Баленсијага и Хомер

24.01.2022 01:10
Баленсијага и Хомер

Аплаузи, шепотење, чкрапање на фотоапарати, музика со прашален квалитет: сето тоа се звуци кои редовно следат една модна ревија. Но гласно смеење? Тоа е вистинска реткост.

Па, сепак, голема смеа се слушаше во еден париски театар од 19 век, каде модната куќа Кристобал Баленсијага наместо традиционална модна писта прикажа десетминутна епизода од „Симпсонови“.

Тоа беше изненадување подготвувано повеќе од една година, резултат на соработка на два креативни ентитети. Засега има речиси девет милиони прегледи на Јутјуб.

Во оваа епизода, Хомер му пишува на Баленсијага пред роденденот на Марџ. Неговата сопруга, вели, отсекогаш сакала да има нешто од овој бренд. Го бара нивниот најевтин артикал, а тимот на Баленсијага тоа го сфаќа како некоја американска духовита шега и му испраќа фустан вреден 19 000 долари. Откако ќе го облече, Марџ го враќа со порака: „Секогаш ќе ги паметам овие триесет минути кога се чувствував по малку посебно“.

Во Европа, тоа стигнува до уметничкиот директор на Баленсијага, Демна Гвасалија. За него тоа е најтажното нешто што некогаш го слушнал, „а растев во Советскиот сојуз“. Затоа решава да патува во Спрингфилд и да ги „спаси“ оние „без стил“, врачувајќи им покана да ги носат неговите модели низ Париз. „Сакам да видам вистински луѓе на својата ревија“, им објаснува.

Соработката почна во 2020 година, кога Гвасалија првпат му испратил мејл на творецот на „Симпсонови“, Метју Грејнинг.

Демна Гвасалија (40) пораснал во Грузија и бил голем фан на цртаната серија кога бил млад. Првпат дошол до таква идеја за време на локдаунот во 2020 година. Тој инаку сака да го пласира брендот Баленсијага на масовниот пазар, а резултат на тоа беа неколку соработки со некои други американски сензации, како што се „Крокс“ и „Фортнајт“.

А кога се работи за „Симпсонови“, признава дека отсекогаш го сакал нивниот хумор, но и романсата и нивната шармантна наивност.

Но Џин, извршниот продуцент и еден од сценаристите на „Симпсонови“, првпат слушнал за Баленсијага кога Мет им го проследил мејлот. Морал на Википедија да побара нешто повеќе за нив.

Гвасалија додаде некои работи во сценариото, објаснува Џин. На пример, епизодата завршува на еден брод на Сена: Хомер ја гушка Марџ и ѝ ја пее „Ла Мер“. Но Гвасалија сакал да се уфрли уште нешто, па прашал дали е можно сакото на Хомер да изгори така што со цигара ќе го запали некој Французин.

Режисерот Дејвид Силверман вели дека главен предизвик била „прецизноста во облекувањето“, и дека биле користени инвентивни ефекти во постанимацијата за да се забележат текстурите и движењето на фустанот кој го носи Марџ на модната писта.

Модната куќа Баленсијага на авторите им испратила петнаесет различни предлози за последната ревија, и сите биле базирани на модели од последните пет години. Но не е лесно да се облечат универзално препознатливите цртани ликови во нив.

„Таквата рамнотежа помеѓу карикатурата и интегритетот на облеката беше необична“, вели Силверман. „Треба да се претстави како изгледа вистинската облека, вистинскиот дизајн, а сето тоа за ликови кои немаат пропорции како обичните луѓе“.

Силверман се шегува - иако е мошне искрен - дека за време на целиот летен одмор проучувал снимки од модни ревии, за да знае како да ја облече публиката и какво осветлување треба да се постави на пистата.

Во сценариото требало да се претстави и онаа апсурдност од светот на луксузната мода и местото на Баленсијага во таквиот свет - а тоа е нешто што не може да се согледа преку Википедија. Но, освен читањето статии, Џин ја гледал и серијата за Халстон на Нетфликс, кој бил голем фан на Баленсијага. Тоа им помогнало да го сфатат евергринот на модната култура.

И другите ликови кои се појавуваат во епизодата се базирани на вистински луѓе и животни, вклучувајќи ја сопругата на Демне Гвасалија, Лоика Гомез; нивните два песа; нивната креативна директорка Мартина Тифенталер (која го користи сопствениот глас); и работниците од ателјето на Баленсијага кои ја завршуваат колекцијата во авион, додека пеат.

Тоа е една од омилените сцени на Гвасалија во епизодата.

„Се смеам секогаш кога ја гледам“, вели тој.

И иако делува дека оваа соработка е големо изненадување, овие два бренда впрочем имаат сличен етос. И едниот и другиот се способни да поднесат шега на своја сметка, но и да ги прекршат врежаните правила.

А дали сето ова требало да ја доведе во прашање понекогаш претераната сериозност на модата, или она што јавноста го мисли за луксузот, за тоа нека зборуваат критичарите.

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report