Активистички адвентски календар

12.01.2011 12:52
Активистички адвентски календар

Активистите во Хамбург смислија свој начин за одбројување на крајот на годината, поточно за одбројување на адвентот (кај католиците зборот адвент ги означува последните четири недели пред Божиќ; зборот доаѓа од латинскиот adventus, доаѓање; во смисла: претстојно доаѓање на спасителот) – своевиден адвентски календар на градските улици. Тие избраа 24 неискористени простори на различни места во градот и на секој од нив обесија по еден огромен црвен број, празнично украсен, обележувајќи по еден ден поблиску до Божиќ и укажувајќи на тој начин на фактот дека тие простори стојат празни и најверојатно чекаат нови инвеститори кои ќе ги урнат.

Активистите, облечени како Дедо Мраз, останаа анонимни, но во суштина се работи за групата која се бори против гентрификација (процес на освојување на посиромашните градски квартови од страна на средната или повисоката класа) на Хамбург. Нивната адвентска акција е повик да се обноват тие згради и да се најдат корисни решенија за нив. Меѓу 24-те градби има поранешни индустриски простори, вила од 1930-те која стои запуштена, зграда во сопственост на градот која зјае празна десетина години, поранешен хотел и ресторан.

Главно станува збор за градски простори, некои и под заштита, што не значи дека не можат да бидат урнати ако градот и инвеститорите не се согласат дека тоа е во заеднички интерес. Од градската канцеларија на Хамбург оваа акција ја нарекоа „забавна“, но само додека таа се одвива на градските простори, бидејќи не се согласуваат со прозивањето на приватните сопственици.

Граѓанската иницијатива Komm in die Gänge отвори и интернет страница на која ги претставија зградите, но и им овозможија на граѓаните да ги обележат на мапата на Хамбург останатите напуштени и неискористени згради во градот и околината. Хамбуршките активисти предупредуваат дека во градот се ретки пристапните простори за живот и работа, додека истовремено 1.2 милиони метри квадратни канцелариски и индустриски простор стојат празни. Се надеваат дека некои од тие простори ќе послужат како општествено корисни, наместо приватните инвеститори да заработуваат на нив.

Извор: leerstandsmelder.de