Валентин Губарев - „Белорускиот Бројгел“

28.01.2022 18:23
„Белорускиот Бројгел“

Валентин Алексејевич Губарев (1948) е белоруски сликар, врвен претставник на „Наивното сликарство“. „Дискретниот шарм на неразвиениот социјализам“ - вака понекогаш се опишува делото на „белорускиот Бројгел“. Неговиот посебен светоглед со многу топлина, светлина и хумор најчесто го претставува секојдневниот живот во малите провинциски градови. Зад понекогаш карикатуралните особености на скромните ликови има многу емпатија и познавање, и тоа на сликите на Губарев им дава слоевитост, длабочина и емотивна сила.

Губарев е професионалец од највисок ранг, иако неговиот „наивен стил“ е достапен за разбирање дури и за оние гледачи кои не се разбираат во сликарство. Тоа е така зашто мотивите на неговите слики се преземени од непосредниот живот. Тие слики, како и фолклорот, на прв поглед се едноставни, некомплицирани, но во нив има разни слоеви на значења. Иако ваквиот тип на сликарство („наивен“, „аутсајдерски“) некогаш се прогласува за прелитературен, анегдотален и илустративен, во сликите на Губарев секогаш постои снажен невербален момент, нешто што не може да се опише со зборови, некоја насмевка, поза, гест, тишина...


Според Губарев, ликовите во неговите дела се „обични луѓе“, кои „не ги читале Хегел и Кант“. Тоа се „луѓе со чисто срце, кои не се родени за да бидат бизнисмени, но имаат силна желба да бидат среќни“. Мотивите на неговите дела често ги вклучуваат спомените на сликарот од детството и адолесценцијата - носталгични детали од животот во советската ера.

Неговиот уметнички пат започнал во детството, кога од разгледници копирал слики од руските уметници И. Левитан, А. Саврасов, Ф. Решетников... Кога бил ученик во трета година во уметничко училиште, ги открил делата на Џексон Полок, Пол Сезан, Ван Гог и Анри Матис. Во тоа време ја открил и „Мртвата природа“ и почнал да го развива сопствениот стил.


Роден е на 14 април 1948 година во Горки, во Советскиот Сојуз (денешен Нижни Новгород, Руска Федерација). Учел во Уметничко училиште во Нижни Новгород, а студиите ги запишал на Московскиот државен факултет за графички уметности. Во 1975 година се преселил во Белорусија, каде што започнал да илустрира книги, работејќи како сликар/илустратор во издавачка куќа. Од 1991 година почнува да гради сликарска кариера главно во Франција, и да учествува на домашни и меѓународни ликовни изложби.

Денес Губарев е познат и во пошироките уметнички кругови во светот. Неговите дела се чуваат во збирки во различни музеи и галерии, вклучувајќи го Националниот музеј за уметност на Република Белорусија, Музејот Cimerli и Универзитетот Rutgers во САД, галеријата „Schaer und Wildbolz“ во Швајцарија и на други места. Неговите дела ги има и во низа приватни колекции во многу земји.

И покрај долгорочниот договор со угледна париска галерија и понудата да живее во Франција, Губарев претпочита да не се отцепи од почвата и живее и работи во Минск: „Оваа земја ме храни како уметник. Наоѓам инспирација и физичка сила во нашите животи, обичаи, традиции, луѓе, разговори“.

Во продолжение пренесуваме 20 слики од Валентин Губарев.

ОкоБоли главаВицФото