Народен поет

21.01.2022 17:33
Народен поет

 

Меѓу писателите што сум ги сретнал во животот спаѓа и Влаја од Глибовац (Влаја из Глибовца). Toj, ce разбира, не е претставник на високата литература, ами на сублитературата. Но, следејќи го Карел Чапек, ние сме готови да им обрнеме внимание и на такви појави и такви личности. Во гимназиските денови еден мој другар ми пишуваше дека се малцина во Шумадија што чуле за Максим Горки, „а Влају знају“.

Co тоа име и со текстовите што ги објавуваше Влаја првпат ce сретнав кога имав четиринаесет години. На патот за Крагуевац, каде што требаше да ја продолжам вишата гимназија, останав да преспијам една ноќ во интернатот во Горњи Милановац. На другиот ден прошетав, давајќи си некаква важност, иако бев за жалење, низ местото. На пазарот ми пристапи еден човек што за динар или два продаваше некакви брошурки. Купив една и видов дека е тоа поема од Влаја од Глибовац. Стиховите беа обележени со длабока порнографија. Во Крагуевац, потоа, ги купувавме и ги читавме со голем интерес творбите на Влаја, којшто редовно се потпишуваше како инвалид од Првата светска војна. Паметам и до денеска некои од клучните места во неговите песни и поеми, но не смеам да ги поверам на невината хартија.

Минаа години, дојде и мина и Втората светска војна. Едно есенско утро влегов во Белград во локалниот воз за Пожаревац. Требаше да настапам во тој град со некакво предавање. Беше рано, пред шест, беше студен и мрачен ден, ce чинеше дека нема никогаш да ce раздени. Во втората класа без прегради дремеа неколку селани, a сo нив заедно и јас. Никој немаше желба да стапи во разговор. Потоа ce отвори од една страна вратата и во пределот одвај осветлен од слаба електрична светлина стапи висок човек, слаб, облечен полуградски и со смачкан качкет на главата. Неговиот настап беше бучен:

„Јас сум поетот Влаја од Глибовац“ – ce претстави тој. „Јас имам напишано повеќе од сто илјади стихови. Сега ќе ви кажам една песна за Хитлера“.

Мојот интерес веднаш ce разбуди, зашто ce случи да сретнам автор што сум го следел, но присутните претставници на селанската класа останаа мртви ладни пред она што Влаја го рецитираше. Самиот тој почувствува дека неговите стихови за грозниот ѕвер-човек, притеснат како во капак во бункерот во Берлин, не предизвикуваат никакво внимание кај случајната публика, и затоа побрза да ја смени темата. „Сега ќе ви кажам нешто шеговито“ – рече Влаја и почна да рецитира:

„Скочи деда са врзину,
Xoћe бабу на брзину!“

A кога ја заврши и таа песна, ce обрна кон нас без никакво обиколување:

„Не причам ти песму да je знаш,
Beћ да Влаји који динар даш.
Ево долази Божић,
Па Влаја за себе и дечицу
Треба да спрема чесницу,
Да купи пшеницу,
Па богме и препеченицу,
Није брашно пошто je било,
Heгo je сто динара кило!“

Јас, веќе трогнат од таа молба, ce спремив да го одврзам ќесето и да му одделам на Влаја добра сума. Но во тоа веднаш забележав дека присутните не само што не мислат да уделат ништо, ами како да потонале во уште поголема дремка и ce прават како да не чуле што очекува од нив сиромашкиот поет. Како човек што не сака големи гестови и што не ce дели од масата, јас веднаш ce откажав од намерата и како и мене да ме совлада дремката. Влаја постоја малку, ја сфати ситуацијата, и си излезе без поздрав таму од каде што беше дошол.

Во тој момент ce случи чудна промена во вагонот. Полузаспаните луѓе како да живнаа. Еден од нив рече гласно: „Алал му вера, не е учен човек, ама секој збор му вреди злато“. Другите одобрија.

Така поетот, на тоа чудно книжевно читање, не доби хонорар, но доби заслужено признание од својот народ.


Слики: Saul Steinberg (1914 – 1999)

Извор за текстот: Блаже Конески, Дневник по многу години

 

Слични содржини

Книжевност / Живот
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото