100 години „Улис“: книгата што стана мит

02.02.2022 12:46
100 години „Улис“: книгата што стана мит

Денес светот ја прославува стогодишнината од отпечатувањето на романот „Улис“ од ирскиот писател Џејмс Џојс. Овој роман, веќе со децении важи за еден од најголемите романи на ХХ век и едно од најважните дела напишани во историјата.
На македонски, во неговата интегрална форма, преведен во оригинал и со неопходните анотации романот излезе во 2013 година, во превод на Марија Гиревска, во издание на издавачката куќа „Полица“. Оттогаш Улис доживеа три изданија: 2013, 2017, 2019 година. По повод роденденот на „Улис“, годинава се подготвува ново издание на „Улис“ на македонски.

 

„Интелектуалната имагинација!
Со сѐ што е во мене или ништо од мене. NON SERVIAM!“
(U 15.4882)



Храбрите жени што му помагаа на Џојс

Пред сто години, на 2 февруари 1922, на четириесеттиот роденден на Џејмс Џојс, во својата мала париска книжарница, „Шекспир и Компани“ (Shakespeare and Company), сместена на „Руе д’Одеон“ бр. 12, Американката Силвија Бич ќе го отпечати за првпат во целост романот што Џојс го пишуваше седум години со претрпени дваесет и пет операции на очите – Улис. Во 7 часот наутро од печатницата пристигнуваат само два примероци од сината книга: едниот наменет за Џојс, а другиот за излогот на книжарницата: париските минувачи воодушевено застануваат да го видат митот што сега стана книга. За Силвија Бич, ова ќе биде првиот и последен роман што ќе се објави во нејзината книжарница – свратилиште за многумина писателки како Гертруда Стајн, Џуна Барнс, Мина Лој, Кеј Бојл и Џенет Фланер. Тука се и француските писатели како Андре Жид, Пол Валери, Луј Арагон, Филип Супо; Американците Ернест Хемингвеј, Скот Фицџералд, Езра Паунд, Џон Дос Пасос, Вилијам Карлос Вилијамс, Е.Е. Камингз и, секако, Ирците Семјуел Бекет и Џејмс Џојс. Нејзини пријатели се и издавачите Јуџин Џолас и неговата сопруга Марија што ќе го објават Џојсовиот последен роман, Финегановото бдеење, во нивнотo списание транзишн (transition), едно од водечките книжевни списанија на англиски јазик во Париз.

Секогаш жени се бореле да го објават Џојс: во Франција, Силвија Бич (ќерка на презвитеријански свештеник, издавачка на целосното издание на романот Улис), во Велика Британија, Хариет Шо Вивер (активистка и уредничка на модернистичкото списание Егоист каде што ќе се објавува Џојсовиот роман Портрет на уметникот во младоста од 2.2.1914 до 1915), во Америка, Маргарет Андерсон и Џејн Хип (уреднички на книжевното модернистичко списание Литл ривју во кое ќе се печати серијалот Улис од 1918 до 1921). Овие четири жени активно се занимавале со иновативното книжевно експериментирање од тој период и сите здружено му помогнаа на романот на Џојс да добие светска слава и од книга одново да стане мит.

Силвија Бич и Џејмс Џојс во париската книжарница (1922) 

Одисејата на Улис

Осум месеци пред објавувањето на книгата, Џојс ќе ја појасни стратегијата на пишувањето на романот Улис во писмото до Хариет Шо Вивер од 24 јуни 1921 година,

Веќе неколку години немам прочитано друго книжевно дело. Главата ми е полна со камчиња и отпадоци и поткршени кибритчиња и парченца стакло што сум ги собирал кај ќе стигнам. Задачата што си ја поставив да напишам книга стриктно од осумнаесет различни гледни точки и во исто толку различни стилови, досега очигледно непознати или неоткриени од моите колеги во овој занает, ем тоа, ем специфичноста на легендата што ја избрав, ќе биде доволно за да се наруши сечија умствена рамнотежа. (Selected Letters 248)

Забранет за печат во Америка уште во 1918, запленет и запален како книга во Ирска и Канада во 1922 и во Велика Британија во 1923, Улис ќе стане еден вид подземна сензација – можел да се набави само во пиратско или шверцувано издание. Повеќето од примероците пристигнувале од книжарницата на Силвија Бич, а еден писател се сеќава на тоа бурно време, па вели: „Улис лежеше на купче како динамит во револуционерна ќелија“.

Изгнанството на Џојс

Денес за Џојс сѐ погласно се вели дека тој е повеќе Европеец отколку само Ирец. Иако е роден во Даблин, поголемиот дел од својот живот го поминува во Европа: живее во Пула, Рим, Трст, Париз и Цирих. Патува низ Италија, Белгија, Швајцарија и Франција. А сепак, градот Даблин останува централно место во неговото творештво: пред сè, во Улис, но и во претходно објавената збирка раскази Даблинци (1914), како и во романот Портрет на уметникот во младоста (1916). „Сакам да го насликам Даблин во сета негова потполност“, му вели Џојс на Френк Баџен, „та доколку градот ненадејно исчезне од лицето на земјата, да може да биде реконструиран со помош на мојата книга“ (Budgen 1972: 69). Во својата прозна техника и неверојатното очудување на јазикот, Џојс е мошне близок до авангардата на англо-американските модернисти, но романите Улис и Финегановото бдеење (1939) го издигнаа во височините на бесмртната слава да стои сам како вулкански кратер кој татни и го тресе книжевното тло на дваесеттиот и дваесет и првиот век. Џојс е уникатен, а Улис е иконокластично дело.

Во текот на својот живот, само четирипати ќе се врати во Ирска; последната посета ќе биде во 1912 година. По војната, иако сака да се врати во Трст каде што од 1904 година живее со Нора Барнакл, каде што му се раѓаат двете деца, синот Џорџио и ќерката Лучија и каде што тој присвојува еден туѓ јазик во својата секојдневна комуникација со пријателите и со семејството, градот во кој ги завршува Даблинци и Портретот и го почнува Улис, градот во кој сосема случајно се најде откако учителското место во школата „Берлиц“ во Цирих немаше услови да го прими како наставник, Езра Паунд го премислува да појде во Париз ако има намера да го објавува Улис. А Париз, лулката на уметноста и литературата меѓу двете светски војни, веќе знае за големиот ирски писател Џејмс Џојс уште пред тој да се симне од париската железничка станица на 8 јули 1920 година.

1922

Езра Паунд ја нарече 1922 „првата година“ од новата ера: тоа е годината кога Пуста земја од Т. С. Елиот и Улис од Џојс излегуваат во печат, кога Вирџинија Вулф ја отпечати својата Јаковова соба и го започна Госпоѓа Даловеј, кога Франц Кафка го напиша Замок, а Рајнер Марија Рилке ги заврши Дуински елегии, кога Марсел Пруст починува, а неговите Во потрага по загубеното време почнуваат да се читаат во превод на англиски јазик.

Поштенска марка изработена по повод 100-годишнината од „Улис“

Но, Џојс (со joy и rejoice во себе) да го читаме сега!

Џојс, човекот кој реши своеволно да ја напушти својата островска татковина и да живее во туѓина – „отуѓен дома, задомен во туѓина“ – би рекол Богомил Ѓузел. Џојс, целосно транснационален уметник: „Ми зборуваш за националност, јазик, религија. Јас ќе се обидам да прелетам покрај тие мрежи.“ (Портретот 268.3–5). Човекот кој уживал да пее и да свири на гитара, до рани зори, да пие бело или розе вино со пријателите, да вечера во скапи ресторани, да разговара со обичните луѓе, секогаш спремен да го извади малото бележниче од џебот и да забележи некој нов збор или израз што ќе го чуел од локалните жители во местата каде што престојувал. Оној некогашен богослов кој секогаш со себе носел џебно верско календарче со житијата на светците. Оној кој се плашел од песјиот лаеж и татнежот на грмотевиците. Во Портретот, неговиот автобиографски протагонист Стивен Дедалус вели дека има фобија од: „кучиња, коњи, пушки, од морето, од грмотевици, од машини, од селски патишта ноќе“ (Портретот 322).

Се разбира, духовитоста и циничноста на Џојс придонесоа за општата перцепција на неговиот роман: „Сум ставил толку многу енигми и загатки [во Улис] така што професорите ќе треба со векови да расправаат што сум сакал да кажам, а тоа е единствениот начин да се обезбеди бесмртност“, во една пригода ќе му рече на францускиот преведувач Жак Бенуа Меша (Jacques Benoîst-Méchin) (Ellmann 1982: 521).

Но, зошто да се плашиме од Улис, таа книга пречукана на рачно изработена хартија и вкоричена во егејско сина боја? Улис е прилично едноставна книга – тоа е роман за животот во потполна смисла на зборот, роман во кој се следи животот на модерниот Одисéј, Леополд Блум, во текот на еден ден, 16 јуни 1904 година (четврток), датум на кој Џојс ја запознал својата идна сопруга Нора Барнакл. Киклопскиот конгломерат од разновидни лингвистички и синтаксички варијации, комплексни сложенки, промени во регистар, сленг и правен жаргон, идиоматски фрази, хиперболи, изобилството од стилови и многубројните алузии за даблинската топографија, ирската историја, европската книжевност, популарната музика од XIX век, Хомеровата Одисеја и Светото писмо се второстепени во романот. Улис е, пред сè, роман за животот на неколку даблинци во 1904 година. Нивниот обичен, секојдневен живот каков што секој од нас го има – минуваме низ искушенија, страдања, предавства, неисполнети ветувања, но животот е полн и со чудесни совпаѓања, мали задоволства и радости. Романот завршува со едно афирмативно „да“ – „најпозитивниот збор во човековиот јазик“, вели писателот (Ellmann 1982: 522). Tоа прво и последно „да“ од монологот на Моли нѐ моли да им кажеме „да“ на животот, на креативната имагинација, на сето она што нѐ прави човечни.

Улис е величествена гозба за секој вљубеник во јазикот. Џојс ги промени можностите и ги надмина границите на сето она што по дефиниција го сметавме за роман. Тоа е најпреведуваниот роман што, парадоксално, на одредени места, невозможно е да се преведе, може само да се прилагоди на туѓиот јазик. Џојс не го бара mot juste како Флобер, тој веќе ги има зборовите: „Она што го барам е совршениот поредок на зборовите во реченицата. Сè си има свој соодветен поредок.“ (Budgen 1972: 20)

Вистина, Улис има моќ да ја наруши умствената рамнотежа, не само кај читателот, туку уште повеќе и кај преведувачот. Но, убавината на Улис лежи во гласното читање: „Госпоѓица Кенеди отталка тажно од блесок на светлина, свијувајќи зад уво спуштена коса. Талкајќи тажно, не повеќе злато, таа си уви свиена коса. Тажно, во талкање, си свијуваше злато коса зад свиено уво.“ (епизода 11, „Сирени“, Улис, во подоготвка, 2022)

Умберто Еко ќе рече дека романот Финегановото бдеење е напишан за идеалниот читател кој страда од идеална несоница. Овие два романи, едниот пишуван седум години, а другиот седумнаесет, говорат за истрајноста и упорноста на овој писател, за мајсторијата на неговиот подвиг и за неговата далекусежна и неповторлива уметност.


Поштенска марка изработена по повод 100-годишнината од „Улис“

***

По повод стогодишнината, повеќе од стотина писатели, уметници и музичари, меѓу кои и Маргарет Атвуд и Салман Ружди, од 2 февруари до 16 јуни (денот познат како Блумсдеј) здружено ќе го читаат Улис. Подкастот може да се следи на следниов линк на денес легендарната книжарница „Шекспир и компани“. 

***
Библиографија
Марија Гиревска. Творецот и сотворецот: Џојсовиот „Улис“ и Стариот завет. Скопје: Култура, 2019.
Џејмс Џојс. Портретот на уметникот во младоста. Прев. Благородна Богеска-Анчевска, Скопје: Магор, 2007.
Џејмс Џојс. Улис. Прев. Марија Гиревска. (Во подготовка, 2022)
Frank Budgen. James Joyce and the Making of ‘Ulysses’. Edited and with introduction by Clive Hart. London: Oxford University Press, [1934] 1972.
Richard Ellmann. James Joyce. New York: Oxford University Press, 1982.
Richard Ellmann. Selected Letters of James Joyce. London: Faber and Faber, 1975, reprinted 1992.