1021 hPa
76 %
8 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 15:24
Денес светот ја одбележува стогодишнината од објавата на романот „Улис“ од Џејмс Џојс, кое важи за едно од темелните дела во светската книжевност.
По тој повод, интересно е попатно да е откриеме едно друго Џојсово дело, многу помалечко, прилично непознато, но во целост необично – приказната за деца „Мачорот и Ѓаволот“.
Приказнава Џојс ја напишал како писмо до својот внук Стиви во 1936 година. Писмото е потпишано со „Ноно“, бидејќи веројатно Стиви така го викал дедо си.
Приказната раскажува за магичната изградба преку ноќ на вистински мост преку реката Лоара во гратчето Божонси.
Тамошните жители имале многу потешкотии кога сакале да ја преминуваат широката река, бидејќи не знаеле да изградат мост, а и немале пари за некому да му платат. Веста за оваа нивна жалосна состојба еден ден дошла до Ѓаволот, бидејќи тој, секако, „постојано чита весници“, па го посетил почитуваниот градоначалник на Божонски со предлог.
Ѓаволот му рекол на градоначалникот дека може за жителите изгради „сосем пристоен мост, и тоа во една единствена ноќ!“
„Се’ што барам е првата личност што ќе го премине мостот да ми припадне мене.“
„Добро“, рекол градоначалникот.
Ѓаволот го исполнил своето ветување и следното утро жителите на Божонси со извици на воодушевеност дотрчале до неверојатно убавиот мост над бистрата Лоара.
Но, кој прв ќе го премине?!
Оттука во приказната се вплеткува еден мрзлив црн мачор.
Од илустрациите во сликовницата меѓу омилените ми се оние со десетиците изредени главчиња на жителите на Божонси – подадени преку прозорците, згужвани во чамецот, истопорени пред мостот, па и насликани како мачки.
Изданието на македонски јазик е објавено од книгоиздателството Темплум. Книгичката излезе во рамки на џебната едиција „Друга приказна“, како придружно издание на списанието за култура „Маргина“ број 93, број посветен на сликовниците. Претходно слично издание во оваа едиција е сликовничката од Силвија Плат „Цакум-пакум одело“.
Инаку, „Мачорот и Ѓаволот“ е базирана на стара француска приказна, но Џојс на градоначалникот му го дал името на еден славен градоначалник од неговиот роден град Даблин, популарниот политичар, Алфи Бирн.
Книгичката завршува со симпатичен пост скриптум што ја изразува таа игра:
„Ѓаволот главно зборува на сопствен јазик наречен Белсибебл што самиот попатно си го измислува, но кога е многу гневен знае да зборува прилично лош француски и тоа доста добро, иако некои што го чуле велат дека имал силен даблински акцент.“
Приредила: Ф.К.