За љубовните вештини

07.02.22 14:17

На режисерот Карпо Аќимовиќ Година му било наредено да изработи краток филм за армијата, но наместо тоа направил филм за водењето љубов, а не војна. Цензорите ги уништувале примероците со секири, но тој успеал да зачува една целосна копија.

Документарниот филм „За љубовните вештини или филм со 14441 квадрати“ (1972) Карпо Година го правел во соработка со браќата Вранешевиќ и тој во многу нешта е сличен со неговиот претходен филм „Здрави луѓе за разонода“. Користејќи го веќе воспоставениот стил на статична камера и режирање во кадарот, филмот говори за неколку илјади војници стационирани во место во Македонија, во крајот Сарамазалино, во чија близина живеат повеќе илјади девојки. Девојките немаат никаков контакт со војниците, бидејќи веста за нивна средба брзо би се проширила во малото место, но и затоа што војниците се груби и сурови кон нив.

Воведните кадри прикажуваат група девојки што тивко стојатпред некоја зграда, додека во заднина тече говорот на една од девојките која објаснува зошто немаат контакт со војниците. По кратката воведна шпица, кадарот прикажува ридови, карпест предел со малку исушена трева, на кој која за неколку минути ќе се појават војниците, придружени со песна од браќата Вранешевиќ - „илјада војници на илјада жени а деца нема“. Она што е особено интересно е што овие ридови изгледаат многу изолирано, како да се простор за себе, а присуството на војници во еден толку оддалечен и непристапен дел се чини излишно. Додека групно извршуваат воени вежби, нивното присуство во изместените ридови сè повеќе создава впечаток дека се работи за присилно присуство, токму поради тоа што на илјадници од овие млади луѓе им е одземен обичниот живот; тие, да не беа војници, ќе имаа подобри шанси со илјадниците девојки.


Карпо Аќимовиќ Година е еден од најзначајните и најсеопфатни автори на југословенскиот и словенечкиот филм. Бил интегрален дел од она што денес се нарекува „црн бран“ во југословенската кинематографија. Неговите филмови ги обиколувале најзначајните светски филмски фестивали.

Роден е во Скопје во 1943 година. Раното детство го поминал во Скопје, а адолесценцијата во Марибор. Подоцна почнал да снима експериментални филмови од 8 мм. Во шеесетите студирал филм, телевизиска, радио и театарска режија на Љубљанската академија за театар, радио, филм и телевизија, каде подоцна предавал како професор по филмска режија и камера.


Извор за текстот: Филмски центар на Србија