1022 hPa
49 %
18 °C
Скопје - Пон, 07.09.2026 22:59

Потонати во густата магла и ноќта, белите камени кубуси го потврдуваат своето присуство во Градскиот парк дури откако ќе им се приближам. Овие кубуси некогаш беа постаменти за бисти кои сега ги нема.
Не си спомнувам кога точно исчезнаа, не си спомнувам дали сите бисти ги снема наеднаш или исчезнуваа постепено, но знам дека тоа се случи откако Република Македонија ја прогласи својата независност. Не си спомнувам ни дали имаше истрага, но знам дека никогаш не беше соопштено каде завршиле Крсте П. Мисирков, Кочо Рацин, Никола Вапцаров, Коле Неделковски, Орце Николов и Цветан Димов. Дали ги продале на некој отпад како „старо железо“? Каде и во што ги претопиле? Никогаш не дознавме дали исчезнувањето на бистите беше дело на криминалното или политичкото подземје. Или, можеби, криминалното подземје било инспирирано и менторирано од политичкото?
Како и да е, деновиве обезглавените постаменти изгледаат сенишно потонати во маглата. Осамени и заборавени, тие се неми сведоци на нашата некултура која знае да произведе и вандализам. Дали парчињата железна арматура кои како антени стрчат од постаментите ни испраќаат некакви пораки? За залудноста и бесмисленоста на жртвувањето и идеализмот во македонската историја? За леснотијата со која кај нас се пишува, препишува и пребришува? За колективната амнезија, резултат на идеолошката исклучивост, игноранството или просто алчноста? Велат дека ампутираната нога и рака болат долго по ампутирањето. Телото го чувствува отсуството. А умот? Дали умот го чувствува отсуството? Дали боли ампутираната меморија?
Колкумина градски и општински татковци од сите партии се сменија во бараките кои се наоѓаат само стотина метри од обезглавените постаменти?
Не е можно да не забележале дека им фали дел од историјата. Обезглавените постаменти на народните херои, скопјаните Цветан Димов и Орце Николов, гледаат директно во бараките на градската власт. Што ли мислеле Фуфо, Пенов, Трифун? Што мисли Коце? Што мислеле Грчев и Аларова? Што мисли Тодоровиќ? Ги вртеле главите? Одмавнувале со рацете? Си ја префрлале одговорноста? Си ги гледале интересите?
Каков е гревот на шестемина чии постаменти никако да ги дочекаат своите бисти? Биле комунисти? Но, Мисирков не бил комунист. Бил Македонец, како и другите петмина. Неодамна во анкетата на „Глобус“ беше прогласен за најголем Македонец. Треба ли да се потсетуваме на делата на Рацин, Вапцаров и Неделковски? Кому расправаат за потребата да се брани македонскиот идентитет? Кому расправаат за потребата од национално единство и за надминување на разликите? Кому расправаат за патриотизам? Кому и кој расправа? Тие што го преместија споменикот на Мисирков на буниште, свртен кон бетонската ограда зад која се гради портата на триумфот на новокомпонираната историја на Македонија? Тие што сопствената грандоманија ја ѕидаат со парите прибрани од народот, милум и силум? Тие што можеа да ги излеат шесте бисти само со бронзата потрошена за опашките на четирите лава на мостот „Гоце Делчев“? Тие што уриваат кога божем градат? Дојденците кои можат да се пофалат само со сопственото варварство?

Низ маглата, на дваесетина метри од „музејот на македонскиот заборав“, зад накривената ограда, се наѕира бетонскиот скелет на она што си го додели Трифун кога беше градоначалник. Го урна стариот „Кермес“, еден од маркерите на Скопје, она Скопје што имаше душа. Се разбира, на тоа му претходеше неколкугодишно запуштање и растурање на „Кермес“, ресторанот во кој скопските фамилии одеа на ќебапчиња. Наместо како градоначалник да го брани градот и неговиот дух, Трифун го бранеше својот профит. И не беше сам во тоа. Компањони му беа претходните гарнитури градски татковци. Трифун тврди дека ги имал сите дозволи и дека ги испочитувал сите прописи. Верувам, човекот беше градоначалник. Но, и над прописите има прописи. Идилата со власта пропадна и сега стрниште го „краси“ влезот во паркот. Од бетонските столбови стрчат парчиња 'рѓосана железна арматура. Какви ли пораки испраќаат тие антени?
На другата страна, кај езерцето, низ маглата се наѕира бедната урнатина на станицата на малиот воз што беше атракција на Скопје. Комунистите го укинаа возот и ги кренаа шините, а потоа дојдоа новите варвари, оние транзициските. Мала им беше зградата на станицата, па ја поклопија со тони железо. Два пати власта уриваше, два пати сопственикот креваше. Велат дека не сакал да плати колку што му барале за да замижат. Најпосле, крена раце. Железото што можеше да се однесе, го однесоа. Веројатно заврши во некој отпад. Се надевам, не во истиот во кој завршиле шесте бисти.
Во маглата одвај се забележува дека ја нема и старата чешма, онаа кружната, онаа околу која секогаш имаше деца и продавачи на семки и балони. Нејзиното исчезнување само ја потврдува јанѕата дека постои намера да се рекомпонира меморијата за Скопје кога беше град. Дали обезличувањето на паркот е колатерална штета на проектот „Скопје 2014“? Што е прво, кокошката или јајцето? Тоа веќе не е важно. На Скопје му се изнаредија транзициските варвари кои успешно ги набркаа скопјани од Скопје. Плоштадот го одбегнуваат, бегаат од тарабите, па во паркот бараат засолниште. Таму барем има дрвја.
Барем засега. И во маглата.
Во „Амаркорд“ на Фелини има една антологиска сцена во која маглата ја заробила Италија со која владее Дуче. Луѓето талкаат низ неа, се довикуваат, се бараат и не можат да се најдат, губат ориентација. Таква е и нашата магла, онаа околу нас и онаа во нас. Обезглавени, се изгубивме во неа и никако да ѝ го најдеме крајот. Маглата лаже. Маглата оддалечува, ги затапува сетилата, видот и слухот. Маглата го заматува умот, па ни се чини дека она што им се прави на тутунарите и во А1 се случува некаде далеку и затоа не нè засега. Маглата го голтна млекарот Душко Илиевски, маглата ги голта тутунарите Владо Петрески и Кире Неделковски, маглата ќе ги голта сите, таа е слепа за партиските книшки.
Извор: Шпиц, 12.01.11.
слики: Zsolt Bodoni
Добар текст. Убав пресек на
Испратено на 14 јануари 2011 од PragmanonДобар текст. Убав пресек на перверзниот однос сами кон себе и сопствената историја. Некако во паркот последните 20 години сите оставија трага од својата поганост и тоа проаѓа скоро незабележано.
Дневнополитичката поента на крај е вишок, за жал. Несоодветно е ставањето на сомнителните ликови во ист контекст со делата на погоренаведените дејци. Некој од нив, а пред се А1 може да се вбројат во креаторите на маглата.
Се надевам почесто ќе добиваме вакви авторски текстови а помалку политиканство.
Баци, дај бе некој динар, ај
Испратено на 15 јануари 2011 од Анонимен БациБаци, дај бе некој динар, ај ќе му псујам влада.