Еве зошто го мразиш својот роденден

09.02.2022 02:08
Ова е причината зошто го мразиш својот роденден

Можеби се чувствуваш прекрасно на својот роденден. Ако е така, браво за тебе, не мораш да го читаш овој текст. Сепак, некои луѓе не сакаат да го слават денот кога се отелотвориле на планетата, и често семејството и пријателите не ги разбираат, зашто само сакаат да ја изразат нивната љубов.

Ако, пак, си личност која се чувствува непријатно на својот роденден, не си единствениот. Лусија Монтеси, клинички психолог и психотерапевт од Масерата на југот од Италија, вели дека тоа што не сакаш да се прославува твојот роденден не е ништо лошо. Монтеси вели дека постојат многу причини заради кои некој не би сакал да го слави својот роденден; некои од нив се личните особини, а некои личната историја, па дури и социјалниот притисок.

Прво, родендените се време на авторефлексија, нè потсетуваат на нашето место во светот. Тие „ги будат емоциите, очекувањата и рефлексиите, но и разочарувањата“, вели Монтеси. „Тие се тест за емоционалните состојби на луѓето и врските што ги имаат во тој момент од животот“. Родендените често се повод за да се помирите со минатото, сегашноста и иднината, што може да предизвика негативни емоции, па дури и симптоми на депресија, во зависност од нивото на задоволство во животот.

На пример, тој ден може да ве потсети на „родендените од тешкото детство или на непријатна семејна атмосфера од минатото“, објаснува Монтеси. Ова вклучува и присетување на комплицираните односи во животот или може да ве растажи фактот дека веќе не сте блиски со некои луѓе.

Исто така е можно и до неодамна секогаш да сте ги сакале своите родендени, но сега ги мразите. Можеби е во прашање тежок период - можеби сте болни, или сте изгубиле некој близок, или можеби работата.

Стравот од стареење исто така може да одигра улога. „Нашата култура ја преувеличува важноста на младоста, убавината и ефикасноста како критериуми кои ја одредуваат вредноста на личноста, како и нивната способност да бидат ценети, па дури и сакани“, наведува Монтеси. „Затоа не изненадува што стареењето, кое е неизбежно видливо на роденденот, не го гледаме како нормален процес.“

Ваквиот страв од стареење често е проследен со општествени очекувања нешто да постигнете до одреден момент. „Имаме тенденција своите цели да ги базираме на годините. 'Сакам да дипломирам до 25 години, да се оженам до 30, а деца да имам на 35, додека професионално ќе напредувам пред четириесеттиот роденден'“, вели Монтеси. „Заокружените бројки често создаваат илузија за некоја цел, иако во реалноста тоа се само обични бројки.

Доколку пак не ги исполните ваквите очекувања (а можеби дури и ако ги исполните), постои шанса дека себеси ќе се споредувате со луѓето за кои верувате дека се поуспешни од вас, без да се продлабочувате во нивните животни околности. Ваквите споредби можат да бидат екстремно болни и да направат да ја изгубите од вид пошироката слика, објаснува Монтеси.

„Нашата лична сатисфакција и вистинските аспирации често одат во спротивни насоки во однос на општествените стандарди, различно темпо и на различни начини“, вели таа. „И покрај тоа, често ни е тешко да размислуваме за нашите автентични емоции, желби и очекувања и се фокусираме на она што другите го очекуваат од нас, како и на тоа дека ќе нè осудуваат.“

Уште една причина заради која можеби не го сакаш својот роденден е тоа што не сакаш да бидеш во центарот на вниманието. „Доколку сте срамежливи или интровертни, можеби не сакате баш сите да ве гледаат. Доколку сте мошне чувствителни, можеби ваквите ситуации ви се премногу стимулирачки“, вели Монтеси. Некои луѓе се срамат кога добиваат подароци, пораки или генерално внимание. „Некои луѓе секогаш сакаат да чувствуваат дека сè е под контрола, не сакаат изненадувања или идејата дека ќе им пропадне забавата“, вели Монтеси.

Доколку страдате од социјална анскиозност, забавите можат да ви наметнат чувство на обврска. Освен тоа, не сакаат сите да се мешаат во друштво. Можеби некои аспекти од својата личност ги покажувате само на одредена група луѓе, додека не го правите тоа пред други. Или можеби групите со кои се дружите не се сложуваат, па мора да глумите водител цела вечер.

Сè на сè, можеби не сакате да го славите својот роденден за да се спасите од разочарувања. Можеби луѓето околу вас не ви пружаат доволно љубов. „Некои луѓе, кои инаку не го сакаат својот роденден, впрочем очекуваат внимание од одредени луѓе кои им се важни“, вели Монтеси. На пример, може да се случи да им биде тешко ако не им се јават родителите или некој член на семејството тој ден, што потоа предизвикува воопшто да не сакаат да го слават својот роденден.

Во секој случај, не постои вистински или погрешен начин за да се прослави роденденот. Тоа е ден како и секој друг и може да биде посебен ако сакате. Сепак, можете и да останете дома, да го исклучите телефонот и да ги избегнувате пораките.

„Без разлика дали славите или не, поминете го роденденот со луѓето кои ги сакате и уживајте најмногу што можете, зашто така побрзо ќе помине денот и ќе ви биде полесно доколу сфатите дека е најважно да се слушате себеси и да ги прифатите своите чувства“, заклучува Монтеси.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Lisa Vaccino

Извор: https://www.vice.com/

Слични содржини

Психологија / Живот
Книжевност / Психологија / Живот
Психологија / Живот
Психологија / Наука / Живот
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Книжевност / Психологија / Живот / Култура

ОкоБоли главаВицФото