За жените и наградите

05.02.2022 20:16
За жените и наградите

 

Минатиот декември, Кинотеката на Македонија во Скопје организираше недела на полски филм. Кинотеката е државна институција – малку застарена, но симпатична, со убава програма и нежни спомени од минатото. Во истата социјалистичка зграда порано имаше и библиотека и читални во кои голем дел од нас го поминале детството. Така што навистина, штом ја отворив веста на официјалниот сајт на Кинотеката во која се најавуваше неделата на полски филм, длабоко и суштествено се вознемирив кога во кусиот текст од само 239 зборови наидов на следниот пасус:

„Наградите кои ги имаат добиено овие наслови на филмските фестивали во светот се изразени во троцифрени бројки. Три од авторите во оваа репрезентативна селекција се жени, но филмовите на Холанд, Шумовска и Садовска докажуваат дека ним воопшто не им е потребна некоја политика на родова еднаквост, бидејќи квалитетот на нивните дела говори повеќе од сите стратегии.“


Се разбира, авторот на текстот е маж. Каква е неговата мотивација, од сите работи што може да ги каже за овие три режисерки и нивното творештво, да истакне дека иако се жени, тие биле вистински квалитетни, па затоа и ги заслужиле наградите што ги добиле? Несомнено, оваа мисла има и свој близнак, често повторуваното клише на „загрозените“ мажи што се плашат дека со своите потпросечни дела нема веќе да може така лесно да добиваат славопојки и пристап до разноразни фондови: жените незаслужено добиваат награди во последно време поради „некоја политика на родова еднаквост“ и поради некакви-си „стратегии“, и се разбира, зашто сега тоа е модерно. Конечно, овој ужасен текст на Кинотеката го имплицира тоа дека жените, замислете, понекогаш можат да бидат еднакво добри како мажите, нормата за квалитет.


И самата безброј пати сум била вака третирана како авторка. Имам среќа, ми било кажувано, што сега се модерни писателките и темите што ги обработувам. Неизговорената мисла што следи потоа е дека инаку никој не би ме есапел и дека всушност сум неквалитетна. Но тоа е секогаш замаскирано во една обланда од учтивост и самопрогласената објективност на рационалниот маж. Прво, со самото тоа што тој зборува со мене и ми обрнува внимание, треба да сум поласкана. Занимавањето со мене и мојата книжевност, всушност, претставува комплимент – како што во погоре наведениот пример претставува комплимент тоа што трите полски режисерки се добри како мажи. Второ, ако се побунам, ќе бидам обвинета дека сум суетна и дека не трпам критика, и секако, дека не сум љубител на објективноста (самопрогласена, се разбира) – по што мојот став, како и книжевност, стануваат автоматски девалвирани. Оттаму, за да не бидам ектикетирана како нерационална, суетна и неквалитетна, треба да молчам пред системски воспоставени неправди, како што се на пример ненаградувањето на жените – како и во филмот и во театарот, така и во книжевноста и во повеќето други области.


Се разбира, не сакаме да молчиме, па затоа и почнуваме да ги отвораме овие теми, и покрај етикетите на агресивни и неквалитетни женишта што ги добиваме од патријархалните творци на потпросечни дела. Фактите и бројките несомнено покажуваат фрапантна дискрепанца во однос на наградувањето жени наспрема мажи. На глобално ниво, земете ја за пример Нобеловата награда за литература (ја добиле само 16 жени), а потоа тргнете да ги броите наградите во постјугословенските простори и ќе видите дека добитничките најчесто се бројат на една рака, или евентуално на две, како на пример Ниновата награда која се доделува од 1953 и има само 6 добитнички , или пак Меша Селимовиќ со 4 и Струшките вечери на поезијата со 5. Во Македонија најинтересен е случајот со наградите за расказ „Живко Чинго“ и „Нова Македонија“, каде што машките и женските добитници се изедначени – но само поради тоа што конкурсот е анонимен (Бунтовните читателки имаат направено сјајно и широко истражување за родовата застапеност кај книжевните награди, критики и фестивали во постјугословенските простори, така што за повеќе примери погледнете овде).


А па што толку ви значи награда? Биди поголема од тоа! Што ти е толку гајле? – и тоа се фрази што често ги слушам како одговор на негодување за тоа зошто жените се речиси ненаградувани како авторки, уметници и научнички. Дали навистина треба да ни биде гајле за државните награди во чии комисии седат луѓе што традиционалистички сметаат дека книжевноста што ја пишуваат жени и во која се зборува за женските искуства е помалку вредна? Што се па таквите награди толку битни?

Наградите се битни и покрај нивната шовинистичка традиција, од причина што тие ја зголемуваат видливоста на авторките и им даваат одредена општествена етаблираност, по што доаѓа и признание од пошироката јавност. Се разбира, доколку се финансиски, и тоа придонесува за добросостојбата на жените кои и онака заработуваат помалку од мажите. Дури и наградата да е една обична плакета или евтин испечатен лист хартија (како што е често во Македонија), медиумите јавуваат за неа и околу неа се крева прашина. Авторките добиваат медиумски простор и можност да го искажат својот општествен и уметнички став. Се читаат или гледаат нивните дела, а со тоа автоматски и во иднина авторките повеќе се објавуваат, читаат, поставуваат, филмуваат.


Пред некое време со моја пријателка режисерка коментиравме за наградите врачени на еден наш театарски фестивал. Големите, битни награди – режисер, претстава, текст – се секако резервирани за машките автори и претставите со машка тематика (често агресивна и воинствено-епска). Како и во филмот, наградите што одат на жени се тие што мора да им се дадат (наградите за женски улоги), и оние што патријархатот ги девалвира како женски – шминка, костимографија, па понекогаш и сценографија. Ѝ предложив на пријателката дека е време да воспоставиме наша награда, која за разлика од речиси сите други, ќе биде именувана по жена (пребројте си ги наградите што ги знаете, да видите дали ќе ви текне бар на една со име на жена.) Потоа ќе ставиме само жени во комисија, и можеби еден маж. Наградата ќе биде плакета или статуетка што ќе ја изработи наша уметница. Сите награди ќе им ги даваме на жени, освен тие што мора да се дадат на мажи, како на пример машка улога, а можеби и за специјални ефекти ќе доделиме на некој маж. Ако нѐ прашаат зошто само сте дале награди на жени, ќе речеме дека строго сме ги доделувале според квалитет, а не според родова припадност.


Знам дека идејава е малку радикална, и нема да ја остварам, но ако некоја друга сака, бујрум. Се разбира, далеку подобро решение е наградата на Бунтовните читателки „Штефица Цвек“. Со името таа кажува дека битни ни се и женските искуства во книжевноста, иако таа несомнено ѝ ја оддава заслужената почит на нашата Дубравка Угрешиќ. И веќе ако воспоставените државни награди со шовинистички традиции ни даваат по некое утешнo прво место за потоа пет-шест години да се раат и да си доделуваат пак само на машки автори, па зошто да немаме ние своја, и тоа таква која сестрински ги обединува поранешните републики на Југославија, поттикнувајќи здраво поле за критика и натпревар, но и поддршка? Ако веќе упорно нѐ исклучуваат од канонот и ни ја потиснуваат видливоста, редно време е сами да си отвориме простор, сами да си создадеме канон и сами да ги етаблираме нашите приказни.

Одговорот на Кинотека на овој текст, овде.


Фотографиите во прилогот се од филмот „Денот на жената“ (Dzień Kobiet, Maria Sadowska, 2012)

Румена Бужаровска - Данас, 02.02.2022, објавено по повод воспоставувањето на регионалната книжевна награда „Штефица Цвек“.

 

Слични содржини

Општество / Книжевност / Живот
Книжевност
Книжевност / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото