Радост што ни дава крилја

25.01.2022 12:49
Радост што ни дава крилја

Слики: Перица Георгиев – Пепси, од моменталната поставка на слики „И во огнот штом ќе запролети“ во Чифте Амам. Изложбата ќе биде отворена до крајот на јануари 2022.

„Би сакал секогаш да останете деца, не по ум, но душите да ви бидат детски; или да употребам друга една форма: душите да ви бидат нежни. Знаете ли колку е нежна човековата душа? Во неа нема апсолутно никаква грубост...Држете ја оваа мисла во себе: ’Мојата душа е чиста‛ и не се обесхрабрувајте.“

Петар Данов


Екстракт-чувство-боја, хармонизирање со животинскиот и растителниот свет, со целиот екосистем, почитување на другите култури бидејќи се изблик на душите на народите, подеднакво вредни за Целината, духовен стремеж, истражување на детската уметност (чистота и искреност во експресијата) во откривање нови поетики, синестезија и интерференции меѓу сликарството, музиката и поезијата, со сите овие елементи, Перица Георгиев ја збогатува својата уметничка личност. Уметникот сè повеќе станува фактор за квалитативни промени, инспиратор и поттикнувач на енергиите!



Поттикнувањето на енергиите е во насока на квалитативната промена на свеста. Тоа, на почетокот на овој век, се одвива со воспоставување на старо-новото единство со природата. Контактот со природните елементи, потребата од едноставен живот, потребата од живеење во внатрешната димензија, во суптилните тела и во убавината на духот, врз постулатите на енвиронменталната естетика и етика, а во фузија со древната мудрост на изворната духовност, таоизмот, ведантата, (зен-)будизмот, го обезбедува тој успех. Преобразбата на свеста значи човекот да се издигне на повисоко енергетско ниво, од каде што тој може да ја види разликата. Само тогаш тој ќе може да го преобрази општеството и да ја спаси планетата. Сè што стимулира обратен ефект, не може да ги спаси ниту човекот, ниту заедницата, ниту планетата.

 



Моќта на стихијата на елементалите во култот кон фетишот (во разни форми: профит, пари, посед, капитал, кариера, опсесија со секс, итн.) веќе не е толку привлечна како чистотата на духовната моќ. Во надворешната димензија, во реалноста на овој „материјален“ живот, клучен прелом се случува со менувањето на нашиот однос кон природата (и воопшто, кон другиот). И, сега, се прашуваме дали вистински неа сме ја спознале, во нејзината длабочина, хармонија и убавина. Од тоа прашање се развиваат нови дисциплини во естетиката и во етиката. Просветлувањето е во менувањето на нашиот однос кон природата. Чувство на восхит, воодушевување, мистичност, холистичка исполнетост, мир, спокој, тишина, битие кое се самоспознава и знае дека е – тоа го реализира човекот кој ја открил убавината на природата во себе, во единството со себе и природата и со целиот диверзитет. Во тој процес ние развиваме нов контакт со елементите кои се во врска со енергетските нивоа во нас. Според јогата, седумте енергетски нивоа одговараат на елементите и се штелуваат со одредена боја и фреквенција на звук. Кога сме во природа, добиваме чувство на восхит и мир, што значи дека енергијата сме ја наштелувале во добра вибрација. Тоа се случува интуитивно, несвесно, да речеме, „природно“. Бидејќи во природата елементите се присутни чисти, неизвалкани од човековите дела. Но, денес, постојат техники со чија помош се дејствува свесно во штелувањето на овие енергетски центри, преку концентрација/медитација на одредена боја и звук и преку техниките на дишење.



Главното прашање е како ова знаење да се прифати од пошироката културна јавност?! И, потоа, како да стане масовна култура во меинстрим? А со цел да го истисне консумеризмот што се заканува да ја изеде целата планета, процес кој води кон неповратно губење на ресурсите и природните убавини каде што тие елементи се чисти. Воедно, се поставува прашањето како свеста на целото човештво да се издигне во повисок статус? Бидејќи се нема друг избор! Претпоставувам дека тоа треба да се случи преку продуховениот витал, односно еколошката свест. Или ќе се самоуништиме, бавно, но сигурно. Оттаму сериозноста, значењето на овој преломен момент во еволуцијата на човекот и силата што носи промени кон подобро. Постојат начин и пат, но дали постојат и волја, подготвеност и знаење, да се дејствува пошироко?



Инспирацијата и силата е во интуицијата на уметноста, во тоа буење и расцутување, во екстатичната игра на границата на недофатното што ни бега, во таа трага на битието во настанување, во враќањето на изворното чисто постојно, радост што ни дава крилја. Световите во сликарството на Перица Георгиев-Пепси се токму тоа! Уметноста е игра, симбол и празник, според херменевтичарот Ханс Георг Гадамер. Есенцијата на креацијата е игра, танц, смирен динамизам (да, парадокс) на постојан внатрешен раст, флуид, бескрајно ритмичко развивање на инволвираниот импулс. Симбол е, бидејќи симболизира неизмерна убавина на креацијата, еден фрагмент од таа возвишена убавина. А празник е, бидејќи уметноста е вистински празник за душата…

Радоста нè исполнува на едноставен начин. Радоста ни дава крилја. Тогаш сме издигнати на повисоко рамниште и имаме јасна визија за следните чекори што треба да ги направиме за да ја спасиме природата, општеството и сопствената душа.

 

ОкоБоли главаВицФото