Гора, 39, Србија, 36, и Македонија, 34.2, се со индекси на нееднаквост над просекот на групата, додека Словенија, Хрватска и БиХ под просекот.
  • Во групата ЕУ-15, пет држави, сите од посеверниот дел на Европа, Шведска, Финска, Данска, Белгија, Холандија (просечен БДП на еден жител над 53 илјади int$) бележат најмал степен на доходна нееднаквост (Џини-коефициент од 28.16) при што распонот во кој се движат е неверојатно тесен, од 27.4 до 28.8.

Ако ги подредиме сите триесет и една држава, анализирани во освртов, според висината на Џини-коефициентот, го добиваме следниот редослед:

 


Од прикажаниот редослед (според висината на Џини-коефициентот) во графиконот 14, сумираме:

  • Во првите пет, од 31-на држави со најголема нееднаквост, се наоѓаат две од групата екс-ЈУ6, Црна Гора и Србија. Македонија е на дванаесеттата, а БиХ на петнаесеттата позиција. Во оваа група од 15 држави со повисоки коефициенти на нееднаквост од просечниот (32.1) на триесет и едната држава се наоѓаат, со исклучок на Обединетото Кралство и Луксембург, главно држави кои имаат доход на еден жител под просечниот не само на ЕУ-15, туку и на ЕУ-27.
  • Во групата десет држави со најнизок Џини-коефициент се наоѓаат и држави кои се на врвот во Европа според доходот на еден жител и држави кои се под просечниот не само на ЕУ-15, туку и на ЕУ-27.

Разликите во дистрибуцијата на доходот (односно, разликите во нееднаквоста) можеме да ги погледнеме уште од еден агол, можеби повпечатлив.

Во периодот 2017-2019, во државите настанати од СФРЈ, најбогатите 10 % население, во споредба со долните 50 % од социјалната пирамида, учествувале во вкупниот доход, пред оданочување, со следните износи: во Црна Гора, со над 11 пати; во Србија, со над 10 пати; во Хрватска, со над 9 пати; во БиХ со нешто помалку од 9 пати; во Македонија, со 7 пати; во Словенија, со 6 пати повеќе. Од вкупно 38 држави, наведени во анализата (What’s new about income inequality in Europe (1980-2019) во првите четири се две од шесте, со Косово седумте држави настанати од СФРЈ: Црна Гора и Србија, на третата и четвртата позиција. Хрватска е на 14-то место, БиХ е на 21-то, Македонија на 26-то, Косово на 27-то и Словенија на 33-то.
Судејќи според партиципацијата на првиот децил на население во доходот пред оданочување и претходно наведените Џини-коефициенти, со исклучок на Словенија, населението од другите држави од групата екс-ЈУ 6 искусуваат двојна непогода: и низок доход и негова висока концентрација во тесен слој на населението, при што, најмногу штрчат, во негативна смисла, Црна Гора и Србија.

 

VI
Резиме

  • Констатиравме дека поранешната СФРЈ, во период од над четири децении, остварила просечен годишен раст на БДП (општествен производ, според тогашната терминологија) од околу 4.5 проценти; дека, гледано одвоено, тоа не е резултат за потценување, но е недоволен доколку тоа значи дека сѐ подалеку заостанувате од остатокот на светот. Но, видовме и дека настапи период во кој не само што не се остваруваат никакви стапки на раст, туку период на апсолутно намалување на БДП (1980-1990) кога на површина исплива целото негативното содејство на сите погрешно поставени базични политичко-економски постулати на системот. И, наместо да следуваат темелни политички и економски реформи, моќните политички елити одговорија со блокирање на политичкиот и институционален процес на носење одлуки на ниво на Федерацијата. Поради заблуди, незнаење или само од алчност за моќ, свесни дека не можат да ја имаат на ниво на Федерацијата, како нивните претходници, стожерните републики (СХС), односно нивните политичари, одлучија СФРЈ да биде испратена на буништето на историјата. Димната завеса за народите (за да го проголтаат тоа) беше сѐ побогато сервираната трпеза со национализам, ветувањето дека „сами можеме подобро“, но и ветувањето (од некои производители на трагедијата) дека пред разделбата ќе си ја зголемат „нивата за орање“ која, наводно, неоправдано им била намалена со влегувањето во заедничката држава. Како, и со што, завршија обидите за проширување на „ораниците’’, познато е многу пошироко од просторот што се нарекуваше Југославија.
  • Од 1991. животот на некогашниот „работен народ“ на СФРЈ започна да се „арчи“ во својство на „граѓани“ во таканаречените „самостојни“ и „правни“ држави. Првата декада за новите шест држави (Косово сè уште фигурираше како дел од едната) за некои повеќе, за други помалку, беше главно загубена. Во таа декада, повеќето од новонастанатите држави (поради битки за граници и етнички што „почисти“ територии, закочени реформи и жилави отпори против неизбежната редистрибуција на моќта, изгубија (освен Словенија) дополнително, од една третина до над една половина од нивните бруто домашни производи, за потоа, во двете следни декади да се случи раст на БДП кој одбележува јасен, но бавен процес на конвергенција кон земјите од Европската Унија. Но, генерално, дека тоа повеќе претставува надоместување на загубеното во првата декада, отколку јасно намалување на економскиот јаз „ископан“ до 1990 и дополнително продлабочен (за повеќето од „шесторката“) до 2000-та.
  • Меѓусебните војни (без официјално да бидат објавувани) економските блокади, бавното опоравување потоа го претворија подрачјето на бившата СФРЈ во депопулациска зона. Подрачје од кое луѓето бегаат во потрага по подобар живот. Не дека немало бранови на емигрирање од СФРЈ во нејзината ера но, сепак, бројот на нејзиното вкупно население се зголемуваше. По 1991. состојбата на тој план е сè подраматична. Констатиравме дека од 1991 до 2019 година вкупниот број на жители на субјектите што ја сочинуваа бившата СФРЈ е намален за околу 2.3 милиони жители, или, за околу 10%. Дека во тие рамки, само Словенија и Македонија (според официјалната статистика) покажуваат мал пораст на населението, дека Црна Гора речиси стагнира, додека најголемо намалување на населението доживеале БиХ, за една четвртина, Хрватска за над 13 %, Србија за близу 9 и Косово за 5.5. Но, рековме и дека, според сите демографски аналитичари, бројката на намалено население е далеку поголема (ја знаеме реалната ситуација во Македонија) и дека таквата демографска состојба е голем негативен фактор не само за сегашниот туку и за идниот економски развој. Споредбата, пак, со селектираните групи држави, ни покажа: дека екс-ЈУ 6 плус Косово, по Балтичката група на држави (со намалено население за 24.5%) имаат втора највисока стапка на намалено население, околу 10%, со потсетувањето дека толку високиот процент на намалено население кај Балтичките држави најмногу се должи на враќањето на Русите назад во Руската Федерација кои за време на СССР се населиле, или биле испратени во овие држави (Б-3).

  • Видовме дека населението на 11-те земји од Централна и Источна Европа е намалено за 8%, но доколку се изземат Романија и Бугарија, останатите 9 имаат зголемување од 4.5%; дека државите именувани како В-4 (Вишеградска четворка) главно го задржале истиот број на население и дека групата „Соседи на бившата СФРЈ“ (вкупно 7), покажуваат намалување за 1%, но бидејќи Романија и Бугарија се дел и од оваа група, со нивно изземање другите пет забележале пораст од 4.6%. Наспроти сите нив, констатиравме дека населението на ЕУ-27 во трите децении се зголемило за 6.5, а одделно во групата ЕУ-15 за 11.5% (+42.4 милиони жители). Нотиравме и тоа дека овие стапки на раст на населението на ЕУ-27 и ЕУ-15, се многу инфериорни во споредба со стапката на раст на вкупното светско население - плус 50%, што е посебна приказна. Но, без оглед на тоа, имајќи ги ниските природни стапки на раст на населението во најразвиениот дел на Европа (ЕУ-15) тие се доволен индикатор циниците да кажат: бившите републики на СФРЈ, наместо ветените подобри општества, изградиле посветла патека за бегство од нив.
  • Во поглед на меѓусебните релации на екс-ЈУ 6, според нивото на БДП, констатиравме извесни поместувања во споредба со просекот на групата и најразвиената, Словенија. И не ги занемаруваме тие мали поместувања помеѓу членките на групата, кои детално ги евидентиравме погоре. Но, клучното е дека тие ништо суштински не менуваат: релацијата меѓу поразвиените Словенија и Хрватска и помалку развиените, останатите 4, останува суштински иста. Метафорично би ја опишале: првите две и натаму се првата „југословенска“ фудбалска лига, вторите, остануваат во „втората фудбалска лига“ од времето кога тие две фудбалски лиги постоеја во СФРЈ. Клучното, во контекст на караниците пред распадот е дека: Словенија и Хрватска не ја зголемиле, очекуваната, поголема предност во споредба со просекот на групата (дури има извесно намалување на таа предност) што значи, како што рековме, дека „товарот од вагоните“ што наводно го влечеле (односно, помалку развиените) не им бил виновен за тоа што не се развивале побрзо од оние што биле „влечени“ додека, истовремено, ниту на помалку развиените (особено на Србија) не им биле виновни републиките кои наводно ги „експлоатирале“, па не биле во состојба и тие да се развиваат побрзо.
  • Споредбата на екс-ЈУ 6 со ЕУ-27 и ЕУ 15 (во поглед на разликите во доходот на еден жител) ни покажа дека нема стеснување на јазот нити во однос на првата ниту во однос на втората група. Од 1990 до 2000. година видовме дополнително силно зголемување на заостанувањето на екс-ЈУ 6, додека од 2000 до 2019 констатиравме процес на намалување на разликите, но динамиката на нивното намалување не била доволна не само да се намали разликата што постоела во 1990, туку, пред сѐ, претставува нецелосно надоместување на дополнителниот јаз зголемен во првата декада од трите децении по распадот на СФРЈ. Се разбира, тие поместувања, како што подетално е прикажано во соодветниот дел од освртов, се различни од држава до држава. На пример: произлегува дека БиХ и Македонија, со извесен број процентни поени, се доближиле до просекот на двете групи, но рековме дека тоа е поради „ефектот на ниската споредбена основица“ од 1990 година; Хрватска се вратила речиси на истата разлика како во 1990. (со минус од 1.4 п.п.); Србија, дополнително се оддалечила од просекот на двете групи за незанемарливо повеќе процентни поени - во однос на ЕУ-15, за 13.8 п.п, во однос на ЕУ-27 за 18,6 п.п.; Словенија, пак, за мнозина неочекувано, наместо да ја скрати разликата, во однос на просекот на ЕУ-15 дополнително се оддалечила за 8.9 п.п., додека во однос на ЕУ-27 за 14,2 п.п., иако таа е најблизу до нивото на тие две групи на држави.
  • За разлика од екс-ЈУ 6, Балтичката тројка и Варшавската четворка се поуспешни во процесот на конвергенција кон ЕУ-15. Првата го намалува јазот за 15 п.п. (се поместила, од 45 на 60.8 п.п. поблизу до просекот) втората, главно ја задржува истата разлика (но почнува од сосема пристојните 62.8 и се задржува на нив (63 п.п). од просечниот БДП на ЕУ-15.
  • Меѓу екс-ЈУ 6 и групата бивши соседи на СФРЈ, разликата останала скоро иста: околу 30 п.п. во полза на мошне хетерогената група, „Соседи“.

  • Исто така, потенциравме и дека не е важно само колку изнесува „просечниот доход на еден жител“, туку и како тој е распределен. Односно, кој е стварниот доход со кој располага мнозинството одделни семејства, или одделни социјални групи. Всушност, каква е нееднаквоста во анализираните држави. Па, ги повикавме напомош таканаречениот Џини-коефициент (објаснивме што значи) и учеството на првиот децил (топ 10%) од населението во вкупниот „доход пред оданочување“, во споредба со учеството на долните 50 % од социјалната пирамида. Констатиравме дека: просечниот Џини-коефициент на групата екс-ЈУ 6 (32.8) е понизок од оној на Балтичката тројка (34.4) и од истиот на групата „Соседи на бившата СФРЈ“ (34.3), но е повисок во споредба со групата најразвиени држави во Европа, ЕУ-15 (31.7) без оглед што некому овие разлики му изгледаат мали. Доколку ја изземеме Словенија, која е предводник на десетте држави во светот со најнизок Џини-коефициент (најмала нееднаквост), рековме дека просечниот коефициент на останатите 5 од екс-ЈУ 6 е повисок во споредба со која било група од анализираните. Од вкупно 31 држава (графикон 14), Црна Гора и Србија се меѓу првите четири, според висината на коефициентот, Македонија на 12-тата позиција, БиХ на 15-то, Хрватска на 20-то и Словенија на 29-то место.
  • Исто така, потенциравме и дека не е важно само колку изнесува „просечниот доход на еден жител“, туку и како тој е распределен. Односно, кој е стварниот доход со кој располага мнозинството одделни семејства, или одделни социјални групи. Всушност, каква е нееднаквоста во анализираните држави. Па, ги повикавме напомош таканаречениот Џини-коефициент (објаснивме што значи) и учеството на првиот децил (топ 10%) од населението во вкупниот „доход пред оданочување“, во споредба со учеството на долните 50 % од социјалната пирамида. Констатиравме дека: просечниот Џини-коефициент на групата екс-ЈУ 6 (32.8) е понизок од оној на Балтичката тројка (34.4) и од истиот на групата „Соседи на бившата СФРЈ“ (34.3), но е повисок во споредба со групата најразвиени држави во Европа, ЕУ-15 (31.7) без оглед што некому овие разлики му изгледаат мали. Доколку ја изземеме Словенија, која е предводник на десетте држави во светот со најнизок Џини-коефициент (најмала нееднаквост), рековме дека просечниот коефициент на останатите 5 од екс-ЈУ 6 е повисок во споредба со која било група од анализираните. Од вкупно 31 држава (графикон 14), Црна Гора и Србија се меѓу првите четири, според висината на коефициентот, Македонија на 12-тата позиција, БиХ на 15-то, Хрватска на 20-то и Словенија на 29-то место.
  • Според вториот индикатор, колку било учеството на горните 10 % население во вкупниот доход пред оданочување во периодот 2017-2019, при споредбата помеѓу 38 европски држави, констатиравме дека: во Црна Гора (трета на ранг-листата) десетте проценти најбогато население присвојувало 11 пати повеќе од долните 50 %; во Србија (четврта во редоследот) над 10 пати; во Хрватска (14-та во редоследот) над 8 пати; во БиХ (21-ва во редот) малку под 8 пати; во Македонија (на 26-тата позиција) 7 пати; Косово (на 27-то место) сосема малку под 7 пати; и во Словенија (на 33-тата позиција, со 6 пати.

Заклучувајќи, всушност, дека во рамките на генералниот факт дека нееднаквоста во располагањето со доходот е речиси насекаде висока (со помала непристојност во земји како што се Чешка, Австрија, Холандија, Словенија, Норвешка, Словачка, Исланд и уште по некоја, може да кажеме дека, со исклучок на Словенија, останатите пет држави од групата екс-ЈУ 6 демонстрираат прилично голема економска нееднаквост меѓу граѓаните, а некои од нив, како што видовме, се во групата со најголема. Па, не случајно рековме дека населението на петте држави од групата екс-ЈУ 6 имаат двојна несреќа: ниски износи на просечен доход на еден жител и прилично висока нееднаквост во неговата дистрибуција.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел

ОкоБоли главаВицФото