Од кои состојки се направени расказите на Калина Малеска?

25.01.2022 11:20
Од кои состојки се направени расказите на Калина Малеска?

 

(...) Бев убедена дека шкофја лока е некоја состојка со која се прават колачиња што изгледаа толку вкусно на сликата. Сè додека години подоцна не дознав дека Шкофја Лока е место.
Денес бевме во Шкофја Лока. Низ тесните калдрмисани средновековни сокаци, преку мостот изѕидан од камени блокови високо над реката, крај двокатните куќи на чии прозорци неизоставно стојат саксии со цвеќиња, до замокот на врвот од брдото. На враќање, седнавме да се одмориме во една слаткарница. Кога го пробав сладоледот, си помислив: ова е најубавиот сладолед што сум го јадела во животот. Со секој залак се прашував од што ли е направен за да биде толку вкусен.
И тогаш се сетив: па, се разбира, од состојката шкофја лока.

 

Кусиот расказ „Колачиња од Шкофја Лока“ од Калина Малеска е илустративен за принципот игра како доминантен во нејзината најнова збирка раскази, четврта по ред, Скопје во високата зона (композициски структурирана од четири циклуси: „Скопје: иднини“, „Скопје: сегашности“, „Кругови на блискост околу Скопје“ и „Алтернативни зони“). И читателот, како и нараторката во споменатиот расказ, посакува да се нурне во кујната на Калина и да ја пронајде онаа суштествена состојка која го дава неодоливиот вкус на збирката: нејзиниот несомнен урбан сензибилитет (најавен веќе со насловот), шармантните лингвистички игри и инвентивните раскажувачки експерименти (има раскази сочинети од само една единствена реченица, како и раскази во кои се интерполирани цртежи и натписи), непретенциозната, спонтана нарација која ги проникнува реалното и фиктивното (понекогаш и реалното и фантастичното, но и научно-фантастичното, метареалното, ониричното или автобиографското), постапката на „очуднување“ на стварноста, дијалогот со другоста (второто „јас“, другиот – соговорник, дискурс, текст, медиум, хронотоп...), критичката визура на некои актуелни „теми и дилеми“ (злоупотреба на социјалните мрежи, постапокалиптичниот изглед на Народната и универзитетска библиотека во Скопје и сл.), ефектот на изненадување...

Веројатно, и самата авторка е во потрага по формулата на сопственото писмо, бидејќи цела една група раскази го тематизираат процесот на креација и писателскиот занает. Индикативен во оваа смисла е кусиот расказ „Прекини – преточувања“ кој, автопоетички, на мошне оригинален начин, го опишува процесот на пишување во кој фиктивниот свет од нарацијата се прекинува и се испреплетува со секојдневните стварносни, навидум банални, ситуации како што се решавање задачи со децата или мерење температура. Но, токму тие „прекини што се преточуваат во книгите“, го носат вкусот на автентичност, веродостојност, животворност. Оттаму и заклучокот во финалето на расказот:

Читајќи текст за познат писател од минатото, ја замислувам изолираната соба во која тој ги пишува своите страници без прекини што бараат од него да реши задачи или да измери нечија температура. Зашто верува дека само ако не прави прекини ќе се оствари единството, визијата, силата на неговиот наратив. Сега знам зошто неговите книги ми се без сила, без визија, без единство, знам што им недостига: прекините – преточувањата од околината што би можеле да ги оживеат неговите неубедливи ликови, да ги направат неговите заплети поверодостојни.

Според хрватскиот теоретичар Крешимир Немец, „секој книжевен текст стои во лабилен однос меѓу реалистичката, референцијална тенденција од една, и литерарната тенденција од друга страна“ (Nemec 1993: 117). Тој говори за своевиден „парадокс на дискурсот“ кој, истовремено, е и референцијален, и автореференцијален, односно, упатен и кон себеси, и кон стварноста. Овие теориски согледби се релевантни за дискурсот на нашата Калина кој се реализира како своевидна дијалектичка игра помеѓу опозициите: уметност-живот, фикција-стварност, мимезис-семиозис... Еве неколку примери:

 

Април 2020 година. Како што се шири вирусот корона и доаѓаат препораките за седење дома, така се умножуваат препораките за читање на сите книги што не сме стигнале да ги прочитаме. Но, сега, демнети од неизбежните загуби во секоја област од животот, немам никаков интерес да ги читам. Звучат наивно сите измислици што не ја зеле предвид зависноста на животот од економските односи. Во моментов, книгите што порано толку сакав да ги читам не ми изгледаат важни. Препознавам страв. И се прашувам дали недостиг на страв е недостиг на визија („Корона, Хајди“).

 

Кога се разбудив сабајлево околу 6:30, на телефонот ми пишуваше: 22 октомври 1921 година, 3:50 часот. Би било интересно да е почеток на приказна во која ликот се буди стотина години во минатото и не сфаќа што се случува, но мислам дека во прашање е некаква грешка во софтверот - што исто така може да биде интересна приказна.
Истиот ден, се јавува човек: добар ден, Калина Малеска? – Да. – За огласот се јавувам во машинска индустрија што сте објавиле дека ви треба работник. - ? („Грешка во софтверот“).

 

Во 2019 година се навршија сто години од раѓањето на Владо Малески. Сакам да напишам нешто за неговите книги; и додека размислувам кои романи да ги опфатам во својот текст, се обидувам да се сетам на него. Имав девет години кога почина и немам многу сеќавања во кои се појавува тој („Напишани и ненапишани приказни“).

 

Ако некогаш го загубам сеќавањето, првата работа за која ќе се прашам веројатно ќе биде: која е оваа Калина Малеска која скоро секој ден ми праќала документи на имејл? („Една личност со две имејл адреси“).

 

Играта помеѓу реалноста и фикцијата во расказите на Малеска како да нема крај. Понекогаш, во таа игра се вовлечени децата како протагонисти кои се прикажани со свој карактер и, не ретко, делуваат воспитно на возрасните („Времетраење на патувањето“, „Детска теорија на литература“, „Врвки“...), понекогаш некои реални, историски личности ја преземаат диригентската палка и ја оркестрираат нарацијата (на пример, математичарката Софија Ковалевскаја во расказот „Собата со формули на ѕидот“ или Владо Малески во веќе споменатиот расказ „Напишани и ненапишани приказни“), а понекогаш тоа се ликови од колективната културна меморија („Каспија и Баш-Челик“ или „Детето без златна коса“ – расказ-парафраза на бајката „Прекрасканата Илона“). Особено луцидна игра нашата авторка заговара во расказите во кои води интертекстуален дијалог со други автори и нивни текстови: расказот на Калина „Љ со контекст“ е во пар со расказот на Оливера Ќорвезироска, „Љ под мостот“ (од книжевниот календар Престапни години), потем, „Записи на умоболната“ експлицитно упатува на Гогољ и неговиот расказ „Записи на умоболниот“, додека пак, во расказот „Борхес, слика, утопија“, Малеска дијалогизира со Борхесовиот расказ „Утопија на уморниот човек“ кој, според автореференцијалните назнаки на нашата авторка, алудира на нејзиниот расказ напишан врз основа на сон – „Препознатливиот автопортрет“ (објавен во нејзината збирка Именување на инсектот, 2008).

„Борхес, слика, утопија“ е еден мошне интересен расказ-коментар/критика/толкувачки есеј. Расказот е кус, оперира со некои Борхесови клучни, опсесивни метафори како сонот, играта со времето или невидливите светови, а и финалето на расказот е во стилот на мајсторството на големиот аргентиски писател и заговара конфликт помеѓу обичното и необичното:

Двата расказа се сосема различни во сé, освен во два специфични детали: временскиот патник и навидум празните слики на кои има невидливи светови. Тоа не е воопшто необично и не е ништо посебно – веројатно сите си бараме сличности со приказни кои ни се допаѓаат, и не е необично затоа што во литературата има илјадници приказни кои се блиски според разни мотиви. Но, ако некој временски патник напише расказ во кој сликата и временскиот патник од двата расказа се истата слика и истиот временски патник – е, тоа веќе би било необично.

Времепловот е уште една константа во расказите на Малеска. Генерално, се работи за едно внатрешно време: длабоко лично, индивидуално или ментално време кое, според италијанскиот професор Алберто Мелучи, е многукратно и дисконтинуирано, повеќенасочно (можеме да воспоставиме односи меѓу настаните што течат нанапред и наназад низ времето, но и нагоре и надолу, па оттаму и преминот во други времиња), немерливо или неподвижно, со еден збор – непредвидливо. „Различните времиња постојат заедно во внатрешното доживување, тие се последователни едни на други, се вкрстуваат едни со други и се преклопуваат едни со други – појаснува Мелучи и продолжува: „Внатрешното време е и симултано време. Многу времиња постојат симултано: вчера и денес, моето време и времето на другиот, тука и таму. Може да сум дете и возрасен, во пред и во по. Симултаноста на внатрешното време ја укинува противречноста“ (Мелучи 2007: 97; 93).

Споменатите согледби се иманентни за другоста на просторот и времето во расказите на Малеска. Расказот „Автоперална“, на пример, го проблематизира феноменот на внатрешното време низ двојната визура на дете и возрасна личност:

Како дете, една од големите авантури ми беше кога одевме да го переме автомобилот во автоперална. Бев заглавена во најмрачната пештера при теренско истражување кога пената ги поклопуваше шофершајбната и прозорците. Скокав во највисокиот водопад кога звукот на големите машини што се вртеа се засилуваше. Нивните сини сунѓери и крпи се приближуваа од страните и се спушаа одозгора – изгледаше како секој миг да ќе ја смачкаат каросеријата, а низ главата ми поминуваа илјадници начини за бегство. Металната прачка со вграден фен што ја сушеше водата секогаш се подигнуваше подоцна од очекуваното и неколку секунди бев сигурна дека ќе остане ниско и ќе ни ги пресече главите кога лесно ќе го збрише горниот дел од автомобилот додека подвижната лента го движи напред. Автопералната ми изгледаше како најопасното место на светот.

По 30 години, „автопералната ми изгледа како најбезбедното место на светот“ – констатира автодиегетичкиот раскажувач.

Временската машина ја одредува траекторијата на нарацијата и во многу други раскази. Во „Торба со пари“, лоциран некаде во блиска иднина, читаме:

Во станот имаше кујна подигната на ниво за една скала повисоко од другиот дел од станот. До кујната имаше еден мал шпајз со расипана машина за перење. Кујната беше вселенскиот брод Галактика чиј командант бев јас, а шпајзот со шибер-врата беше ракетата со која можев побрзо да летам низ вселената со помош на копчињата од расипаната машина за перење.

На крајот, „ракетата се вклучува со гласен звук и јас одлетувам во вселената.“

Обата раскази се илустративни за финалниот ефект на изненадување кој или е причинско-последичен исход на нарацијата (каков што е случајот со „Торба со пари“), или пак нуди едно опозитно, контрастно решение (како во расказот „Автоперална“). Убав пример за сопоставување и пермутирање на активностите на почетокот и на крајот од еден расказ како стилска наративна постапка, претставува и кусиот расказ „Синтисајзер“: „Немам време за пијано. Сакам да научам да свирам, но морам да ги завршам обврските и немам време за пијано“ (почетокот); „Немам време за обврски. Морам да свирам“ (крајот).

Жанровски, расказот „Торба со пари“ е научно-фантасичен; еден друг мошне интересен расказ, „Мравки“, е фантастичен во стилот на еден Кортасар или Буцати; некои се реалистични, други, пак, онирични (сомнамбулни), но има и такви кои орбитрираат околу утопиите. Како и во претходните книги, и овде, има мешање на жанрови, односно прозата е во интеракција со поезијата. Десетината песни поместени некаде пред самиот крај, се мошне луцидни и лудистички, некои се куси, лирски, други наративни, сосема во склад со целината на книгата. Мозаикот од најразлични жанри, мотиви и постапки е уште една одлика на раскажувачкиот свет на нашата Калина. Таа покажува несомнена ерудиција, како и спремност да се впушти во најразлични раскажувачки (и поетски) авантури и во истите да ги вовлече и читателите.

Која зона во Скопје е висока? Кога „ураганот застанува и прави пауза“? Што се крие зад „бунтот на знаците“? Може ли времето да се спакува во „ќесичка кинески сос“? Како се свири на „окована виолина“? И може ли да се учествува во „натпревар во плашење“? Овие и многу други дилеми се отвораат на страниците на најновата збирка на Калина Малеска Скопје во високата зона. На потег се вљубениците во убавиот збор...

Литература:
• Малеска, К. 2021. Скопје во високата зона. Скопје, Или-Или, 2021.
• Мелучи, А. 2007. „Внатрешно време и општествено време во еден свет на неизвесност“, во: Аспекти на другоста (прир.: И. Џепароски). Скопје, Евро-Балкан Пресс/Менора, стр. 87-102.
• Nemec, К. 1993. „Autoreferencijalnost i romaneskna samosvijest”, во: D. Oraić Tolić, V. Žmegač (ur.). Intertekstualnost & Autoreferencijalnost. Zagreb, ZZK, стр. 115-123.


Слично: 
За романот „Одбројување“ на Фросина Пармаковска
Невидливите бегства од... самите нас
Сите преобразби во песните на Вулкански
Конески и класичната култура

Илустрации: Jiayue Li