Живковизмот на Росен Плевнелиев

21.01.2022 13:48
Живковизмот на Росен Плевнелиев

 

Росен Плевнелиев: „...службите на РСМ и до ден денешен се просто филијала на српските, кои пак се се филијала на руските, и ние не сакаме да ги внесеме Тито и Сталин во ЕУ“, изјави поранешниот претседател на Бугарија, и остана жив.

А малку да примениме едноставна логика?

Прво, ако е точно дека српските служби се „филијала на руските“, тогаш зошто Бугарија не ја блокира Србија, туку и овозможува да отвора нови поглавја во преговорите со ЕУ? Дали тоа што Бугарија ја подржува Србија во ЕУ е доказ дека им овозможува на српско-руските служби пробив до тајните на ЕУ и НАТО?

Второ, кој минатата година апсеше поранешни и актуелни високи воени и службени лица и разбиваше „руска шпионска мрежа“ која наводно крадела тајни на НАТО и ЕУ од Бугарија? Дали од фактот што имало разгранета „руска шпионска мрежа“ во Софија може да се заклучи дека „Тодор Живков е веќе во ЕУ“ и дека продолжува да работи за Сталин?

Трето, има ли појасен доказ дека Тодор Живков е веќе во ЕУ, од небулозната „историска“ блокада на Бугарија на Македонија, која се темели на истата аргументација од времето на живковизмот?

Видовме досега дека бугарските политичари имаат бујна политичка имагинација и дека можат да измислуваат стотици фантастични причини за политичката блокада.

Затоа, веќе е апсолутно небитно што кажуваат бугарските политичари и зошто ја блокирале Македонија во ЕУ. Денес зборуваат едно, утре друго, задутре ќе зборуваат нешто трето. Најбитно е тоа што ја блокираат Македонија и што не мислат да ја тргнат блокадата, доколку не ја прифатиме нивната ретуширана живковистичка верзија на историјата.
А тоа кажува само едно: националниот интерес на Бугарија е С. Македонија да не влезе во ЕУ. А тој национален интерес се поклопува со геостратешките интереси на Русија и Србија.

Слики: Edward Gorey