Графичкиот роман „Маус“ забранет за учениците во Тенеси

29.01.2022 14:41
Графичкиот роман „Маус“ забранет за учениците во Тенеси


Училишниот одбор во американската држава Тенеси го забрани графичкиот роман „Маус“ од Арт Спигелман, еден од најзначајните графички романи во светот и добитник на Пулицерова награда, поради осум пцовки и една илустрација на нацртан гол женски глушец.

„Маус“ е графички мемоaр, сеќавања и историја на прогонувањата на родителите на авторот, Евреи во Полска, за време на Втората светска војна и нивното интернирање во Аушвиц.

Одлуката била изгласана на 10 јануари, но го привлече вниманието на јавноста пред само неколку дена. Одлуката е донесена во време на бројни битки во училиштата во земјата поради настојувањата на конзервативците за менување на наставните програми. Конзервативните групи низ земјата ги засилуваат кампањите за забранување книги од училишните библиотеки, книги кои често се фокусираат на темите како раса, ЛГБТ прашања или маргинализирани заедници. Едно од главните спорни прашања е учењето за историјата на ропството и расизмот во Америка, на кое конзервативците жестоко се противат.

Книгата „Маус“ своевремено го издигна жанрот во високата книжевност освојувајќи низа книжевни награди во 1992, но изгледа дека образовните работници во Тенеси не се одушевени. Десет членови на одборот едногласно изгласале отстранување на романот од наставната програма.

„Во книгата е присутен груб, проблематичен јазик“, вели директорот на училиштето, Ли Паркинсон. Паркинсон објаснил дека се „консултирал со адвокат“ и како резултат отпрво одлучиле „дека најдобриот начин да се справиме со јазикот на оваа книга е да ја редактираме – да се ослободиме од осумте пцовки и од непристојниот приказ на жена“. По многу дискусија одборот на крајот одлучил дека, со оглед на грижите околу авторските права, подобро е графичкиот роман да се забрани во целост.

Тони Алман , член на одборот кој ја поддржува одлуката за отстранување на „вулгарната и несоодветна“ содржина, изјавува: „Не треба да ги овозможуваме или да ги промовираме овие нешта. Не негирам дека Холокаустот беше брутален, ужасен и суров. Но, книгата прикажува обесени луѓе, убиства на деца – зошто образовниот систем промовира вакви нешта? Тоа не е мудро ниту здраво“, рекол тој.

Алман го коментира и самиот автор, Спигелман, наведувајќи: „Можеби грешам, но тој порано цртал за ’Плејбој’. Може да го проверите тоа – и ние му дозволуваме да црта книги за ученици во основно учлиштее. Кога јас би имал дете на таа возраст, не би го дозволил тоа. Би го преместил во друго училиште или би го школувал дома, но не би го дозволил тоа.“

Мајк Кокран, друг член на одборот, изјави дека делови од книгата се „во целост непотребни“: „Наводно сакаме децата да ги учиме етика, а книгата започнува со разговор помеѓу синот и таткото за денот кога таткото ја изгубил невиноста. Не е експлицитно напишано, но таму е. (...) Не ни е ова потребно за да ги учиме децата историја. Може да ги учиме историја без да ги учиме графичка историја. Може да им кажеме точно што се случило, но не мораме да им покажуваме голотија и сето друго.“

Кокран предлага преиспитување на целиот наставен план поради загриженост дека е конструиран да ја „нормализира сексуалноста, да ја нормализира голотијата и да го нормализира вулгарниот јазик“. „Јас да сакав да индоктринирам нечии деца, токму вака би го направил тоа“, додава тој. „Нештава се ставени на рабовите, доволно за родителите да не ги забележат, но децата ги впиваат. Мислам дека целата наставна програма треба да се прегледа.“

Некои образовни работници се противат на одлуката. „Мислам дека во секоја приказна од историјата, секогаш има луѓе што извршиле самоубиство или биле убиени. Во Холокаустот преку шест милиони луѓе беа убиени. Мислам дека авторот го прикажува тоа бидејќи е вистинска приказна низ која минал неговиот татко“ вели Меласон Најт.

Авторот Арт Спигелман во интервју по повод инцидентот изјавил дека е „вџашен“ од исходот. „Веста ме остави со отворена уста“, вели 73-годишнот автор, додавајќи дека училишниот одбор со ваквата одлука наликува на „орвеловски“. „Имам сретнато многу млади луѓе кои научиле нешта од мојата книта. (...) Едновремено, сфаќам дека во Тенеси се случува нешто многу, многу сомнително.“

Спигелман изјавил и дека се сомнева дека членовите на одборот не се толку мотивирани од некои умерени пцовки туку повеќе од она што книгата го тематизира.

Во книгата Германците се нацртани како човеколики мачки а Евреите како глувци. Рамковната приказна, сместена во 1970-ите во Њујорк, ја покажува врската на пораснатиот Спигелман со неговиот намуртен и ексцетричен татко Владек, и неговите обиди да го интервјуира за неговиот ран живот. Книгата ја раскажува вистинската приказна за неговите родители-Евреи, и нивното искуство во нацистичките концентрациони логори, самоубиството на неговата мајка кога имал само 20 години и неговата врска со татко му. Книгата со многу подробно истражувани историски факти експлицитно зборува за издигнувањето на нацистите и за масовните убиства на Евреите. Се работи за парадоксална мешавина на карикатура и екстремна верност на вистината.

По реакциите од јавноста, образовниот одбор ја брани својата одлука, велејќи дека книгата е повлечена од програмата поради „непотребната вулгарносот и голотија и поради приказите на насилство и самоубиство“.

Одборот го нарече Холокаустот „неописливо срамен“ и рече дека одлуката „не ја намалува вредноста на „Маус“ како значајно и влијателно книжевно дело“ и дека бара „други дела што ќе ги исполнат истите едукативни цели на начин посоодветен на возраста.“

Спигелман подоцна објави слика од обележувач за книги што го дизајнирал во 2014 за дистрибуција во библиотеките. На него е прикажан цртан глушев зад книга, со зборовите „Пикни го носот во книга – и не им дозволувај на другите да си ги пикаат носевите во тоа кои книги избираш да ги читаш!“

Извор: Guardian / CNBC

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото