Основната психологија на радикализацијата

26.01.2022 13:38
Основната психологија на радикализацијата

Секој човек поседува повеќе слоеви на идентитетот истовремено и тие се истакнуваат зависно од времето, просторот и општествениот контекст. Но, за некои луѓе, една од димензиите на нивниот идентитет доминира над останатите. Тоа ги става под ризик во целост да бидат консумирани од одредена нивна единствена кауза или верување.

Психолозите сметаат дека ова е клучно во процесот на идеолошко радикализирање на луѓето.

Во 1948 Симон де Бовоар (1908-1986) ја напишала книгата The Ethics of Ambiguity, која може да се чита како реакција на Втората светска војна, како обид за изнаоѓање смисла во воената деструкција. Таму, таа го предлага архетипот на „сериозниот човек“.

„Сериозниот човек“ ги посветува животот и енергијата на некоја кауза, вредности или идол што ги смета за апсолутно добро и за нив е подготвен речиси се’ да жртвува. Таквите луѓе обично поддржуваат авторитарни влади или инсистираат дека нештата треба да бидат оценувани од аспект на нивната „корисност“. Целосната посветеност на „сериозниот човек“ кон вредностите што ги бира се негов начин „да се изгуби себеси“ во нив наоѓајќи утеха во тоа надворешен систем на вредности да го доминира неговиот начин на размислување.

Инвестирајќи се целосно во својот идол, тој станува зависен, во целост го врзува својот идентитет за него, и тогаш се’ изгледа како потенцијална закана. Тој е опасен бидејќи нема да се двоуми да жртвува што било за да го заштити или да му служи на својот идол, кој го гледа како единствена „безусловна вредност“.

Винстон Черчил рекол: „Фанатик е некој што не може да го промени мислењето и не сака да ја промени темата.“

 

Патот до фанатизмот

Скорешна психолошка студија ги истражувала доминантните фактори во одредувањето на подготвеноста на личноста да се саможртвува, односно, да умре за некоја кауза. Тимот се фокусирал на три варијабли: морални убедувања, свети вредности и феноменот наречен фузија на идентитети.

„Фузија на идентитети се случува кога една апстракција (група, кауза или дури и друга личност) го дефинира личниот идентитет. Кога луѓето стануваат врзани за групата или за каузата, границите меѓу ‘јас’ и групата стануваат порозни и се стопуваат во едно. Ова обединување создава чувство на поистоветување со групата. Како резултат, силно врзаните луѓе се особено склони кон однесување во одбрана на групата или на каузата кога се под закана од перципирани противници.“

Иако сите три варијабли се покажале како силни предвидувачи на саможртвата, фузијата на идентитети конзистентно била најсилна од трите. Студијата открила дека оние што го врзуваат својот идентитет толку нераздвојно од некое верување или убедување се во суштина „идни радикали“.

Овие истражувачи велат дека најдобриот начин за борба со екстремизмот и радикализацијата е луѓето кои се под таков ризик да се поттикнуваат и да имаат и други каузи и верувања што ќе им бидат дел од идентитетот: „Врз основа на нашето истражување, сметаме дека префрлувањето на радикалите од фузија со екстремистичка кауза кон добронамерна кауза може поттикне трансформација.“

Извор: Big Think

ОкоБоли главаВицФото