Музика од која ќе се наежите

02.02.2022 00:15
Музика од која ќе се наежите

Мон Лаферте

Чилеанската кантавторка Мон Лаферте има глас за сечија страст. Таа умее да го вплете и личното и политичкото; може да ве занесе со романтична балада или да отиде во хард рок. Нејзиниот глас може да задева, да гризе, да шепоти, да липа, да вреска, да завива. Тој може - и тоа и го прави - да ве погоди директно во срцето.

Во Латинска Америка, 38 годишната Лаферте направи завидна кариера, која почна со преработки на поп песни во 2003 година, па преку хард рок стигна до рокабили, салса, болеро, ранчера и психоделија.

„Секоја личност е еден универзум“, ми рече Мон Лаферте во разговорот што го водевме преку интернет и со помош на преведувач. „Сакам да ги имам овие различни гласови зашто тие ги претставуваат сите мои личности: кога сум кревка, кога сум посилна, кога сум забавна, кога сум лута. А тоа е она што сакам да го правам. И тоа е она што е уметност. Сакам да ги пренесам сите овие чувства и луѓето да го почувствуваат она што го чувствувам и јас. И сакам да се наежат секогаш кога ќе ги слушнат моите песни.“

Мон Лаферте - целото име ѝ е Норма Монсерат Лаферте Бустаманте - беше вредна и за време на пандемијата. Годинава издаде два сосема различни албуми и тргна на турнеја во Северна Америка.

Го сними „Seis“ („Шест“) во 2020 година кога во Мексико започна карантинот. Албумот излезе во април и задира во класичните мексикански регионални стилови - нортењо, банда, маријачи - во голем дел проследен со акустични инструменти. А на 29 октомври излезе мошне впечатливиот „1940 Кармен“. Новиот албум има фолк-поп призвук од Јужна Калифорнија и гитари во првобитен ритам и блуз. На него се наоѓа и нејзината прва песна на англиски јазик.

Таа живее во Мексико подолго од една деценија, а минатата година се пресели во руралниот град Тепостлан, каде една од најголемите ранчера пејачки во историјата на Мексико, Чавела Варгас, ги помина последните години од животот. Документарецот за Варгас длабоко ја погоди фантазијата на кантавторката и таа направи студио во својата куќа.

На албумот „Шест“, кој на Латино Греми наградите на 18 ноември беше крунисан за најдобар албум на кантавтор или кантавторка, Мон Лаферте чекори кон животната драма сместена во песните на Чавела Варгас, и нуди песни за женската моќ, желба, болка и истрајност. А на „1940 Кармен“, првиот сингл, „Algo Es mejor („Нешто е подобро“) зрачи со оптимизам, додека „Nina“ („Девојчето“) е прекрасна балада која на нероденото дете му ветува: „Толку долго те чекав / И ќе се грижам за тебе“. (По долгогодишни обиди, останала трудна и ќе се породи во март.) Но некои од другите песни се за нејзината длабока траума.

Една од трите песни кои се на англиски јазик е „A Crying Diamond“, за сиромашна тинејџерка која сака да стане пејачка и која сексуално ја злоставува четириесетгодишен маж. Години подоцна, кога ѝ згаснале соништата, сè уште ја чува тајната, пее Мон Лаферте, зашто „Никој никогаш не би поверувал на млада девојка од село / Која излегла во ноќта во светкав фустан и скршени потпетици.“

Се обидела оваа песна да ја напише на шпански, но не ѝ одело. „Сакав да кажам нешто што ме прави ранлива“, вели. „Имаше многу нешта што сакав да ги кажам, но ми беше срам тоа да го изговорам на мојот јазик. Похрабра сум доколку е на друг јазик. Затоа можам да кажам многу нешта во оваа песна.“

Превод: Алек Кузмановски

Извор: New York Times/International report

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото