Свесност за смртта и други неверојатни примери на животинска интелигенција

08.02.2022 14:54
Свесност за смртта и други неверојатни примери на животинска интелигенција

Истражувањето за внатрешниот живот на животните - нивните чувства и мисловни процеси – е на самиот почеток. Најчесто биолозите и бихејвиористите претпоставувале дека интелигенцијата на животните може да биде уредно хиерархиски организирана. Хомо сапиенсот беше поставен на самиот врв, а веднаш по него приматите. Потоа следеа другите цицачи, птиците, рептилите и инсектите.

Во 1960-тите, нова генерација истражувачи ја поттикна академската заедница да ја разгледува интелигенцијата на животните во поширока рамка. Тие сметаа дека конвенционалната дефиниција за интелигенција – склоп на свест и капацитет за апстрактна мисла - е премногу специфична за нашиот вид. Бидејќи секое животно следи сосема поинаква еволутивна траекторија, интелигенцијата треба да се мери во релативни наместо во апсолутни термини.

Во децениите што следеа, различни технологии кои овозможуваат да ги набљудуваме животните во подолги временски периоди без да ги нарушиме нивните вообичаени рутини, открија пософистицирани однесувања отколку што претходно се веруваше дека многу видови можат да имаат.

Во Мелбурн, дронови со далечинско управување им олеснуваат на истражувачите подобро да ги разберат шаблоните на размножување на китовите. Во меѓувреме, вештачката интелигенција учи да ги разбира, следи и предвидува движењата на организмите.

Без оглед на нашето брзо менувачко сфаќање за животинската интелигенција, таа најдобро се препознава кога однесувањето на животното наликува на нашето. На пример, се смета дека слоновите се сеќаваат и се враќаат на гробиштата на починатите членови на нивното стадо. Студија од 2019 година откри дека тие покажуваат и необичен интерес за мртвите тела на други слонови, што опстојува во текот на фазите на распаѓање – тоа ја сигнализира нивната фасцинација од смртта и можеби дури и навестува свест за сопствената смртност.

Делфините се особено популарни објекти за истражувањата на интелигенцијата. Уште во 2006 година, истражувачите се сомневаа дека овие водни цицачи користат свирежи кои делуваат како замена за имиња, при што на секој член на групата му се доделува единствена фреквенција на свирежот.

Додека многу инсекти комуницираат преку феромони кои секогаш ги поттикнуваат истите, однапред одредени одговори, комуникацијата на делфините – слично како и човечкиот јазик - изгледа пофлексибилна и зависна од контекстот. Студија од 2017 година утврдила дека делфините во Лагуна во јужен Бразил развиле специфичен акцент по повеќе од 100 години постојана интеракција со локалните рибари.

Манифестациите на висока интелигенција не се ограничени само на цицачите. Многу птици, вклучително и папагалите, се организираат во сложени социјални групи каде што членовите се различно третирани во зависност од нивниот меѓусебен однос, однесување што укажува на способност за асоцијативно учење, што е еден од неколкуте маркери на интелигенција. Понатаму, инсектите, колку и да се мали нивните мозоци, поседуваат цел репертоар импресивни когнитивни вештини, од употреба на алатки и препознавање лица до нумеричка компетенција и учење преку набљудување.

Еволуцијата на животинската интелигенција

Препознавањето на интелигенцијата е едно, но разбирањето од каде доаѓа е нешто друго. До неодамна, истражувачите веруваа дека развојот на когнитивните способности е донекаде уникатен за нашата еволутивна линија, која се протега од цицачите преку приматите, па до нас. Сега, истражувањето ја доведува во прашање оваа хипотеза. Новооткриени сличности помеѓу структурата на нашиот мозок и мозокот на цефалоподите, на пример, сугерираат дека интелигенцијата би можела да биде производ на конвергентна еволуција - односно, цел до која може да дојде секој вид се’ додека е подложен на вистинските притисоци од окружувањето.

Истражувањата сугерираат дека интелигенцијата воопшто не е хиерархиски организирана, туку е дистрибуирана на различни начини низ животинското царство. Имено, анкета од 2020 година покажа дека повеќето животни покажуваат „исклучителни вештини во поединечни когнитивни домени, додека во други имаат слаби перформанси“. Шимпанзата, на прмер, имаат подобра краткорочна меморија од луѓето, веројатно затоа што краткорочната меморија е покорисна во дивината, каде на дневна основа и во рок од секунди мора да се носат одлуки за живот или смрт.

Проучувањата за интелигенција на животните во голема мера црпат од развојот на невронауката. Познато е дека многу животни поседуваат семантичка меморија - способноста да се поврзе една работа со друга, како болката од убод од пчела со здогледувањето на пчела. Сепак, неодамнешни студии сугерираат дека некои животни како стаорци и гулаби се способни и за епизодна меморија - способност да се присетат на претходни искуства накратко преживувајќи ги во своите умови.

Интелигенцијата е поврзана и со други ментални квалитети кои долго време се сметаа за изразито човечки, вклучително и самосвестa. Повеќето големи мајмуни веќе ја демонстрираа својата способност да се препознаат себеси во огледало, а исто така и делфините и слоновите. Во минатото, макаки-резус мајмуните беа успешно научени да го препознаваат својот одраз иако не се природно склони кон тоа, што укажува дека, можеби, самосвеста е вештина што може да се истренира.

Излегува дека е уште потешко да се открие како се чувствува животното отколку да се открие како размислува. Студиите, делумно поттикнати од се’ почестите повици од активистите за права на животните, потврдуваат дека сите 'рбетници се способни да искусат болка поради сличностите во нивните нервни системи. Сепак, повеќето од овие студии се фокусирале исклучиво на тоа дали животните можат да искусат негативни емоции, наспроти позитивните, што значи дека сè уште има многу непознати нешта за нивниот внатрешен живот.

Континуирано сме воодушевени од нивото на когнитивна сложеност што го покажуваат животните. Модерната технологија и теоретските рамки конечно ни дозволуваат да гледаме со одредена прецизност, и иако потрагата започна пред неколку децении, веќе откривме повеќе сличности меѓу животните и нас, отколку што очекувавме.


Извор: Big Think