Дали „неолиберализмот“ сè уште е употреблив термин?

07.02.2022 01:44
Дали „неолиберализмот“ сè уште е употреблив термин?

Во рекапитулацијата на аналитичко-политичката 2021 година едно од централните места сигурно би го зазела темата за наводниот крај на неолиберализмот. Таа веќе скромно почна да се појавува за време на мандатот на Доналд Трамп, но тогаш поттикот доаѓаше од, барем реторички позаострените а можеби и не секогаш реализирани, протекционистички политики. Меѓутоа, со почетокот на пандемијата и силното вмешување на државата во економијата, прашањата за крајот на неолиберализмот стануваа позачестени. Дополнително ги разгоре номиналниот идеолошки пресврт на администрацијата на Џо Бајден која со инфраструктурни планови и пораки за нужно намалување на нееднаквоста од економски причини и проценката дека на Кина не може да ѝ се конкурира со слободен пазар, ги помести дебатите далеку од востановените дефиниции за можното и неможното во економијата кои се присутни со децении.

Но, за да процениме дали сме сведоци на крајот на неолиберализмот прво мораме да знаеме што подразбираме под тој поим. Ако се послужиме со академски жаргон, се работи за полемички концепт, односно концепт на чие користење полагаат право различни содржини и конструкции. И додека многумина се сложуваат дека неолиберализмот е одредена фаза во историјата на капитализмот и дека подразбира пониско ниво на работнички и социјални права отколку во претходниот период, неговата провиненција и неговите влијанија се толкуваат различно. Најбанално е она според кое неолиберализмот се третира како „помалку држава“ во економијата, па потоа се мерат уделите на државната потрошувачка во БДП и слично. Понијансираните толкувања поаѓаат од тоа дека не станува збор за влијанието на државата врз економијата како такво, туку за природата на тоа влијание, односно за приоритетите и акцентите. Кога станува збор, пак, за настанувањето на идеите кои се составен дел на неолиберализмот, мислењата се разликуваат.

Некои во неолиберализмот гледаат организирана класна акција одозгора (на почетокот во најразвиените земји) со која требало да се реши притисокот на работничката класа. Значи, според тоа толкување, станувало збор за политички проект за елиминација на синдикатите и државата на благосостојба за да се сочуваат профитите кои биле загрозени со јакнењето на овие елементи во периодот после Втората светска војна. Второто толкување го става акцентот на интелектуалното минато на идеите и влијанието на економистите и другите интелектуалци обединети околу друштвото Мон Пелерин. Тие, а некои од нив уште пред војната, поттикнати од стравот од развој на комунизмот и социјалдемократијата, развивале идеи кои на политичарите и економските управители требало да им служат како алат во обликувањето на пазарните економии и елиминација на какво било демократско влијание во економското одлучување. Третата опција во разбирањето на настанокот на неолиберализмот не ѝ дава примат ни на организираната класна акција на буржоазијата ни на интелектуалното влијание на реномираните професори, туку го толкува како плод на економските реакции во развиените држави, повеќе на Германија отколку на Велика Британија и САД, во однос на реалните економски предизвици: од монетарната до трговската политика. Вкупноста на реакциите кои не биле однапред планирани ни идејно пресудно застапувани, доведе до нешто што може да се препознае како кохерентна политика.

Секоја од овие перспективи со себе носи одредена доза уверливост и тие дефинитнивно можат да коегзистираат како елементи на анализа кои нужно не се исклучуваат. И секоја придонесува за елиминација на споменатата банална интерпретација за уделот на државата во економијата која нашите либерални колумнисти најмногу ја сакаат. Покрај споменатите толкувања тие и сосема ја заобиколуваат хиерархијата на националните економии во ланците на вредности и различната улога на државата со која настојуваат да управуваат. Односно, ги заобиколуваат маневарските простори, а „доказите“ за постоењето на неолиберализмот ги бараат во бројот на вработени роднини во некоја општина. Меѓутоа, без оглед што нивниот став лесно може да се доведе во прашање, на тој начин не можат да се отфрлат како кокреатори на јавното мислење и обликувачи на границите на дискусиите.

Затоа сè уште останува легитимно прашањето што да се прави со неолиберализмот во политичките дискусии во нашиот контекст. Досега можеби најчесто беше користен како навреда, но тоа повеќе служеше како иницијација во левичарските кругови, отколку што имаше ефект кај пошироката заинтересирана јавност. Како еден вид политичка навреда може да служи и во раскринкувањето на провинцијалната природа на нашите неолиберали кои се водат според дефинициите од учебниците, додека нивните западни примери веќе одамна се на страната на прагматиката и конкретните интереси кои не ги исклучуваат секогаш повисоките даноци и сличните табуизирани мерки. Кога станува збор, пак, за аналитичко користење, неолиберализмот дефинитивно е потребен барем во периодизацијата на историјата на капитализмот, но треба да се имаат на ум сите спорни места околу значењето на самиот поим и да го прилагодат на специфичностите на овдешната дискусија. Исто така, поимот може да послужи и како тест за „проценка“ на соработниците и политичките партнери со глед на тоа дека, и покрај сите непрецизности, со себе носи дистинкција на разните видови капитализам и неговата социјална димензија. Иако историјата јасно нè учи дека социјалната благосостојба во капитализмот е неодржлива зашто е подредена на профитабилноста, истото тоа нè учи и дека револуционерните тенденции во нереволуционерни времиња не им помагаат нужно на оние на кои се планира да им се помогне.

Превод: Алек Кузмановски

Фотографии: Lluís Tudela

Извор: https://www.bilten.org