1022 hPa
93 %
3 °C
Скопје - Чет, 23.01.2025 10:59
Последниве недели западните медиуми се свртеа кон излитените аналогии од 1930-ите за да ја објаснат улогата што би ја одиграл потенцијалниот вооружен конфликт меѓу Украина и Русија. Потребата да се избегне „удоволувањето“ на Кремљ се користи за да се оправда зголемувањето на воената помош за Украина, додека прашањето за правото на државата да се приклучи на Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) рутински се претставува како прашање на опстанок на државата.
Професорот Ричард Саква, автор на книгата „Украина на линијата на фронтот: Криза на граничниот појас“, дава покомплексна слика за украинско-руските односи. Неговата анализа ја истакнува долгогодишната поделба во украинското општество меѓу силите кои ја поддржуваат „плуралистичката“ идеја за државата и нејзините односи со соседите и националистичките движења кои се залагаат за влез во НАТО и прекинување на врските со Русија.
Украинската револуција на достоинството (Евромајдан) од 2014 година, вооружените конфликти во регионот Донбас и руската анексија на Крим се чини дека ја влошија оваа поделба. Сепак, Украинците ги поддржаа процесите како што се Договорот од Минск и разговорите во Нормандиски формат, како и кандидатите кои се залагаа за намалување на напнатоста – вклучително и актуелниот претседател Володимир Зеленски по изборите во 2019 година. Сепак, според Саква, во Украина бучната екстремна десница која го претставува малцинството „ја држи политиката во заложништво“ – тоа е ќорсокак благодарение на кој и тврдокорните во Москва добија сила.
Дејвид Бродер го интервјуираше Саква во врска со корените на сегашните тензии и изгледите за мирно решение.
ДБ: Украина во западните медиуми е претставена како земја целосно спротивставена на Русија. Еден наслов во „Тајмс“ велеше дека „Украинците се подготвени да ги задават Русите со голи раце“. Особено по самитот на НАТО во 2008 година, се верува дека Украинците сакаат да влезат во НАТО, но дека Русија ги блокира. Има ли какви било докази за тоа?
РС: Ова оди многу подалеку од самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, на кој на крајот ги поканија Грузија и Украина да им се придружат. Вака долго време се дефинираше украинската политика кога зборуваме за таканаречениот европски избор - кој многумина го оспоруваат, бидејќи секоја анкета покажува колку е поделена украинската јавност. Со текот на годините тоа стана малку нестабилно, но во суштина западниот дел, она што го нарекуваме галициски дел, не само што сака да се приклучи на Западот, туку сака и да ги прекине сите врски со Русија.
Постколонијализмот, ако овој модел може да се примени во овој случај, предвидува хибридност по колонизацијата, на јазично и на културно ниво, додека сепаратистите веруваат дека се работи за пост-колонијализам со цртичка и дека сите претходни врски мора да се уништат. Но, јужните и источните делови на земјата се наклонети да одржуваат блиски врски со Русија. На некој начин, постои основа врз која Владимир Путин би можел да каже дека Русите и Украинците се еден народ кога зборуваме за културата, историјата, мешаните бракови итн. Никогаш не рекол дека треба да бидат една држава - и тука има суштинска разлика.
Патував во Донбас во 2008 година и таму насекаде на зградите можеше да се видат натписи на кои пишуваше „Не за НАТО“. А сега документите на Викиликс од Министерството за надворешни работи, објавени во периодот помеѓу 2010 и 2011 година, прикажуваат бескрајни пораки од американскиот амбасадор во Киев, во кои се наведува дека народот сака да влезе во НАТО. Ова од самиот почеток беше измислена и вештачка идеја - претпоставката дека изборот е едноставен и јасно насочен кон Запад. Тогаш сакаа да покажат дека Русија ја кочи Украина во геополитичка, развојна и пред се’ во демократска смисла.
Ситуацијата е многу посложена, како што покажуваат и денешните анкети за ставовите на Украинците. Жерар Тоал и неговите колеги покажаа дека огромен процент - 30 или 40 проценти од населението, дури и ако не ги вклучиме Крим и Донбас - сакаат блиски односи со Русија. Некои дури сакаат и да се приклучат кон Евроазиската економска унија. Тоа е она што Збигњев Бжежински, а пред него Семјуел Хантингтон го опишаа како расечкана држава, поделена држава. Така што, погрешна е претпоставката дека тие јасно се определиле за НАТО. Но, овој избор е наметнат уште од формирањето на неонационалистичката влада во февруари 2014 година, по настаните што следеа по Евромајдан.
ДБ: Од анализата на Владимир Ишченко за поделените ставови во анкетите, имаме впечаток дека додека поддршката за прием во НАТО беше многу ниска во 1990-тите, таа во меѓувреме пораснала и лесно е да се замисли дека војната во 2014 година можеби ги зајакнала овие антагонизми. Сепак, изборот на Володимир Зеленски за претседател на изборите во 2019 година се гледаше како израз на волјата на народот за смирување на тензиите: на тие избори, проевромајданските сили ја загубија поддршката, додека тој зборуваше за поддршка на Договорот од Минск. Зошто тоа не се случи во пракса?
РС: Да, Зеленски е избран како кандидат кој се залага за мир. Но, ќе одам чекор понатаму и ќе кажам дека кога Петро Порошенко беше избран во мај 2014 година, тој исто така се претстави како кандидат за мир - луѓето го избраа исто така затоа што го гледаа како олигарх кој имаше блиски врски со Русија и тн. На крајот ниеден од нив не ги смири тензиите.
Во декември 2019 година, Нормандискиот формат се состана со Германија, Украина, Русија, Франција, и шефот на кабинетот на Зеленски се обиде да продолжи со тој процес. Сепак, додека тие се состануваа, народот се мобилизираше на Мајдан, велејќи дека нема да прифатат никакви преговори ниту имплементација на Договорот од Минск доколку се вклучи давање каква било автономија на Донбас.
Значи, првиот фактор беше тоа што во Украина постои големо мобилизирано, радикализирано малцинство кое „ја држи политиката во заложништво“. Второ, ова малцинство - иако се молчи за некои од нивните најодвратни екстреми - е геополитички поддржано од западните сили, она што јас го нарекувам атлантски систем на моќ. Тоа не е само НАТО, туку, што е според мене, уште поскандалозно, Европската Унија, која во реалноста не се придржува до своите принципи.
Зеленски е и уште полош од Порошенко кога зборуваме за поткопување на културните и медиумски институции на руски јазик во Украина и поради форсирањето искривен поглед на историјата. Така, на некој начин се соединија надворешните и внатрешните фактори. Но, и покрај сето ова, анкетите на јавното мислење покажуваат дека Украинците се’ уште се поделени, иако постои единство во корист на одбраната на државниот суверенитет на Украина.
Украинците се општо земено многу мирољубив народ. Затоа е толку катастрофално што сега зборуваме за војна и конфликт. Но, сето ова е дел од поголема слика, слика на Втора студена војна. Ако ова е навистина Студена војна, тогаш мораме да научиме како да управуваме со конфликтот. Тврдам дека денес сме во забавена снимка од Кубанската криза. Во октомври 1962 година сè беше мирно решено. Ракетите Јупитер беа земени од Турција, Советскиот сојуз вети дека ќе ги отстрани своите ракети, а САД ветија дека нема да ја нападнат Куба.
Тоа е она што во суштина го сака Путин, како и Борис Елцин пред него, а и пред тоа Михаил Горбачов секогаш велеше дека проширувањето на атлантскиот воено-безбедносен систем до границите на Русија е неприфатливо. Значи, ова прашање се провлекува веќе триесет години. Во својот говор за состојбата на нацијата од 2018 година, Путин рече: „Не нè слушавте тогаш, па затоа слушајте не’ сега“ - кога најави хиперсонични ракети и тн. Тоа е позадината на моменталната ситуација.
Конечно, само украинското општество е внатрешно поделено. Постои огромен мировен контингент, а сепак најлошите елементи на украинската политика се влошени од поддршката на Западот за краткорочна геополитичка предност. Дури и не толку одамна, Украина беше решена да ја задржи неутралноста. Ако Ирска може да биде неутрална, ако Австрија може да биде неутрална, ако Финска може да биде неутрална, тогаш зошто да не може Украина, особено затоа што во неа има големо гласачко тело што се залага за тоа? Ова, на крајот на краиштата, беше официјалната украинска политика се’ до неонационалистичкото преземање на власта во 2014 година.
ДБ: Некои извештаи ги истакнуваат забелешките на Михаил Горбачов дека на крајот на Студената војна никогаш не било разговарано за проширувањето на НАТО кон исток, се’ со цел да се негираат тврдењата на руската влада дека „ветувањата се дадени, но не се придржуваат до нив“. Но, тие можеби не ја сфаќаат пошироката слика, т.е. дека ширењето по Студената војна не ја вклучувало Русија и дека било директно насочено против неа. Колку сериозно треба да го земеме предвид предлогот што го изнесе Горбачов, а потоа и Елцин и Путин, за некаква „голема Европа“ вклучувајќи ја и Русија, како алтернатива на оваа втора Студена војна?
РС: Апсолутно. Не беа само Горбачов, Елцин и Путин оние кои ја промовираа оваа идеја. Се разбира, тоа е идејата на голизмот дека Европа на крајот треба да ја земе судбината во свои раце. Франсоа Митеран исто така зборуваше за Европската Унија.
Горбачов даде погрешна изјава дека немало ветувања дека НАТО нема да се шири, но никој всушност не знае зошто. Сите документи од Архивата на национална безбедност објавени во 2007 година покажуваат дека неколкумина западни лидери рекле дека НАТО нема да се шири подалеку од обединета Германија. Тоа е недвосмислено и претставува дел од зачудувачката пропагандна војна во која се наоѓаме сега, кога западни научници и политичари велат дека немало никакво ветување.
Но, конечно, имаше две мировни одредби кои беа понудени на крајот на Студената војна, и двете беа добри. Имаше една западна - „Целовита и слободна Европа“. Но, тој „заеднички европски дом“ се засноваше на идејата за трансформација. Не се работи ниту за тоа дека проширувањето на НАТО само по себе е толку лошо, туку дека тоа се случува без соодветна рамка во која би се зеле предвид безбедносните интереси на Русија.
„Заедничкиот европски дом“ е единствениот пат напред. Други може да ја исмеваат таа идеја, но јас не. И во Русија има многу луѓе кои го тврдат истото - либерали, па дури и некои конзервативци. Тука се поставува прашањето каква форма би било тоа. Горбачов и други навистина сакаа Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) да стане главно безбедносно тело, со Совет за безбедност што би функционирало како Обединетите нации и би го решило проблемот. Дури тогаш НАТО би можело да се шири. На многу начини, аргументите во прилог на тоа се прилично добри. НАТО ги спречува малите држави да завојуваат едни со други и да се надеваме дека и натаму ќе ги спречува Турција и Грција да влезат во конфликт.
Русија на овој или оној начин би требало да биде дел од безбедносниот ред. Но, тоа се’ уште не се случило. Во 1997 година постоеше Постојан заеднички совет НАТО-Русија, потоа Советот НАТО-Русија во 2002 година, но сето ова јас го нарекувам мерки за ублажување, а не за решавање на проблемите. Несомнено, во 2018 година, Путин и неговиот тим - неговите тврдокорни - рекоа: „Доста е со ова, не можеме да му веруваме на Западот, се приближуваат до нашата граница“. Не се работи само за НАТО: тука се и противракетните инсталации што ги изградија во Романија и во Полска. Значи, кога имаме бескрајни провокации, она што Москва го смета за воени вежби - бомбардери B-52 кои летаат долж границата и можат да носат нуклеарни бомби, постојаното присуство на воени бродови во Црното Море - здравиот разум ќе каже дека на крајот мора да дојде до отпор. Она што е застрашувачко во оваа студена војна е тоа што многу малку луѓе на Запад навистина сфаќаат колку се големи влоговите.
Д.Б.: Рековме дека Украина не е монолитна, но одредени сили ги поттикнуваат тензиите со Русија од ним познати причини. Но, слично може да се каже и за самата Русија. Освен Алексеј Навални – кој во „Тајм“ го обвини Западот дека оди директно во рацете на Путин, и ги повика да престанат да му „удоволуваат“ – постојат и други опозициски сили кои го критикуваат Путин, но не од прозападна гледна точка. Како треба да гледаме на идејата дека Путин ги поставува овие барања за да управува со политичката ситуација во државата, обединувајќи го населението околу спектаклот што го претставува конфликтот - или, како што велат некои, дури и обидувајќи се да ги зголеми цените на гасот?
РС: Еден од најзагрижувачките елементи денес е тоа што либералите во Русија се обидуваат да ја компензираат својата слабост на домашен терен барајќи поддршка од Западот, што само ги прави уште послаби во земјата. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека Навални имал поддршка од само 1-2% од населението кога бил на слобода, па дури и денес, и покрај огромниот публицитет. Така што, либералите се заробени во оваа смртоносна спирала и луѓето го користат јазикот од Студената војна нарекувајќи ги петколонаши и саботери, иако во реалноста повеќето од нив не се тоа, тие само сакаат повеќе уставни права, демократија итн. Тие играат многу опасна игра со Западот.
Но, според јавното мислење во Русија, народот не е воено подготвен за војна - токму напротив. Истото важи и во случајот со Украина. Се чини дека во моментов само западното население ја поттикнува оваа паника. Украинците се мирни баш како и Русите.
Но, клучната работа што западните коментатори постојано ја споменуваат - дека Путин се заканува и заплашува со цел да го одвлече вниманието од својата опаѓачката популарност во земјата, е целосно неточна. Неговата популарност навистина е малку намалена, но се’ уште е на сјајно ниво (65% поддршката) за некој кој е на власт 20 години. Јас не сум од тврдокорните реалисти кои го следат Џон Миршајмер тврдејќи дека внатрешната политика не придонесува кон надворешната политика и безбедноста, иако имам разбирање за неговиот аргумент.
Отсекогаш сум го бранел „фракцискиот“ поглед на руската политика: има многу моќни, различни тенденции, од заедници до поделените елити. И барем колку што можам да разберам, од есента 2019 година, таканаречените прагматичари во Кремљ и владејачката елита ги загубија своите позиции. Во суштина, тврдокорните рекоа: „Што е доста, доста е: Западот нас не’ смета за будали, па мораме да почнеме со отпор“. За жал, дел од тоа подразбира и задушување на опозицијата во самата земја, што според мене е - исто како во советско време - огромен автогол. Оваа внатрешна репресија не помага руската надворешна политика да изгледа веродостојна. Како што рековме, тие би можеле да бидат доста разумни – јасно е дека овде постои безбедносен проблем. Но, тоа беше, на пример, поткопано со обидите да се затвори (организацијата за човекови права) „Меморијал“. За мене постоењето на „Меморијал“, иако можеше да продолжи да работи горе-долу нормално, беше симбол на фактот дека сè уште постоеше ниво на плурализам и отвореност. Но, од есента 2019 година, владата пружа драматичен отпор против тоа.
ДБ: Извештаите на британските медиуми често се фокусираат на одговорноста да не му „удоволуваме“ на Путин. Исто, во германската политика имаме аналогија со Втората светска војна, каде Аналена Баербок, министерка за надворешни работи од партијата на Зелените, рече дека должност на Берлин е да ги штити овие држави од „историски причини“. Идејата дека малите држави како балтичките земји треба да можат сами да одлучуваат и да не бидат беспомошни, за што се залага и Путин, звучи донекаде привлечно. Но, јасно е дека оваа аналогија е проблематична бидејќи во западната политика внесува клише со кое сите критичари, или оние кои не се тврдокорни поборници за наоружување, се демонизираат и се нарекуваат современи „смирувачи“.
РС: Тенденцијата што ја спомнавте сега е уште полоша отколку што беше во првата Студена војна бидејќи тогаш имаше барем одредена разновидност и дебата. Ја спомнав Франција на Де Гол, а во самата Западна Германија постоеше остполитичка линија на промени преку учество, која започна во раните 1960-ти. Шокантно е што денес има толку малку опозициски гласови. Наместо тоа, имаме бескрајно муабетење за единството на атлантските сили. Единството е добро само кога сме обединети околу разумни политики, а не ако постојано одекнуваат лажни анализи кои зборуваат за тоа како храбрата, мала Украина застана пред Русија, која е како ревизионистичка сила. Треба да го пофалиме пристапот на Германија кон историјата. Меѓутоа, нема ништо поопасно од погрешна примена на историјата на сосем различни историски моменти. Секоја идеја за учество - класична германска политика - па дури и туркање на Северен тек 2, се гледа како смирување на Русија.
Овде се работи за целосно неразбирање на моменталната ситуација. Путин не сака повторно да создаде советско царство. Британскиот министер за одбрана, Бен Валас, неодамна изјави дека Путин е етнонационалист. Ова е толку далеку од вистината: денес во Русија има најмалку 150 поголеми националности. Путин безброј пати го осудувал етнонационализмот и велел дека тоа може да ја уништи државата. Значи, ако западните политичари не ги знаат ни основите, тогаш исто така ќе грешат и за големите геополитички работи.
Јас сум на мислење дека сегашната ситуација е многу поопасна бидејќи има само неколку храбри луѓе кои го осудуваат сето ова. Драго ми е кога гледам дека се развива Институтот за одговорно државништво Квинси; има малку луѓе во САД, застрашувачки малку луѓе во Обединетото Кралство. Мислам дека нештата се менуваат во Германија - особено со Зелените, кои се само либерални интервенционисти од најлошиот вид како Клинтонови - типични „хушкачи“ на војна.
Надворешната политика секогаш треба да ги балансира интересите и вредностите. Ако Русија само безразложно сакаше да ја нападне Украина и да ја потисне украинската демократија, тогаш јас прв би ја поддржал Украина. Но, овде не се работи за тоа. Таканаречениот ревизионизам на Путин не е сличен на ревизионизмот на Адолф Хитлер. Ова бескрајнo, па дури и имплицитно reductio ad Hitlerum во случајов е целосна бесмислица. Кога Путин дојде на власт, тој дури рече дека Русија ќе се придружи на НАТО. Елитите и лидерите во Русија се рационални. Тие не се обидуваат повторно да воспостават царство. Тие само велат: „Видете, стигнавме до ѕидот. Сослушајте нè.”
Решението е многу едноставно: неутралност за Украина. Никој да не ја узурпира. Путин го поддржува Договорот од Минск, кој е рамка за враќање на Донбас под украински суверенитет. Па каде е тогаш империјата? Денес во Донбас има 2,5 милиони луѓе кои имаат различни мислења. Путин првично се мобилизираше бидејќи Украина исто така има 100.000 војници на границата, со турски беспилотни летала кои се покажаа ефикасни во втората војна во Нагорно-Карабах помеѓу Ерменија и Азербејџан минатата година. Во Москва дојде до вистински аларм дека би можеле да го направат она што го направија Хрватите во операцијата „Бура“, кога ги нападнаа српските енклави во средината на 1990-тите. Ситуацијата е комплицирана, но основните линии се прилично едноставни и јасни.
ДБ: Претходно, ја споредивте оваа ситуација со „забавено видео на кубанската криза“. Во тој случај се зачуваа образите со смирување на тензиите од двете страни. Дали е тоа можен исход и овде: втор круг од Нормандиските преговори или уште еден Мински договор?
РС: Се зборува за нов самит помеѓу Џо Бајден и Владимир Путин, што од срце го поздравувам. Во сево ова преговорите се многу важни. Мислам дека ситуацијата овде е 50-50. Мислам дека луѓето сè уште немаат сфатено дека во октомври 1962 година имавме среќа затоа што имавме разумни лидери, пред се Џек Кенеди и Роберт Кенеди, тајни преговарачи и така натаму. Мислам дека денес немаме речиси ништо од ова и дека сме блиску до вистински конфликт. Западот, и се разбира Велика Британија, овде се плеткаат додавајќи масло на огнот; дури ниту Германците не даваат дозвола за надлетување на британските воени сили и опрема до Украина.
Мислам дека ова може да заврши во која било насока. Русите сега не можат само да стојат без ништо да направат, а Западот не нуди речиси ништо. Соработуваат на маргините и даваат некои помали понуди - што е добро. Но, сето ова не е на неопходното ниво. Русите сега велат дека требало да се вратиме на агендата на Горбачов за да го регулираме европскиот мировен поредок.
Спомнавте дека секоја земја треба да носи сопствени одлуки. Но, другата половина од мировниот поредок воспоставен во 1990 година е дека безбедноста е неделива. Русите велат: „Луѓе, а каде е нашата безбедност? Оставени сме на страна“.
Сега сме се’ поблиску до војна. Не мислам дека тоа значи окупација на Украина. Најверојатно, тоа ќе значи артилерија од долг дострел, воздушни напади и слично, како обид да се деградираат украинските сили и така Западот да се доведе во сериозни преговори. Досега минуваа низ предлози, но мора да се постигне некаков вид договор. Кубанската криза беше решена со концесија за двете страни да си го зачуваат образот. Денес ни требаат движења кои не само што ќе го зачуваат образот, туку ќе бидат и конкретни.
Илустрации: Tom Janssen
Извор: Jacobin mag