Играрија со сценарија (Скица за серија)

09.02.2022 16:47
Играрија со сценарија

 

Серијата е за котерија од масонерија која завладува со град-империја (со име Ниберија) за да ја контролира флуоресцентната материја која се шири низ целата прерија што започнува веќе на градската периферија. Инаку, среде преријата се наоѓа границата меѓу Ниберија и непријателската територија по име Бурагија.

Симбол на серијата: мистрија.

Има елементи на мистерија, езотерија и геостратегија. Ги прикажува суеверијата и сеопштата мизерија на селаните што живеат во блиската прерија, во страшната гранична зона меѓу Ниберија и Бурагија, каде што се наоѓаат рудниците со флуоресцентната материја.

Дејството (како во ноар филм) почнува во дрогерија (со име Идадија), на градската периферија: во дрогеријата влегува „муштерија“, човекот со паларија; во покрупен план гледаме: човекот има скината артерија. Паѓа. Дрогеристот мистериозниот човек веднаш го одвлекува (сигурно не од педантерија) во некоја просторија позади, можеби канцеларија, со мала трпезарија.



Човекот со паларија дошол од преријата (каде што маларија и дифтерија ги косат дивите селани) или од блиската рафинерија каде што можеби имало хаварија? Наоколу имаме расфрлана каросерија, железарија, импровизирана ѕидарија...

А можеби човекот со паларија доаѓа од геријатрија или психијатрија, такуѓере распоредени околу рафинеријата, како и блиските опсерваторија и камбанарија.

На истата плоштина (како во „Догвил“) распоредени се и фазанерија, оранжерија и кафилерија, со цела менажерија кучиња кои скитаат околу затруените пространства на рафинеријата.

До дрогеријата, пак (како во вестерн, и во симетрија), има парфимерија, веднаш до неа кафетерија, па пицерија, па галерија со бижутерија, галантерија и позаментерија.

Тука, пред парфимеријата и дрогеријата, како некаква алегорија (или апотеоза, или обична патетична кокетерија) на крај се појавуваат Глорија и Викторија.

„Лудорија е сево ова“, вели Глорија.

„Не“, вели Викторија, „ова е играрија со сценарија.“



ТРИВИА (една пикантерија и една козерија)

1) За сцената на селскиот бунт (жакерија) против империјата Ниберија (завладеана од котеријата масони) да се ангажира жандармерија со кавалерија. Да се консултира и инженерија за тешка машинерија (пример: една батерија со артилерија).

2) На таписерија во галеријата (нека биде цела драперија) во бошовски стил да се прикаже масовната хистерија на селаните предизвикана од бактеријата (можеби создадена во рафинеријата) што ја дава сосема измешаната клиничка слика на: дифтерија, дизентерија и маларија. Таа хистерија ги води селаните во мизерија и, следствено, жакерија.



Слики: Алексей Андреев

 

Слични содржини

Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански
Пандалф Вулкански

ОкоБоли главаВицФото