Кој ќе го убие последното животно на планетата?

31.01.2022 16:01
Кој ќе го убие последното животно на планетата?

 

Претеруваме? Но треба да признаеме дека последниве години луѓето мошне ефикасно ги искоренуваат другите живи видови. А „губењето на биодиверзитетот“ не е безопасна појава. Станува збор за уништување бројни територии на кои во интеракција живееле илјадници растенија, животни, габи и микроорганизми, и за исчезнување на овие живи суштества. Нашиот опстанок зависи од тие суштества, од нашите интеракции со нив и од нивните меѓусебни интеракции.

Секако, изумирањето на видовите е природна појава, исто како и настанувањето нови видови. Проблем е тоа што стапката на изумирање експлодира. Една понова проценка покажува дека таа е денес 1000 пати поголема од геолошкиот просек откриен со помош на фосилите и дека е во голем и постојан пораст. Последните наоди покажуваат дека биодиверзитетот се влошува и покрај сè поголемите напори во областа на заштитата и конзервацијата. Сите чудесни напори кои ги прави човештвото за да ги заштити другите суштества од сопствената моќ не се ни приближно доволни.

Неодамна низа студии ѝ дадоа уште помрачен тон на ваквата слика додавајќи го истребувањето на еколошките интеракции. Кога еден вид ќе изумре, тој никогаш не исчезнува сам, туку со себе главно ги води и своите соседи. Истребувањата се како потреси кои се шират преку алките на ланецот на исхрана и ги погодуваат предаторите и пленот на „загрозените“ видови (вертикално), а посредно ги пореметуваат другите живи видови поврзани со нив (хоризонтално). На пример, истребувањето на морските видри предизвикува пролиферација на морските ежови (нивниот плен), што морското дно го претвора во пустина, со што понатаму се нарушуваат другите ланци на исхрана и другите предатори.

Живиот свет не е исткаен исклучиво од мрежи на предатори, ударниот бран може да се шири и со паралелни - и мошне богати! - мрежи на заемност, како што се расејувањето семиња или опрашувањето (поленизацијата). Исчезнувањето на еден вид исто така значи губење драгоцени, дури и витални ресурси за другите видови. На пример, знаеме дека исчезнувањето одредени видови опрашувачи може да доведе до општо исчезнување на опрашувачите во некој екосистем и сериозно да го наруши развојот на растенијата кои зависат од опрашувањето - со други зборови, земјоделското производство. А тоа ги погодува не само луѓето кои се хранат преку тие екосистеми, туку и сите животни кои зависат од тие растенија и кои немаат никаква врска со изумрените опрашувачи.

Последиците од исчезнувањето на видовите можат да предизвикаат и промена на физичките карактеристики на средината. На пример, исчезнувањето еден вид птици на Нов Зеланд значително го намалува опрашувањето на џбунот Rhabdothamnus solandri, што ја намалува густината на неговата популација и на тој начин ги погодува земјиштето, климата, температурата и влажноста на екосистемот.

Но тоа не е најлошото. Ударниот бран би можел да добие брзина. Една студија, објавена 2013 година, покажа дека исчезнувањето на еколошки интеракции („функционални истребувања“) му претходи на исчезнувањето на видовите. Со други зборови, еден вид (на пример, видрата) ги губи „врските“ со своите соседи од моментот кога нејзината популација ќе почне да се намалува и така предизвикува исчезнување на другите видови околу неа (во 80 проценти од случаите) пред да исчезне самата! Индиректните, незабележливи истребувања можат да почнат мошне рано, дури пред загрозениот вид да изгуби третина од својата вкупна популација (видот се прогласува за загрозен кога ќе изгуби најмалку 30 проценти од популацијата). Затоа го имаме следниот парадокс: најзагрозени видови не се оние што ги гледаме како такви, туку оние кои индиректно се поврзани со нив. Дури и еколозите, на кои овие појави одамна им се познати, ги изненадува обемот на „каскадните последици“. Тие појави, кои понатаму ќе ги нарекуваме коизумирање, потенцијално се многу побројни, но и непредвидливи, и ги забележуваме само тогаш кога е веќе доцна. Ете можно објаснување за катастрофалните бројки во сферата на уништувањето на биодиверзитетот со човечка активност.

Резултат? Пролетта е мошне тивка. Од 1500 година до денес се исчезнати 332 видови на копнени безрбетници, а „популацијата рбетници кои ја населуваат планетата е намалена најмалку за половина во споредба со онаа која постоеше пред 40 години“. Популацијата на 24 од 31 голем вид карнивори на планетата (лав, леопард, пума, водена видра, динго, рис, мечка итн.) е во сериозен пад, а заради каскадниот ефект тоа сериозно ги нарушува екосистемите во кои живеат.

Особено драматична е ситуацијата во морето. Речиси да не постои морски екосистем кој не е пореметен од човечката активност, а сериозно се погодени безмалку половина од екосистемите (околу 40 проценти). Една студија од 2003 година процени дека од почетокот на индустриската ера исчезнале 90 проценти од биомасата на големите риби. Овие бројки, кои многу научници тогаш оставиле во неверување, денес се потврдени. Океаните се буквално испразнети. Во јануари 2013 година еден примерок црвена туна во Токио е продаден за 1,7 милиони долари!

Истото важи и за птиците. Нов Зеланд изгуби половина од своите видови птици, а во Европа изминативе три децении исчезнаа 52 проценти од популацијата полски птици. За забрзаното намалување на популацијата птици извесно придонесува загадувањето со инсектициди и неоникотиноиди кои се користат во земјоделството (тие ги десеткуваа инсектите со кои се хранат птиците).

Кога станува збор за безрбетниците - недоволно проучувани - се намалуваат (во просек за 45 проценти!) две третини од популацијата на оние видови следени од истражувачи, а меѓу нив се и дивите опрашувачи и медоносните пчели. За господинот Нејлефелд, тековното опаѓање на севкупната ентомофауна спаѓа во „брутално уништување“.

Во тропските шуми, заради криволов или претеран лов, „исчезнат е голем дел од дивата фауна“, вели Ричард Корлет од Тропската ботаничка градина Xishuangabanna во Менглун, Кина. Тоа е реалноста која ја гледаме кај повеќето најраскошни тропски шуми во светот, во Азија, Африка и Латинска Америка. На Борнео, по 30 години мерења во шумата Ламбир, екологот Рет Харисон и неговата екипа од World Agro-forestry Center од Кунминг во Кина, можеле одблиску да ја посматраат „дефаунизацијата“: животните ги нема, таму веќе нема ништо. „Тишината е заглушувачка“, потврдува Каролс Перес од универзитетот во Англија, Велика Британија.

За да се достигне истребување слично на она кое ги истребило диносаурусите пред 65 милиони години и за палеонтолозите да зборуваат за „шеста криза на масовно истребување“, би требало да исчезнат повеќе од 75 проценти од видовите на нашата планета. Сè уште не сме стигнати дотаму, но се приближуваме со големи чекори. А сепак, општеството сè уште не го гледа намалувањето на биодиверзитетот како еден од главните фактори за глобалните промени, по значење сличен на другите „кризи“ кои ја мобилизираат меѓународната заедница - глобалното затоплување, загадувањето, озонската дупка, сè поголемата киселост на океаните.

Меѓутоа, доказите се тука: каскадните изумирања имаат драматични и длабоки последици во однос на продуктивноста, стабилноста и одржливоста на екосистемите на планетата. Заради нарушувањето и „поедноставувањето“ (особено на агро-индустриските активности), екосистемите стануваат мошне ранливи и подложни на уништување. Иако мошне едноставна, идејата дека биодиверзитетот е неопходен за стабилност на екосистемите (елементарен факт од научната екологија) сè уште не продрела кај повеќето мозоци од политичките и економските елити.

Биодиверзитетот е гарант за отпорно и продуктивно земјоделство и, пред сè, одржување на регулаторните функции на екосистемите (квалитетот на воздухот, стабилноста на локалната и глобалната клима, секвестрацијата на јагленот, плодноста на земјиштето и рециклирањето на отпадот), кои овозможуваат снабдување со витални ресурси (слатка вода, дрво, медицински супстанци итн.), како и кај културните функции (рекреативни, естетски и духовни). Биодиверзитетот влијае на човечкото здравје и овозможува, на пример, контрола над избивањето заразни болести, како што е, да речеме, болеста предизвикана од вирусот Ебола, која во 2014 година се ширеше во источна Африка заради - и меѓу другото - уништувањето на шумските системи.

На пример, како да се обезбеди функцијата опрашување (за 75 процентиод обработливите видови одеднаш) во отсуство на инсектите опрашувачи? Со помош на евтина работна сила која опрашува цвет по цвет кај овошките, како што се прави во регионот Сечуан во Кина, таму каде што се исчезнати пчелите? Можеби со дронови? Некои експерти дури се обиделе да ја пресметаат монетарната вредност на услугите кои ни ги пружаат екосистемите. Тие процениле дека во 1998 година вредноста на тие услуги била двојно поголема од вкупиот светски БДП. Што ни кажуваат овие бројки? Секако, природата не може да се изразува со економски категории. Живото ткиво е материја која на планетарно ниво не може да се замени со технолошки и индустриски процеси (нешто што три века се обидуваме да го правиме, но со скромен успех).

Општо познато е дека наглиот пораст на меѓународната трговија, значи и експанзијата на инвазивните видови, е една од големите причини за опаѓање на биодиверзитетот. Но не треба да мислиме дека биодиверзитетот би закрепнал кога би дошло до „деглобализација“ или крах на светската економија. Напротив, во 20-иот век, и покрај тоа што светското население се зголеми четирикратно, човекот „само“ ја дуплираше количината на биомаса што ја извлекува од екосистемите. Тој „ефект на доцнење“, кој сочувал голем дел од шумите, постои само благодарение на потрошувачката на фосилни енергенси. Кога тие ќе исчезнат целото светско население, во неволја, ќе побрза кон шумите за да пронајде малку дивеч, обработливо земјиште и, пред сè, дрво за огрев, како што можевме да видиме во Грција на почетокот од економската криза. Дрвото веројатно ќе служи и за да се одржи привидот на индустриска активност оти знаеме дека се „потребни приближно 50 квадратни метри дрво или годишно производство од 10 хектари шума“, за да се стопи еден тон железо. Да не ја спомнуваме можноста за војни во иднина: на пример, се знае дека „меѓу 1916 и 1918 година, кога германските подморници ги прекинаа трговските односи со Велика Британија, Британија мораше да исече повеќе од половина од своите комерцијални шуми за да ги задоволи воените потреби“.

На тоа треба да се додаде влијанието на климатското затоплување кое, како што покажуваат повеќето модели, ќе има „драматични“ последици во однос на биодиверзитетот, а според најлошите предвидувања, би можело дури и да го предизвика познатото шесто масовно изумирање.

Биодиверзитетот не е луксуз во кој треба да ужива само неделниот шетач - секако, богат и култивиран. Последиците од намалувањето на биодиверзитетот се многу посериозни од што замислуваме. Со намалувањето на бројот на видови се намалуваат и „услугите“ што ни ги пружа екосистемот, значи капацитетот на биосферата да ни обезбеди услови за живот. Порано или подоцна ќе следи и намалување на човечката популација, според класичните обрасци: кризи со глад, болести и војни.


Слики: Josh Keyes

Извор за текстот: Pablo Servigne, Raphaël Stevens - Comment tout peut s’effondrer: petit manuel de collapsologie à l’usage des générations présentes (прво издание 2015)

Слични содржини

Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија / Теорија
Активизам / Технологија / Екологија / Теорија
Активизам / Свет / Екологија
Општество / Активизам / Книжевност / Теорија

ОкоБоли главаВицФото