Спигелман. Heirloom. Наследство. Разбој.

31.01.2022 14:08
Heirloom. Наследство. Разбој

 

Пред десетина години бев во Париз во посета на пријател. Баш во тоа време се одржуваше изложба на Арт Спигелман во една мала галерија недалеку од Ла Гар ду Норд. Во Спигелмановиот „Маус“ се затрескав уште во гимназија. Изложбата ја обиколив како фан што оди на концерт на омилен бенд: со крупни зеници, со кнедла во грлото и возбуда во градите.

Изложбата беше изненадувачки интимна. Просторот малечок, скромен, само понекој посетител. Во мојата фантазија Спигелман беше џин, во рангот на големите книжевници и уметници. Очекував да му приредат нешто поспектакуларно. Всушност, исправно беше да биде интимно. Такво и е делото на Спигелман: интимно, болно, без помпезност а смртоносно.

Завчера прочитав дека државата Тенеси го исфрлила делото од лектирите. Тука баш и нема што да се каже. За мене „Маус“ е можеби најснажното дело за Холокаустот раскажано во кој било медиум. Кој такво дело исфрла од лектирите, со какви и аргументи да го правда тоа, зад каква и коректност да се крие, од авион е јасно какви правоаголни крстовидни форми му се нацртани на челото.

Да се вратам на изложбата. Кулминацијата на изложбата ја доживеав пред стрипот погоре, кој тогаш го фотографирав а сега го споделувам. Тоа беше прв и единствен пат да го видам тој стрип на Спигелман. Знам дека е неумесно да правам споредби со искуството на неговото семејство, но сè што за мене значеше растењето во Југославија, помеѓу Панонија и Балканот, помеѓу латиницата, кирилицата, арабицата и ровашките руни, меѓу 80-ите, 90-ите и 2000-ите, меѓу урнатините и умножените Вавилонски кули, тоа одеднаш го препознав во овој стрип. Што по ѓаволите сум наследил? Застанав како скаменет: Air Loom… Heirloom… Тој збор – Heirloom – со денови ми се вртеше во главата како паразит.

Heirloom. Наследство. Разбој. Плетиво. Свилени буби од панчевската Свилара, за кои Зебалд пишуваше во „Сатурновите прстени“. Her Loom. Što se ne daš meni živu razabrati u pletivu? (линкот е на преведувачот) Err Loom. Наследен. Следен. Herr Loom.

Историска нишка од која нема спас, која си ја наследил та си ја наследил, дел си од неа и сега види си што ќе правиш со тоа.

Што да ви кажам? И вие – сите вие што ова го прочитавте и ме разбравте – сте наследиле нешто слично. Некој пострашно, некој помалку страшно, но да – it’s magical! Не е фер, но така е.

Ајде, едноставно, кога разговараме едни со други, макар на овој многуименуван јазик, но и пошироко, да бидеме свесни дека секој од нас со себе носи едно вакво чудовишно магично ковчеже. Тие не можат ни да се потиснат, ни да се закатанчат, ни да се укинат со декрет, но, ако научиме внимателно да ги отвораме и заедно да ги разбираме, од нив може многу да се научи. Ако успееме во тоа, којзнае, можеби во 21-иот век – на кој само што почнуваат да му растат заби – сепак ќе има некаква корист од нас.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Историја
Книжевност / Стрип / Култура
Книжевност / Стрип
Книжевност / Стрип / Култура
Квир / Книжевност / Стрип
Стрип / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото