Искреност? Не, тоа е претерано!

31.01.2022 01:55
Искреност? Не, тоа е претерано!

Прашањето за менталното здравје и проблемите поврзани со него последниве години се сè поприсутни во јавниот дискурс преку популаризација на психотерапијата, грижата за себе, освестувањето и лекувањето на траумите, но и преку појавата на сè попродуктивни дискусии за прегорувањето како еден од најраспространетите проблеми на менталното здравје. Појавата на глобалната пандемија во 2020 година дополнително ги интензивираше таквите дискусии, освестувајќи ја критичноста спрема колективната психолошка и еконономска состојба во која се наоѓаме. Додека во мејнстримот прегорувањето стана своевиден buzzword обработуван примарно од перспектива на самопомош, во културниот сектор сè повеќе се зборува за burnout како за системски проблем предизвикан од дисфункционалните облици и услови за работа. Прегорувањето е само една од низата појави чии систематски корени се заматени со индивидуализацијата и нормализацијата на проблемите како што се чувството на исцрпеност, безнадежност, незадоволство, анксиозност па и со (не)успешноста со нив да се управува како со неизбежни животни околности, а заради очигледната нивна неодвоеност од условите за работа.

Во книгата Капиталистички реализам Марк Фишер истакна дека неолибералната приватизација на економијата проследена со реториката на избор со себе донесе приватизација на стресот, пролиферација на депресијата и зголемување на анксиозноста. Имајќи ја предвид подзастапеноста на менталното здравје во јавниот дискурс, кој таквите тематики вообичаено ги контекстуализира во рамки на приватната сфера во форма на индивидуални, изолирани сведоштва, можно е да се постави пошироко прашање за речиси униформното третирање на проблемите на менталното здравје во различни сфери од општеството. Прекарните, експлоатациски и несигурни услови за работа кои во поголема или помала мера влијаат на менталното здравје ги следат и низа социокултурни наративи за работата и менталното здравје чија цел е да се натурализира таквата состојба преку реториката на индивидуализација и лична одговорност. Тие меѓусебно се надополнуваат, зајакнуваат и најпосле се интернализираат и репродуцираат во разни сектори, диктирајќи ги начините на кои можеме да размислуваме и зборуваме за менталното здравје.

Во контекст на културниот сектор, тематизирањето на прегорувањето преку неколку работилници и трибини одржани во 2021 година потврдува дека постои свест за системската природа на овој проблем, како и за неговите феминистички аспекти и специфичните последици за младите и другите маргинализирани групи. Поттикнато од истражувањето во рамки на проектот Burnout Aid кој во 2019 година го започнаа полската Фондација Култур Шок, хрватското здружение К-зона и словенечката Место женск, во клубот Мочвара минатата година се одржаа трибините Прегорувањето во третиот сектор - колку да се гори за идејата? и Анксиозност - од што се плашиме?, чии цели беа контекстуализација на прегорувањето и анксиозноста во пошироките историски и општествени движења и нивна демистификација преку поттикнување отворено споделување искуства. Но за да може уште поквалитетно да се зборува за менталното здравје во третиот сектор, се чини важно да се разгледа до која мера пошироките културолошки наративи сè уште го обликуваат нашиот дискурс, каква јавна личност градат и како константното очекување што личноста треба да направи влијае на поимањето на сопственото ментално здравје и можноста за негово споделување со другите.

Моќта на културолошките наративи за трудот и менталното здравје е корисно да се адресира токму заради нивната распространетост и саморазбирливост кои овозможуваат потценување на нивната длабока психичка и емоционална далекосежност и го отежнуваат секое замислување на алтернатива. Тие наративи најмногу се однесуваат на концептуализацијата на работата како љубов или како мит за уметнички гениј и се совпаѓаат со пошироките општествени тенденции на фетишизирање на продуктивноста и стигматизирање на проблемите на менталното здравје. На последиците од стигматизацијата и состојбата на сеопшта закоченост особено се изложени младите кои штотуку влегуваат во секторот во кој сè уште не се афирмирале, зашто нивната стартна позиција веќе е обележана со економска несигурност, со првите искуства на управување на личните, општествените и деловните односи, а често и со историјата на борба со проблеми од ментална природа без никаква институционална поддршка или разбирање од околината.

Работата како љубов

Концептуализацијата на работата како љубов се однесува на барањето работите да се извршуваат со пожртвуваност и страст, како екстензија за личен развој која донесува исполнување, што е особено карактеристично во работата во непрофитните организации, во активистичката и уметничката работа. Неодамнешната серија разговори во рамки на проектот на БЛОК Аплаузот не ја плаќа станарината: како живеат младите уметници и културните работнички, се занимаваше токму со инструментализацијата на тој мит за да се оправдаат недоволната платеност и неплатеноста на уметничката работа, со посебен фокус на проблемите на младите работници/чки кои уште од студиите ефективно се навикнувани на прекарност и експлоатација во културниот сектор. Преку отворено и искрено споделување искуства разговорите јасно укажаа и на тенденцијата на самообвинување за системскиот проблем и го расветлија секојдневието на работата обележана со неможност за одбивање ангажмани со систематска изградба на социјален капитал преку константно вмрежување и присутност на сцената, што е опишано како психички оптоварувачко.

Покрај неодамна објавеното истражување Од проект до проект. Работата и вработеноста во културниот сектор кое за БЛОК го спроведе социологот Јака Приморац, единствена публикација која до денес посеопфатно се занимаваше со условите и начините на работа во културниот сектор и искуствата на културните работници/чки е истражувањето Освојување на просторот за работа на Фондацијата „Култура нова“ од 2016 година, кое го спроведоа социолозите Валерија Барада, Јака Приморац и Едгар Буршиќ. Меѓу другото, истражувањето покажа дека повеќето вработени во организациите на граѓанското општество својата работа ја сметаат за повик проследен со „високо чувство на одговорност кон содржината што ја создаваат и кон општествената заедница на која ѝ ја нудат“. Исто така се наведува дека заради разбирањето на работата како повик испитаниците/чките чувствуваат дека секторот ги избрал нив па не го перципираат како простор за сопствено деловно и инструментално дејствување, а задоволството од работата го црпат од квалитетите и остварувањето на програмите кои ги нудат на јавноста. Во полуструктурираните интервјуа повеќето испитаници/чки изјавија дека тоа не го работат за пари.

Многу автори и авторки веќе ги идентификуваа замките на митот за работата како љубов и неговите корени во неплатената женска работа во домаќинството, а подоцна и во добротворната работа која стана модел за развој на непрофитните организации (на пример, во книгата Work Won't Love You Back: How Devotion to Our Jobs Keeps Us Exploited, Exhausted, and Alone, новинарката Сара Џафе детално ја опишува транзицијата од добротворната работа кон негувателските и учителските занимања и професионализацијата на невладините организации. Работата во домаќинството и добротворната работа историски се сметани за екстензија на субмисивноста и несебичноста на женската природа, резервирани за приватната сфера, а токму таа есенцијализација и вештачка одвоеност од сферата на профитот ја овозможи нивната невидливост: тоа е грижа за другите мотивирана од љубов, а не работа.

Заради прекаризацијата на работата која се карактеризира со пораст на услужните дејности, продажбата, развојот на креативната индустрија и со константната вклученост во работниот процес, од работниците/чките сè повеќе се бараат токму оние карактеристики кои историски се сметани за женски - флексибилност, пожртвуваност, ентузијазам и способност за мултитаскинг. Покрај наведените карактеристики, учесничките во истражувањето Освојување на просторот на работата ги наведуваат и проактивноста, сестраноста, подготвеноста на ризици и способноста за добро соочување со стресни ситуации. Авторите/ките на истражувањето заклучуваат дека „во невладините организации од областа на современата култура и уметност подолгорочно можат да опстанат оној вид работници кои се комуникативни, прилагодливи, снаодливи и кои можат да ја поднесуваат трајната финансиска несигурност на работата која ги дефинира личните избори во приватниот сегмент од животот“. Незанемарливо е и забележувањето на авторите/ките на истражувањето дека е присутно очекување новите, млади вработени во ваквите организации да се согласуваат со таквиот вид работење.

Во тој случај феминизацијата на работата се однесува и на бришењето граници меѓу приватното и деловното (поради постојаната достапност), на натурализираните вештини и барањето длабока лична инволвираност во работата која културниот работник/чка го/ја дефинира како пожртвувана фигура чии потреби се секундарни во однос на потребите на заедницата (и профитот), заради што каква било борба за сопствените права се перципира како себичност. На тој начин грижата за себе, потребата од контрола на сопствената работа и времето, па и личните проблеми и варирачките психички состојби можат да бидат во опозиција со амбициите и самата работа, што во спрега со финансиската несигурност често оневозможуваат приоретизирање на сопственото ментално здравје. Последиците од тоа можат да бидат перпетуирање на личното прегорување како знак на посветеност на повисоки цели, што директно го зајакнува почетниот наратив, молчењето за проблемите на менталното здравје и донекаде ги обликува експлоатациските начини на работа.

Митот за уметничкиот гениј

Додека работата во организациите од граѓанското општество е девалвирана врз основа на идејата за женската (мајчинската) пожртвуваност, во контекст на пишувањето или уметничката работа девалвацијата се промовира во мит на креативноста и машки уметнички гениј. Уметникот се сфаќа како исклучителна индивидуа обдарена со единствен талент, а чинот на творење како спонтана, слободна и неизбежна експресија на тој талент. Спонтаноста и недофатливоста на „чинот на творење“ го сместува во мистифицираната приватна сфера над односите на економската размена и алиенирачкиот учинок на „обичната работа“, што уметничката работа истовремено ја прави возвишена и сосема невидлива, со тоа и недостојна за монетарна компензација. Како и работата во граѓанското општество, и уметничката работа е есенцијализирана и перципирана како мотивирана од чиста љубов кон работата. Клучната, односно родово обележаната разлика на овие два вида експлоатација, авторката и новинарка Сара Џафе ја постулира како онаа помеѓу мајчинската и романтичната љубов.

Во книгата Art Work: Invisible Labour and the Legacy of Yugoslav Socialism, Катја Празник тоа го расчленува прецизно, истакнувајќи дека, за разлика од работата во домаќинството постулирана како израз на женската природно всадена несебичност и нагонот за грижа на другите, есенцијализацијата на уметничката работа се манифестира како самоактуелизирачки нагон за создавање уметност. Во однос на женската работа која секогаш е работа за други, уметничката работа ужива привилегиран статус на крајна субјективна практика резервирана за талентираните поединци. Перцепцијата дека творењето, како и работата во домаќинството, доаѓаат природно, ја оправдува идејата дека самоисполнувањето и евентуалниот аплауз се доволна награда. Празник нагласува дека самоактуелизирачката креативна работа содржана во синтагмата „прави го она што го сакаш и сакај го она што го работиш“ ја сочинува основата на неолибералната идеологија која придонесува за неплатена и слабо платена работа во сите сектори, при што се инструментализира токму идејата за автономијата на уметноста одвоена од економијата и бришењето на статусот на уметноста како работа.

Покрај нормализацијата на недоволната платеност или неплатеноста како очекувана реалност на работните односи, митовите за работата како љубов и уметничкиот гениј имаат подлабоки психолошки импликации во вид на пропишување правилни начини за поимање на страдањето и соочувањето со сопствените психолошки состојби заради и покрај вечната прекарност. Грандиозноста на уметничкиот гениј која иницијално и го прави толку привлечен дополнително се комплицира и зајакнува со совпаѓањето со визијата за самата работа како морална обврска. Работата е цел сама по себе, а работната етика е дефинирачка одредница на секоја личност, па самоодрекувањето и трпењето добиваат статус на доблести. Од другата страна на пуританската (само)дисциплина која го гради карактерот преку секогаш тешката работа, се наоѓа романтична слика на измачен уметник чие страдање е знак за автентичност и длабочина, на тој начин легитимирајќи го и уметничкото дело како екстензија на болката на уметникот.

Спрегата на овие два мита паралелно создава барање за издржливоста и валидацијата дека болката нè прави посебни и интересни. Преку таа конфликтна нормализација страдањето станува составен дел на секојдневието и ласкава потврда за посебноста на карактерот па преживеаното лично и колективно, во голем дел системски мотивирано, искуството на проблемот на менталното здравје се цементира во доменот на невидливо табу или се преведува како шармантна ексцентричност. На интерперсонално ниво, споделувањето на сопствените проблеми со другите се сведува на иронично адресирање на интернализираниот доминантен наратив, оневозможувајќи ранливи и отворени разговори заради чувството на осаменост во проблемот чија легитимност постојано се преиспитува и заради поврзаноста со стравот од изложување или негирање на нивното значење или потребност. Едноставно, искреноста е премногу.

Стигматизација на проблемот на менталното здравје

Паралелна на глорификацијата на уметничката ексцентричност е повеќевековната феминизација на проблемот на менталното здравје. Станува збор за историска патологизација на одредени особини кои се темелат на веќе востановени стереотипи за природните разлики помеѓу родовите. Во текстот Passionate men, emotional women: Psychology constructs gender difference in the late 19th century, Стефани А. Шилдс истакнува дека психологијата во 19 век ја окарактеризирала женската емоционалност како слаба, но истовремено опасно нерегулирана и недоволно поврзана со женското тело. Натурализацијата на жените како пасивни и непредвидливи овозможила особините како перцептивноста, интуицијата и практичноста да се концептуализираат како отстапување од нормите на рационалниот, страствениот и интелектуален машки субјект способен за апстрактно мислење, туркајќи ги жените во сферата на домот и грижата за семјеството.

Освен во девалвацијата на женската работа во домаќинството како нацрт за подоцнежниот пораст и девалвацијата на атипичните форми на труд, одеците на оваа деградација до денес се видливи во поимањето на ирационалноста и „ексцесивната“ емоционалност како родово обележани концепти кои личноста ја одредуваат како пасивна и девијантна. Треба да се има предвид дека авторитарната фигура, односно личноста на позиција на моќ со својата несомнена претпоставена рационалност ги дефинира и легитимира категориите на ирационалното и ексцесивното. Затоа стигмата на проблемот со менталното здравје е особено опасна за жените и ранливите групи, зашто патријархатот е заснован на мобилизација на ирационализираните стереотипи заради дискредитација и докинување на личната, политичката и општествената моќ. Иако емоционалната нестабилност и ирационалноста како основен локус на дискредитацијата се концептуализираат поинаку со оглед на родот, расата, класата, сексуалната ориентација и нивните интерсекции, во текстот The Sociology of Gaslighting Пејџ Л. Свит истакнува дека личноста која се означува како емоционално нестабилна во доминантниот наратив е конструирана како инфериорен феминизиран субјект, зашто асоцирањето на личноста со ирационалноста е родово обележана стратегија која ја зајакнува динамиката на моќта. Во интимните односи тој механизам се манифестира како имплицирање лудост, преголема чувствителност, „тежок карактер“ или „драматизирање“, што во деловен контекст може да се смета за некомпатибилен со професионалноста на работното опкружување или барањата на работното место.

Тиранија на продуктивноста

Незанемарлив фактор кој може негативно да влијае на менталното здравје, препознавањето и посветувањето на сопствените состојби, како и начините за споделување искуства, секако е и барањето за константна продуктивност - работа на проекти, пријавување на конкурси или прифаќање на сите понудени ангажмани заради финансиски опстанок, лично профилирање во секторот и обезбедување идни можности. Имајќи предвид дека повеќето културни работници/чки работат неколку работи (често на определено време), паралелно учествуваат на повеќе проекти, а сето тоа често и со работа со полно работно време надвор од струката, продуктивноста помалку е израз на незаситниот нагон за создавање, а повеќе претставува одговор на големите барања при жонглирањето со обврските и почитувањето на роковите на ангажманите и проектите.

Иако е можно да се заклучи дека „воркохолизмот“ во поголема мера е последица отколку појдовна точка, заматеноста на границите меѓу нив го потврдува и феноменот луѓето да се фалат со неспиење, со немање слободно време и со потполна окупираност. Ако тој феномен се набљудува како делумна рефлексија на митот за работата како љубов и со митот за уметничкиот гениј, може да се заклучи дека тоа се примери кои во разговорите за прегореноста ги истакнуваат пожртвуваноста и отпорноста како правилни начини на соочување со проблемот и го претвораат прегорувањето во во продуктивност и сигнал за сопствената посветеност и бараност на пазарот, што кореспондира со потребата за изградба на социјален капитал.

Ако една од клучните ставки за митовите за работата од љубов е фетишизацијата на страдањето чија реална тежина се разводнува и промовира во издржливост (без разлика дали преку стоицизам или канализирање во автентично уметничко дело), признанието дека се бориме со анксиозност, депресија, прегорување или со некоја нивна комбинација може да се посматра единствено преку термините на индивидуална вина, недостаток на отпорност на личноста која се дисквалификува како вистинска културна работничка или воопшто како изградена личност, што повратно може негативно да влијае и на деловните околности и на менталното здравје. Притоа изместувањето на дефиницијата за издржливост/отпорност од механизмот за преживување резервиран за екстремни ситуации во пожелна или неопходна карактерна особина ретко се доведува во прашање, токму како и експлоатацискиот капитал на таквиот ребрендинг, наместо тоа нудејќи ги перцепираната индивидуална неспособност, нестабилност или слабост како општи места за стигматизација на менталното здравје.

Во контекст на секторот без јасни граници меѓу приватниот и деловниот живот, испреплетеноста на митот за работата како љубов и како мит за уметничкиот гениј со пошироката општествена тенденција да се стигматизацира менталното здравје, која често се покажува во начините на кои зборуваме за него, укажува на бројни причини зошто за проблемите на менталното здравје е тешко па и ризично да се зборува надвор од наративите на отпорноста и нормализацијата. Иако за проблемите со кои се соочуваме почесто отворено ќе разговараме со блиските личности, исклучително е важно со градењето приватни мрежи на поддршка за менталното здравје да научиме да зборуваме и на пошироко општествено ниво. Низата работилници и трибини одржани во 2021 година, вклучувајќи ги двете трибини посветени на менталното здравје на младите и ЛГБТИКА лицата кои ги организираше Мрежата на младите од Хрватска, претставуваат важен чекор во таа насока.

Покрај освестувањето на различните димензии на проблемите, специфичните пречки и форми на дискриминација со кои се соочуваат ранливите групи, ширењето и продлабочувањето на разговорите постапно можат да ја поништи сè уште мошне присутната перцепција дека проблемите со менталното здравје се изолиран резултат на немање карактер и личен науспех, што перпетуира алиенација, молк и разни други последици. Со оглед на тоа дека проблемите со менталното здравје тесно се поврзани со финансискиот опстанок и условите за работа, споделувањето искуства од работата и прекаризацијата, а особено дејствувањето со цел подобрување на условите за работа и обезбедување работата да биде (добро) платена и следењето на развојот на јавните политики се неизоставен дел од тој процес.

Слики: Lucia Heffernan

Превод: Алек Кузмановски

Извор за текстот: https://www.kulturpunkt.hr/