Еднакви плати само за третина од работниците?

26.01.2022 02:44
Еднакви плати само за третина од работниците?

Две третини од работниците и работничките во Европската унија се исклучени од мерките за транспарентност на платите според моменталниот предлог на Европската комисија, известува Европската конфедерација на синдикати (ЕТУЦ). После сагата околу директивата за транспарентност на платите, Комисијата најпосле одлучи дека само претпријатијата со повеќе од 250 вработени мораат да доставуваат податоци за платите поделени според полот на вработените. Европските синдикати тој податок го најдоа „закопан“ во документот на Комисијата за проценка на учинокот на директивата.

Да потсетиме, претседателката на Европската комисија, Урсула вон дер Лајен вети донесување директива за транспарентност на платите во рок од 100 дена од почетокот на нејзиниот мандат. Потоа, ова ветување беше изневерено со низа одложувања на донесувањето на Директивата, која во март 2021 најпосле беше претставена со доцнење од 460 дена од ветениот рок. Европските синдикати, нервозни заради одложувањата, повикаа правни експерти и составија свој предлог на Директивата кој ѝ го понудија на Комисијата на користење, а покренаа и акција за „потрага по исчезнатата директива“ во која во живо и на социјалните мрежи лепеа плакати со слики од изгубени мачки и текст за доцнењето на Директивата. Европската синдикална конфедерација  ангажираше експерти по европско трудово право за да состават предлог закон со кој ќе се инспирира Европската комисија. Осумнаесетте членови на законскиот предлог на ЕТУЦ вклучуваа мерки кои, на пример, ги забрануваат клаузулите за тајноста на платите во договорите за да може отворено да се дискутира за платите, ги обврзуваат работодавачите да прават ревизии на информациите за платите и годишни акциски планови за еднаквоста на платите, и им даваат поддршка на синдикатите во преговорите со работодавачите за разликите во платите.

„Директивата на Европскиот парламент и Советот на Европа за јакнење на примената на принципот на еднакви плати за иста работа или работа со еднаква вредност и за мажите и за жените преку транспарентност на платите и механизмите за спроведување“, е осмислена со цел намалување на родовите разлики во платите до кои доаѓа или заради дискриминација во одредени организации или заради неправедно вреднување одредени занимања, главно оние во кои жените се мнозинство. Кога најпосле се појави минатата пролет, предлогот на Директивата во една своја верзија не содржеше одредба која ја забранува тајноста на платите, во друга верзија работодавачите добија моќ да одредуваат кои работи можат да се спроведуваат при одредувањето еднакви плати за работа со иста вредност, а ниедна од трите верзии не им даваше право на синдикатите во преговорите во однос на еднаквоста на платите, туку се споменуваа „претставници на работниците“, што во практиката се покажа како начин за заобиколување на синдикатите.

Со воведувањето праг, заради кој повеќето претпријатија не би биле обврзани да ги спроведуваат мерките за транспарентност на платите, моменталната верзија на директивата би имала најмало влијание во државите со најголеми родови разлики во платите - Естонија и Латвија - во кои само дваесетина проценти од работниците би биле покриени со предложените мерки за транспарентност на платите. Дури и во Франција, која има најголем број работници вработени во големи претпријатија, мерките би покриле помалку од половина работници. Од целата Европска унија со мерките од директивата само во три држави би биле покриени повеќе од 35 проценти од работниците. Дополнителен проблем е што директивата би ја намалила покриеноста на работниците со мерките во 12 држави членки кои во моментов имаат обврска за доставување податоци за платите на претпријатијата во кои има помеѓу 50 и 150 вработени (Белгија, Данска, Шпанија, Финска, Франција, Естонија, Литванија, Луксембург, Полска, Шведска, Австрија, Италија). Единствено Германија во моментов има закон кој на претпријатијата им поставува построг услов за доставување податоци за платите.

Аргументот на Европската комисија за оправдување на високиот праг од 250 вработени е трошокот за спроведување на оваа политика, која во првата година би ги чинела работодавачите помеѓу 315 и 500 евра, но во следните години се намалува на помалку од 100 евра. Европските синдикати заговараат укинување на прагот од 250 вработени за спроведување на мерките кои ги предвидува директивата, а конечната верзија наскоро ќе ја изгласа Европскиот парламент.

Заменичката на главниот секретар на Европската синдикална конфедерација, Естер Линч, изјави: „Потценетоста на работите кои главно ги извршуваат жени во ковид кризата стана повидлива од кога било, со оглед на тоа дека жените се мнозинство меѓу лошо платените таканаречени есенцијални работници. Транспарентноста на платите би можела да биде моќно оружје за укинување на срамниот родов јаз во платите во Европа. Но, Комисијата се обидува да го одржи волкот сит и овците на број кога се во прашање еднаквите плати, така што на недоволно платените работници ќе им го кажува она што сакаат да го слушнат, додека зад кулисите ќе ја разводнува директивата по налог на корпоративните лоби групи. Како што стојат нештата, бројни работодавачи ќе можат и натаму да го сокриваат фактот дека за работа со иста вредност повеќе ги плаќаат мажите отколку жените. Правото на еднаква плата не би смеело да зависи од големината на компанијата за која работите. Сега парламентарните претставници треба да се погрижат оваа директива да донесе промена за работниците, без оглед на големината на нивното претпријатие. Начелото за еднакви плати е впишано во европските договори од 1957 година. Жените доволно чекаа ЕУ да ги преземе потребните чекори за овие договори да станат реалност.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Anna Parini

Извор: https://www.bilten.org/