Граѓанскиот активизам е неопходен за запирање на климатската криза

28.01.2022 01:53
Граѓанскиот активизам е неопходен за запирање на климатската криза

Поминаа три децении откако беше објавен првиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени (ИПЦЦ), со што светските лидери беа соочени со доказите за причините и катастрофалните последици од глобалното затоплување. Меѓутоа, глобалните антропогени емисии на јаглерод диоксид, кои во најголема мера придонесуваат за потопла планета, сè уште продолжуваат да растат и денес тие се за 60 проценти повисоки отколку пред 30 години.

На прашањето зошто светските влади не успеаја во доволна мера да ги намалат штетните емисии, меѓународен тим истражувачи составен од експерти од разни тематски области во својата најнова студија наведуваат повеќе причини за колективниот неуспех. Тие истакнуваат дека за решавање на проблемите се неопходни промена на наративот и напуштање на парадигмата за бесконечен економски раст. Покрај тоа наведуваат и дека потребната промена не треба да доаѓа само од позиција на голема политичка или економска моќ, туку од сите слоеви на општеството и дека општествениот активизам би можел да го има клучот за надминување на постоечката инерција во борбата против климатските промени.

Причините заради кои емисиите и просечната температура продолжија да растат, и покрај глобалниот напор тие да се зауздаат, се сложени, а одговорот на прашањето зошто е така зависи од тоа кого ќе прашате. Во меѓувреме, со секоја година во која не успеавме во доволна мера да ја свиткаме кривата на емисиите, создадено е поголемо бреме во иднина да направиме повеќе и за пократко време, за да не се реализираат најлошите сценарија со последици од климатските промени.

Тимот експерти на чело со Тим Стодард од Универзитетот во Упсала во својата студија ги изнесува причините за колективниот неуспех да се зауздаат емисиите на јаглерод диоксидот, но и поставуваат нови прашања кои би отвориле пат кон поконкретни решенија. Во нивниот труд објавен во научното списание Annual Review of Environment and Resources тие ја анализираат борбата против климатските промени од перспектива на девет релевантни тематски области.

Тие можат да се категоризираат во три основни групи: првата која се занимава со улогата на моќниците, втората е улогата на научната заедница и третата ја разгледува улогата на целото општество и поединецот.

Светот веќе три децении се бори против климатските проблеми, меѓутоа емисиите на јаглерод диоксидот продолжуваат да растат

Пет години по првиот извештај на Меѓувладиниот панел за климатски промени следеше и првата конференција на Обединетите нации за климатските промени (ЦОП) со мисија да се намалат последиците од промената на климата, а во следните години, до денес, одржани се уште 25. Во повеќедецениските преговори меѓународната заедница се усогласи околу централната цел со која би се намалил растот на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, така што просечното загревање на глобално ниво нема да надмине 2 степени целзиусови, односно да се тежнее тоа да запре на 1,5 степени.

И покрај извесното политичко поместување и делумно пооптимистичните проекции за иднината, антропогените емисии сè уште растат над целните вредности. Податоците покажуваат дека количините јаглерод диоксид ослободени од согорувањето на фосилните горива во последниве три децении се дури половина од влупните историски емисии, набљудувано од почетокот на индустриската доба до денес.

Последниве години најголем дел од вкупните емисии ги создаваат државите во развој, меѓутоа, историски гледано, нивниот удел сè уште е помал во однос на емисиите на развиените држави. Освен тоа, емисијата на јаглерод диоксид по глава на жител во развиениот свет во просек е околу четирипати поголема од земјите во развој.

Иронично, оние кои се најмалку одговорни за емисиите што ја загреваат планетата често трпат најголеми последици, а кога се во прашање преговорите за климата, како самитот ЦОП, имаат најмало политичко влијание. Емисиите по глава на жител во државите од групата најмалку развиени земји се дури 40 пати пониски во однос на развиениот свет.

Промена на статус кво-то

Неуспехот на водечките моќници односно институиции, држави и корпорации да ги спроведат на дело дадените ветувања со кои би се намалиле емисиите, доведоа до сериозни последици по општеството и животната средина. Од најголемите емитери се очекуваше да преземат иницијатива во ублажувањето на емисиите, но нивното досегашно дејствување се покажа како недоволно.

Во меѓувреме, економскиот раст на послабо развиените држави како по правило е тесно поврзан со употребата на фосилните горива, што глобално дополнително го поттикна растот на емисиите. Тимот на Стодард забележува дека вкоренетите начини на размислување за развојот на едно општество, како и водењето неодржлива економска политика се едни од основните пречки во ефикасното ублажување на емисиите.

Кога станува збор за експертите и академиците, особено во областите економија, енергетика и ублажување на климатските влијанија, постои инертност во истражувачката работа која исто така придонесува за одржување на постоечката состојба. Спротивно на тоа, авторите истакнуваат дека решавањето на климатската криза бара брзи општествено-економски промени, бидејќи планираното темпо за намалување на емисиите едноставно не е доволно.

Авторите сметаат и дека досегашните традиции во истражувањата и начините на размислување мора да се доведат во прашање и дека треба да им се дава повеќе простор на климатските промени во областите во кои таа тема е на маргините, зашто само така би можело да дојде до поголеми поместувања во пронаоѓањето нови решенија.

Поединците и општествениот активизам како важен алат за надминување на климатската криза

Студијата во посебен фокус ги става општеството и поединецот, кои можеби го држат клучот во решавањето на проблемите. Доколку лидерството од врвот и институциите не се доволни за да се реши климатската криза, се поставува прашањето дали е потценета улогата на поединецот и дали индивидуалните акции би можеле збирно да имаат доволна моќ да бидат главен двигател на промените. Различни општествени фактори би можеле да влијаат на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина исто како и договорите во рамки на Обединетите нации, доколку во доволна мера се поттикне општеството само да ги диктира промените, сметаат авторите.

Еден од облиците на општествена моќ кој го истражувал експертскиот тим во својот труд, како средство за разбивање на инертноста на климатската полтика, е граѓанскиот активизам на локално ниво. Помалите организирани групи можат да извршат притисок на власта и индустријата, но и да го менуваат образецот на однесување на целото општество кое засега е мошне зависно од фосилните горива.

Човечкото однесување и општествените обрасци кои беа двигател на економскиот развој од почетокот на индустриската доба создадоа длабока економска, социјална, културна и психолошка зависност од фосилните горива. Меѓународната заедница ја препозна потребата за итна и одлучна акција за намалување на согорувањето фосилни горива. Меѓутоа, доминацијата и инерцијата на постоечкиот систем до денес практично ја одржуваа постоечката состојба, без поголеми поместувања. Ваквото статус кво само го троши времето кое преостана за дејствување.

Затоа трансформацијата кон одржлива иднина бара уште посилна промена на постоечките општествени, културни, политички и економски норми и трансформација на институциите кои во моментов се причина за проблемите. Изгледа дека ваквите промени не може да се очекуваат само од конвенционалните центри на моќ, туку мора да дојдат од сите нас.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Javier Ruiz Pérez

Извор: https://klima101.rs/

ОкоБоли главаВицФото