Домот, миграцијата и (суб)алтеритетот: „Кога заминав од Карл Либкнехт“

03.02.2022 11:05
Домот, миграцијата и (суб)алтеритетот: „Кога заминав од Карл Либкнехт“
Caught in the crossfire between camps
while carrying all five races on your back
not knowing which side to turn to, run from;
 
(Anzaldua 1990, 2016)

 

Иако напишани пред триесет години, стиховите на Глорија Анзалдуа, луцидно ги доловуваат, денешните актуелни искуства врзани за промислу­вањето на идентитетот и на алтеритетот; категории кои повеќе од кога било се испреплетени со процесите на миграцијата, карактеристични за втората деценија на 21 век. Повеќе не станува збор за линеарни движења на моќта и на луѓето од типот на западноевропската и северноамерикан­ската колонизација, или пак, движењето на народите од југоистокот кон северозападот, како што ги нарекува италијанскиот компаратист Арман­до Њиши миграциите насочени кон Западна Европа и САД (Њиши 2013), иако можам да се согласам дека обата наведени модели на мигрирање се присутни, веројатно и доминантни форми, како во дијахронискиот, така и во синхронискиот контекст; првиот во многу посуптилна форма од претходно, а вториот поинтензивно отколку во минатото.

Во секој случај, настрана од оваа комплементарна спрега на движење, современата миграција е изразито поливалентен и комплексен феномен, кој во склад со економскиот систем на неолиберализмот, е потчинет на недофатливата мрежа на циркулацијата на моќта и капиталот. Оттука, се инаугурира и проблемот на оние култури или предели што не се вкло­пуваат во традиционално доминантниот дискурс Запад – Исток2, а такви се: Источна Европа (без Русија), Источна Азија (Јапонија, Кина, Кореја итн.) и Јужна Америка, кои прво ја нарушуваат географската, физичка, материјална легитимност на сопоставувањето на Западот и Истокот, а потоа го доведуваат во прашање, го субвертираат и го оспоруваат има­гинативното, концептуално и институционално рамниште на тој дискурс.

Во корелација со наведените согледби, предмет на проучување на овој труд ќе биде збирката раскази „Кога заминав од Карл Либкнехт“ од Лидија Димковска, авторка која и самата твори на граница помеѓу повеќе периферни култури и јазици (Шелева 2005, 184). Оттука, нејзиното дело се афирмира како своевиден отпор на маргиналните, гранични култури; култури коишто се растргнати помеѓу јас и Другиот, помеѓу субјектот и објектот, помеѓу имагинарните про­екции на Ориентот и консеквентните интроекции на Оксидентот. Притоа, тие се без потенцијал да се вклопат каде било, без можност да се редуцираат и тотализираат во единствен концепт, да се ослободат од сопствената абјектност, како нешто што „моли, загрижува, ја фасцинира желбата, но и покрај тоа, не дозволува да биде заведено“ (Kristeva 1982, 1).

1. Домот и идентитетот
 
Во почетокот, би сакал да го посочам интерпретативниот потенцијал на насловот на збирката раскази, кој се состои во двојната референцијал­ност на темпоралната и на спацијалната димензија што ги детерминира клучните категории, кои се од интерес на овој текст: идентитетот, домот и миграцијата (Шелева 2005). Активирањето на временско-просторните ознаки „кога“ и „од Карл Либкнехт“ во спрега со глаголот „заминав“ е од особено значење за да се разбере улогата која домот, како реалниот, така и симболичкиот, ја има во конструирањето на идентитетот и каков однос миграцијата воспоставува со него. Самото придвижување во времето и просторот, колку безначајно и да изгледа, колку мала темпо­рална и спацијална дистанција и да опфаќа, води кон редефинирање на домот, токму онака како што преминувањето на мостот на Одра, кој ги раздвојува Франкфурт и Слубице, Германија и Полска, ги обележува со лиминалност животите/домовите на Кристине и Јулијан, иако под­разбира патување „само петнаесетина минути пеш“ (Димковска 2019, 250). Впрочем, како што поентира и нараторката во неколку наврати, границата секогаш подразбира и забрана, но и можност за премин од другата страна:„...ни полскиот, ни германскиот не беа за никого од нас про­блем, како да бевме од раѓање двојазични“ (Димковска 2019, 16) „...Источна Германија и Полска не се разликуваа којзнае колку, а ни денес, освен во едно: денес сè е далеку поевтино овде во Слубице одошто во Франкфурт на Одра, секако, за нас Германците.“ (Димковска 2019, 19) „...постојано разгова­рајќи за големи книжевни, филозофски и други теми, слободно преминувајќи од полски на германски, од германски на полски.“ (Димковска 2019, 20-21)
 
Во таа смисла, повикувајќи се на поимањето на домот од страна на теоретичарот на архитектурата Ендрју Балантајн, како „многу важна референтна точка и лично, идиосинкретично место“, Елизабета Шелева го определува домот како сигнатура на идентитетот, која има централ­но место во изградбата на психолошкиот интегритет на индивидуумот (Шелева; 2005, 9-10). Домот, во своето двојно значење, како физички, материјален објект и како метафизички, имагинативен простор претста­вува неоспорлив, дијадичен фактор во конструирањето на идентитетот на субјектот. Притоа, Шелева разликува три базични функции на домот: протективна, експресивна и рестриктивна. Протективната функција е прва, припаѓа на преттеоретската фаза во конципирањето на домовноста и се активира со цел да ја воспостави границата, да го проектира другиот, секогаш како опозит на себеси, како објект на субјектот; следствено таа е извор и на дискриминаторскиот однос кон него (Шелева 2005, 23-24). Експресивната функција на домот е содржана во трагите што ги оставаат оние кои го населуваат, а од тој аспект, илустративен е расказот на Ања, каде што змиската кожа ги определува односите во домот и се афирмира како реквизит што ја условува состојбата на домување/бездомништво.„Еднаш донесе од работа змиска кожа и ја стави во нашиот фрижидер. Рече: „Сонував дека во кожата е душата на мајка ми. Биди среќна што не ја донесов змијата, па ќе имаше и свекрва“ – и јас повеќе не можев да го отворам фрижидерот. Поради тоа настанаа многу проблеми во нашиот брак, од навреди и солзи до тепања и молби, ама ниту тој не ја от­страни змиската кожа од фрижидерот, ниту јас го отворав, па затоа и не готвев (Димковска 2019, 86-87).
 
Забележувам дека змиската кожа се јавува како детерминанта на просторот, доминантно обележје на домот на Ања и како негова спец­ифика ги координира релациите во тој дом, до тој степен што во крајна инстанција го укинува и неговото постоење. Всушност, расказот е индикативен и во однос на репресивната функција на домот од родова перспектива.
Во овој контекст, ќе се задржам на неудобноста како еден од модусите на домување, бидејќи дискрепанцијата што се јавува помеѓу материјал­ниот и духовниот дом, често отвора бездна која фатално го раскинува субјектот на домувањето, претворајќи го во невдомен (англ. unhomed). Од тој аспект, би прецизирал дека иако може како придружен елемент да се јави и загубата на реалниот дом, невдомениот субјект е примар­но определен од недостижноста на имагинативниот дом, кој можеби и никогаш да не го поседувал. Овој негативен модалитет на домовноста е премолчен и суптилен, најблизок до репресивната функција на домот, бидејќи субјектот не мора никогаш да се придвижи во географска смисла, за сепак никогаш да не биде вдомен (Шелева 2005, 26-29). Вообичаено, невдоменоста, покрај етничката компонента, која остварува непосредна релација со домот, интегрира и други сегменти на идентитетската кон­струкција, како: родот, сексуалноста, возраста, класата, религијата итн. Во расказите на Димковска, оваа одлика виртуозно е демонстрирана, особено од аспект на женскиот алтеритет. Како пример ќе ја наведам Лила од расказот на Фредерик, каде што се одвива следниот дијалог:Чичко Стефан е толку добар човек, никогаш никој не ми по­светил толку внимание како него“. „А мене никогаш“, изусти Лила, можеби не сакајќи, а можеби и намерно. „И не е добар човек, барем со мене и со сестра ми, никогаш не бил добар (...) Да, сега веќе ништо не може да се смени, ама сакам да знаеш дека ти ми го уништи детството, и тоа само зашто си машко, зашто мајка ми не родила син. Посебно мене не ме поднесуваше, зашто се надевал оти второто ќе биде машко, а не уште една ќерка. И што после? Ништо! Просто си нашол машко в комшии да си го гали и сака како да му е син...(Дим­ковска 2019, 78-79)
 
Јасно е дека поседувањето дом воопшто не ја имплицира вдоменоста како нужна консеквенција, барем не во случајот на Лила и нејзината се­стра, бидејќи родовиот алтеритет ги маркира како „непожелна другост“ од страна на нивниот татко, кој претставува отелотворување на хетеро­патријархалниот поредок. Всушност, релацијата дом – татко, воопшто не е наивна, бидејќи и двете категории влегуваат во низата фалусни симболи, доколку ја земам предвид терминологијата на Лакановата психоанализа, за која зборува и Шелева (Шелева 2019, 47). Тоа значи дека Лила перманентно искусува внатрешен егзил. Таа е невдомена, прогонета, иако материјално поседува дом. Оневозможена е нејзината идентификација со домот каде што нејзиното раѓање се перципира како несреќна случајност. Женскиот идентитет на Лила е двојно потис­нат, еднаш од страна на татко и, но и вторпат од страна на мајка и, која настапува од позиција на лик што го интернализира хетеропатријарха­тот. Нејзиното спротивставување на Стефан, кога му купува играчки на Фредерик, произлегува исклучиво од територијализацијата на домот, односно осудата на оној што се наоѓа од онаа страна на границата, од фобичниот однос кон другиот, но никогаш не и од афирмативниот однос кон родовиот алтеритет, сопствениот и оној на нејзините ќерки.
 
Покрај невдоменоста, вториот и третиот негативен модалитет на домувањето се раселеноста (англ. displaced) и обездоменоста (англ. homeless), кои се поклопуваат со концептот на Њиши за глобална ми­грација од југоисток кон северозапад (Њиши 2013). Овие модалитети подразбираат доброволно раселување, односно принудно обездому­вање, преку физичко заминување од домот, при што неговата загуба и/или плурализација се можните исходи од географското поместување (Шелева 2005, 29).
 
Бездомништвото го среќаваме во веќе посочениот расказ на Ања, која е принудена по разводот, да престојува три години под мостот „Либ­кнехт“, просејќи додека да заработи доволно пари за билет до Чикаго. Повторно сме соочени со родовата предлошка како увертира во егзилот, но овојпат консеквенциите се многу посурови, погруби и експлицитно соголувачки во поглед на структурите на инструментализација на моќта. Тоа уште поизразено се манифестира во мејлот што Ања и го испраќа на Соња, каде што меѓу другото говори и за притисокот што го доживеала од родителите поради неуспехот да го одржи „бракот, и тоа со директор, со директор!“ (Димковска 2019, 153), како што потенцира, очигледно прилично вознемирено, мајка ѝ.
 
Мултиплицирањето на домот можеме да го согледаме при насе­лувањето на ново место (без оглед на мотивацијата), што подразбира премин од една во друга средина, влегување во нов јазичен, културен и политички контекст, остварување на нова домовност. Притоа доаѓа до вкрстување, мешање, хибридизирање, циклизирање на старото и новото, на минатото и иднината, на заминувањето и доаѓањето (Њиши 2013). Оттаму, произлегува и забелешката на Дона која ја посведочува комплементарноста и конјунктивноста на домот и идентитетот, на до­мувањето и на идентитетскиот перформанс, доколку се послужам со терминологијата на Џудит Батлер (Butler 1999):„А како и уште стотина писатели-имигранти во Словенија, и јас живеам во дом-дводом-без дом. Сè што само по себе беше разбирливо во присуството, стана прашање за идентите­тот во отсуството. Секоја судбина е и политичка одлука.“ (Димковска 2019, 37)
 
1. Миграцијата и алтеритетот
 
Наведениот извадок од расказот на Дона има потенцијал да ме по­веде кон промислувањето на уште една категорија која е рефлексивна во однос на идентитетот на субјектот и притоа, во тесна релација е со категоријата дом, а тоа е миграцијата, која е доминантна одлика на на­шата епоха. Од тој аспект, нејзиното истражување се актуализира и се легитимира во рамките на повеќе академски дисциплини: интеркултур­ните студии, постколонијалната теорија и компаративната книжевност, конкретно имагологијата и хетерологијата или ксенологијата, како неј­зини поопсежни и посовремени реактуализации (Шелева 2005, 108-109).
 
Во рамките на компаративната книжевност, имагологијата е традици­онална дисциплина што се занимава со проучување на сликата за другиот. Предисторијата на имаголошките размисли можеме да ја проследиме сè до европската антика, кога во старогрчката култура се сопоставуваат термините: „барбарос“ (гр. βάρβάρος) и „ксенос“ (гр. ξέννος) како два модуси на восприемање на странецот. Додека „барбарос“ имплицира вертикална хиерархија на моќта, односно супериорна поставеност на грчката култура над другите култури и се однесува на оние кои не го говорат грчкиот јазик, „ксенос“ индицира хоризонтална распределба на моќта, односно егалитарно поимање на другиот и примарно се врзува за поимањето на луѓето од преостанатите грчки полиси (Стела 2006, 64-66).
 
Сепак, многу подоцна, дури во последната деценија на 19 век, книжевната имагологија се етаблира како академска дисциплина во рамките на француската компаратистичка школа3, во рамките на пози­тивистичкиот метод, следствено и нејзините проучувања примарно се врзуваат за тријадата: раса, место и момент (фр. race, milieu, moment), а нејзиниот интерес е насочен кон етно-психолошките проучувања или т.н. „карактери на народите“ (Мол 2006, 224-228).
 
Ситуацијата ќе се промени во 60-тите години, со појавата на Ахен­ската школа на белгискиот компаратист Хуго Дисеринк и француската школа собрана околу Даниел-Анри Пажо, но и покрај надминувањето на некои ограничувања, во оваа дисциплина доминантна останува евро­центричната перспектива (Ibid.). Оттука, ќе се јави потребата за појава на хетерологијата/ксенологијата, кои ќе го сместат другиот во поширок, интердисциплинарен контекст, кој пак, го инаугурираат постколонијал­ната критика и интеркултурните проучувања.
 
Шелева констатира два централни диспаритети помеѓу имагологија­та и хетерологијата/ксенологијата како нејзина современа екстензија. Хетерологијата се интересира за филозофската димензија на облику­вањето на другиот, односно рамништата, модалитетите, мотивите на негово конципирање и ги истражува социо-културните (симболички) консеквенции што произлегуваат од неговото конструирање (Шелева 2005, 109-110). Во овој контекст, Едвард Саид, повикувајќи се на Фукоо­виот концепт на дискурсот, онака како што е елабориран во „Археологија на знаењето“ и во „Дисциплина и казна“, како група на искази, кои се формулирани, поделени, дистрибуирани и карактеризирани на различни начини (Foucault 1972, 22), го определува Ориентот, односно другиот како дискурзивна конструкција на Западна Европа, како имагинативно поле во кое Истокот е идентификуван со деспотизмот, раскошот, суро­воста и сензуалноста, а Западот се интроектира како негов мираж (Саид; Ориентализам 1978, 9-11) Надоврзувајќи се на овие премиси, Армандо Њиши ја става во преден план миграцијата и креолскиот идентитет, кој е нејзина импликација, па во таа смисла ги разгледува реперкусиите од мигрирањето, заклучувајќи дека:„Првиот бран на писатели-мигранти е оној што при отцепу­вањето го дели животот на две стебла, каква што, впрочем, е судбината на сите мигранти: првото останува на брегот на земјата од минатото, а другото расте на крајбрежјето, сè уште непознато, на земјата од „потоа“. Преку расцепи и отчепување на коски, на вени и на искинати завеси, преку спротивниот пат на интегритетот и на спасот од тран­зитот и од преводот, писателот што пишува на јазикот од земјата од „потоа“ ризикува да создаде мост на расце­пеноста поради очај и резигнација, од една страна, и поради непредвидливоста и авантурата, од друга.“ (Њиши 2013, 8)
Од оваа позиција, погодно е да се навратам на расказот на Дона и да го расветлам во однос на плуралната домовност/бездомност како најблизок модус на домување до миграциониот идентитет. Заминување­то во Словенија, иако не подразбира радикален прекин, во смисла на припадноста на словенечката и на македонската култура и книжевност на истата јужнословенска меѓулитерарна заедница4 (Мол 2006, 244) што упатува на извесен, но не целосен културен континуитет, го подвојува животот, домот, идентитетот, постоењето, јазикот и создава неизлечива празнина, перманентен копнеж кон другото место. Наспроти удобноста на статичниот живот во рамките на една култура и пишувањето на еден јазик, се создава расцеп, бидејќи просторната, географска дистанција креира и имагинативен простор „помеѓу“. Мигрантот чувствува безиз­лезна нелагода, од која не може да се ослободи, ниту кога би се вратил, ниту кога би останал. Тој е обележан од неа, обликуван низ неа. Таа е впишана во него засекогаш.
 
Плурализацијата на јазикот, на писмото, на книжевноста е важен сегмент во обликувањето на овој хибриден идентитет, бидејќи тој му овозможува на субјектот експресија и рефлексија, можеби најблиско и најцелосно соединување на двојството, создавање мост, а во таа смисла и лекување на раната (Шелева 2014, 5-6), но не и нејзино бришење или враќање и затворање во првобитното единство, без разлика на неговата илузорност. Овие констатации, соодветно се артикулирани во следните три извадоци од збирката раскази на Димковска:„Нормално дека пишувам на романски јазик со латинично писмо, но на мајка ми и е тешко да чита романски весници и титли на романската телевизија. Вели дека буквите во нејзината глава се само кирилични. Кога одам во продавница сфаќам дека и јас списокот сум го напишал на кирилица (...) „Блиску сум до дома!“ викнав заштитувајќи ја главата со ак­товката, а Ромчето неколкупати зад мене извика: „Далеку си, далеку!“ Влегов дома накиснат до коски, до душа. Мајка ми во кујната ги препишуваше на латиница кириличните букви од нашиот јазик (Димковска 2019, 13-14) ... Повеќе јазици – една книжевност? Па јас знам повеќе јазици, ама само на еден знам да раѓам литература...(Димковска 2019, 38) ... Во себе изгова­рав толку зборови што тие ми влегуваа и во потсвеста, која стана простор за зборови на странски јазици. Зборовите ми нудеа некаква заштита, во нивниот свет се чувствував безбедно.“ (Димковска 2019, 58)
 
Во сите три раскази јазикот и книжевноста нудат заштита, утеха и надеж, како успешна демонстрација на веќе теориски обмислената конфронтација помеѓу политичкиот и културниот идентитет, бидејќи првиот е редуктивен и репрезентативен, па подразбира ривалство и компетиција, наспроти вториот, кој е генеративен и подразбира ком­плементарност и кооперација. Бидејќи книжевноста и јазикот влегуваат во сферата на културниот идентитет, сè додека не бидат употребени од политичкиот контекст како средства за демонизирање на другиот, тие овозможуваат контемплација, интеркултурна размена и медијација со другиот (Шелева 2005, 51-52). Димковска ја доловува оваа спротивста­веност и во последниот расказ, каде што преку нарацијата на Тарас го пародира и го иронизира национализмот на сосетката, кој несомнено звучи апсурдно, искажан на следниот начин:„„Замислете, се родила во Гдањск и кога имала осум години видела како низ градот марширале војници во црни унифор­ми со кукасти крстови, а потоа го урнисале градот, и помни дека нацистите го однеле кубето од базиликата во Хамбург, а сега ја подржува власта во Полска и ги колне бегалците од Сирија, А живее во Чешка 60 години! Исмаил вели дека ништо не научила од историјата. Не знам ни дали ние нешто ќе научиме.“ (Димковска 2019, 170)
 
Политичкиот идентитет на оваа жена се покажува фатален, де­структивен и дискриминирачки во однос на другиот, т.е. Сиријците. Иако и самата потекнува од културната и политичката периферија, од маргините на Европа, таа ја демонстрира својата моќ врз оние кои се помаргинални од неа. Всушност, можеме да заклучиме дека таа како жена и како Полјачка е двојно репресирана, но ставајќи се во служба на центарот на моќта, таа се стреми да ги потисне, исклучи, прогони тие кои се повеќекратно отфрлени во однос на неа.
2. Субалтерни идентитети 
 
Ликот на сосетката на Тарас и Џамила открива судир на идентитетски­те позиции во внатрешноста на самиот субјект, бидејќи тој репрезентира категории, кои од аспект на тековите на моќта се контрадикторни, дури и исклучиви едни во однос на други, или во конкретниот случај доаѓа до конфликт помеѓу женскиот и словенскиот (како алтерни, маргинални, културни) идентитети и национализмот (како примарен, централен, политички) идентитет. Додека првите се оформени во периферијата, вториот потекнува од центрите на моќта и очигледно успева да ги по­тисне останатите, па сведувајќи ја личноста на национален репрезент да воспостави ексклузивен однос кон другоста.
 
Во таа перспектива, зборуваме за субалтеритетот како идентитетска конструкција што подразбира двојна подреденост, двојна маргиналност, двојна периферност, двојна другост. Дублирањето на овие категории настанува поради сопоставеноста, конфронтираноста, ривалството помеѓу идентитетните координати што го определуваат субјектот, па оттука тој е раскинат помеѓу дискурсот на потчинетиот и дискурсот на господарот. Поради тоа, Шелева го определува перформирањето на субалтеритетот како „постојан процес на сопствена ревалоризација и (ре)продукција“ (Шелева 2005: 55). Во тој контекст и Жак Дерида говори за културата на двојниот генитив и за разликата во однос на себеси, односно за неидентичноста на сопствениот културен идентитет во однос на самиот себеси (Дерида 2001, 16, 56).
 
Субалтеритетот може да има различни манифестации и додека во функција на дискурсот на господарот се јавува најчесто националниот идентитет, во функција на дискурсот на потчинетиот може да се евоцира цела плејада алтеритети, почнувајќи од: родовиот, сексуалниот, генера­цискиот, класниот, религискиот итн. Димковска, пред сè, го актуализира и го илустрира субалтерниот идентитет со апостроф на женскиот субјек­тивитет, а во согласност со афирмацијата на феминистичкото писмо во современата македонската книжевност, но и како еклатантен пример на внатрешен егзил во поглед на репресивната функција на домот. Во прилог наведувам еден фрагмент кој ќе ми овозможи да ја интерпрети­рам оваа категорија низ два лика (машки и женски субјект):„Првиот пат извика „Колку валкана девојка!“ и ме триеше со сапун по целото тело, без никакво еротско чувство, како да бања дете (...) Еден ден Дае-Вон ми рече: „Да одиме утре во шопинг, мислам дека ти требаат нови алишта“, и додаде „или ако сакаш оди сама, јас баш и не сакам шопинг, ќе те чекам кај автоматите за видеоигри“, и ми подаде купче банкноти (...) Се почувствував како една од оние сиромашни Украинки кои заминуваат по белиот свет по заработка како собарки и бебиситерки, а завршуваат како проститутки низ под­земјата на Европа.“ (Димковска 2019, 154-155)
 
Од херменевтички аспект, овој расказ изискува повеќестран при­стап. Релацијата помеѓу Дае-Вон и Валерија воопшто не може да се симплифицира, бидејќи се однесува на двајца луѓе кои потекнуваат од „периферијата на периферијата“. Нивниот однос не може да се разгле­дува ниту во склад со традиционалната имагологија, ниту во склад со постколонијалната теорија, бидејќи не се вклопува во традиционалните дискурси на моќта. Овде е целосно делегитимизирано концептуализи­рањето на опозитните слики на Западот и Истокот, а тоа ја оневозможува класификацијата на односите во едноставни схеми, како онаа на Пажо, кој смета дека помеѓу две култури односот може да варира помеѓу: манија, филија или фобија во зависност од протокот на моќта (Мол 2006, 234)
 
Всушност, родовиот и класниот идентитет ја усложнуваат ситуацијата и длабоко ги пронижуваат субјектите на овој однос. Машкиот иденти­тет на Дае-Вон му овозможува да се поистовети со центарот на моќта. Тој ја присвојува западноевропската слика за унгарските жени кои од економски причини се преселуваат на Запад. На таа линија на еквива­ленцијата: Запад – маскулинитет – богатство се сопоставува линијата: Исток – феминитет – сиромаштија. Од аспект на симболичките аналогии, овие низи секако можат да се продолжат и да се истражуваат и други фактори што ја условуваат идентитетската конструкција, но јас, во оваа прилика ќе се ограничам на наведените.
 
Забележувам дека особено е индикативен „протективниот“, колони­заторски однос на Дае-Вон кон Валерија, бидејќи се движи во насока на инфантилизација и објективизација на другиот. Сепак, азиското потекло е алтеритетот на Дае-Вон, кој ја претставува првичната траума што ја мотивирала желбата за присвојување на западноевропскиот иденти­тет. Двата лика имаат опресирани идентитети, па среде тој притисок од различни страни, изгледа дека постојат два излеза. Или периферијата ги насочува своите деструктивни пориви кон самата себеси, како во случајот на Дае-Вон, или стапува во отворен, емпатичен, инклузивен однос со другиот како во случајот на Валерија, при што треба да се има предвид дека во нејзиниот случај потчинувањето на идентитетот не се одвива само на национално/културолошко туку и на родово и класно рамниште.
 
Извор: „Како си ми“ студентска филолошка конференција, 2021 
      
Слики: Наото Хатори